Достапни линкови

Антикорупциска ќе отвори предмет за грантот од ФИТР за фирмата на Заревски


Илустрација
Илустрација

Фирмата на поранешниот функционер на СДСМ, Заревски доби грант од Фондот за иновации, а Антикорупциска ќе истражува дали имало злоупотреби при доделувањето. Од ВМРО-ДДПМНЕ обвинија дека фондот ги троши парите недомаќински. Од фондот велат дека се мониторира секое потрошено евро.

Државната комисија за спречување на корупција ќе отвори предмет за евентуални злоупотреби при доделувањето на грантот на фирмата Солар груп од страна на Фондот за иновации и технолошки развој-ФИТР, велат од институцијата за РСЕ. Фирмата е во сопственост на Рубинчо Заревски, кој беше директор на Фондот за здравство за време на владеењето на СДСМ.

Фирмата на Заревски аплицирала на повикот- Стартапувај 3 со проектот „Фарма Аналитика“. Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 44 илјади евра. Од сопствено финансирање, фирмата ќе вложи околу 6000 евра, а останатите 38 илјади евра ќе бидат обезбедени од ФИТР.

Во описот на проектот се наведува дека има за цел креирање на ПАН- иновативен паметен пребарувач и дигитална платформа, со која ќе се одговори на аналитичките потреби на фармацевтските и здравствените компании (закони, прописи, цени на лекови итн) во Македонија, со висок потенцијал да се прошири и на земјите од регионот. Процесот во моментов се води сo рачно пребарување на податоците а ПАН-проектот целосно ќе го автоматизира и интегрира процесот и собирање на податоци. Освен тоа, ќе ја оптимизира работата за пресметки на цените на лековите во денарска противвредност, ќе ги елиминира грешките, ќе ги намали трошоците и ќе го подобри процесот на планирање на сите учесници во секторот за фармација.

„Фондот за иновации работи полошо од било кога ги троши парите недомаќински, полошо од било кога и од било која институција на СДСМ.

Најголем дел од проектите кои се поддржуваат, се проекти кои се залудно потрошени пари од страна на овој Фондот за иновации, пари на граѓаните“ реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Арсовски информираше и дека грантот кој е доделен за рецепт за пица пинса романа во вредност од околу 40 илјади евра е проект поддржан од човек познат како Миле Милановиќ и, според него, најголем промотор на премиерот Зоран Заев, и дел од претходно раководството на СДСМ на Струмица.

Од Фондот за иновации возвратија дека е жално е што опозицијата, наместо да ги мотивира младите да отворат успешни стартапи и да ги реализираат своите соништа, како што наведоа во соопштението, вметнува политика во сфера која е комплетно ослободена од политичките влијанија.

„ФИТР е единствена институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. Процесот на мониторинг го водат дури 5 интернационални компании. Како што повеќе пати сме информирале, никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот на селекција на компаниите кои ќе добијат финансиски средства“, соопштија од фондот.

Не е прв пат ФИТР да додели грант на фирми блиска до јавни функционери. Грантови претходно добија фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и поранешниот пратеник на СДСМ Хари Локвенец. Потоа фирма на снаата на тогашната советничка за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова, како и фирма во кој малцински сопственик беше Мерита Адеми, член на потесно семејство на Асаф Адеми, кој тогаш беше министер за култура.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по тогашните објави во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови оформи предмет по допрен глас. Од обвинителството не одговорија до каде е истрагата за случајот и дали покренале постапка за грантот за фирмата на Заревски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG