Неколку испукани куршуми кон косовската полиција и фрлена шок бомба кон патрола на ЕУЛЕКС го покрена алармот во Косово, по што Советот за национална безбедност се состана. Курти на прес конференцијата по состанокот изјави дека Србите се граѓани на Косово и дека треба да се оградат од криминалните групи и режимот на Вучиќ „кој ги финансира и бара војна“.
Видете и ова: Пукано врз полицијата во северно КосовоТој ја обвини Србија дека сака да го загрози територијалниот интегритет на Косово и да го дестабилизира целиот балкански регион. Посочи дека косовски институции ќе останат будни за да се овозможи воспоставување мир, безбедност, законитост и уставност.
„Ние не сме против никого врз основа на етничката припадност, туку на однесувањето и постапките на поединци или групи, во однос на владеењето на правото во Косово“, изјави Курти.
Курти побара од КФОР да гарантира слобода на движење на северот на Косово.
„КФОР бара некое време да ја заврши оваа работа [отстранувањето на барикадите] и чекаме“, рече тој по состанокот со Косовскиот совет за безбедност.
Неколку инциденти во текот на ноќта
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла изјави дека во текот на ноќта на 10 декември биле подигнати шест барикади во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Според него, барикадите биле поставени по приведувањето на поранешниот полицаец, Дејан Пантиќ, со цел , како што вели, да се спречи транспорт на приведениот Пантиќ кон југ, по одредената мерка притвор од 48 часа.
Тој додаде дека вечерта на 10 декември демонстрантите испукале неколку куршуми на што полицијата возвратила во близина на браната Ујман.
„На некои локации беа фрлени шок бомби, додека полициските единици разменија оган со некои криминални групи по серијата напади организирани од овие групи, во близина на браната на Ујманското езеро. По размената на оган, ситуацијата е ставена под контрола и е под засилено набљудување“, вели Свечла.
Министерот додаде дека граничните премини Јариње и Берњак се уште се затворени од безбедносни причини.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во општините на северот на Косово, каде мнозинството се Срби, во текот на вчерашниот ден беа подигнати барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Во текот на ноќта косовската полиција соопшти дека во три наврати од различни локации од демонстрантите било пукано кон полицајците.
Дополнително и Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека врз нивно патролно возило била фрлена шок бомба. Барикадите со неколку камиони на северот на Косово продолжи и денеска.
ЕУ и САД го осудија нападот со шок бомба врз ЕУЛЕКС
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел повика на отстранување на барикадите и деескалација.
„ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север“, напиша шефот на европската дипломатија на Твитер.
„Групите на косовските Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мирот мора да се врати. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнат ескалација“, напиша Борел.
Од мисијата ЕУЛЕКС нагласуваат дека нападот врз нивните единици, како и врз полицајците на Косово е неприфатлив.
Амбасадорот на САД во Косово, Џефери Ховениер, го осуди нападот со шок бомба врз набљудувачката патрола на ЕУЛЕКС и побара одговорните да бидат казнети.
„САД му се придружуваат на ЕУЛЕКС во остро осудување на синоќешниот напад врз патрола на ЕУЛЕКС. Насилните напади врз косовската полиција и персоналот за меѓународна безбедност се неприфатливи и одговорните мора да одговараат преку косовскиот правосуден систем“, напиша Ховениер на Твитер.
Курти - Изјавите на Вучиќ се закана и воена агресија
Видете и ова: Брнабиќ повика на смиреност по инцидентите на северот на КосовоСрпскиот претседател Александар Вучиќ најави правна битка и барање до КФОР да одобри Србија да постави свои илјада војници и полицајци во северот на Косово, повикувајќи се на резолуцијата 1244.
На ова реагираше косовскиот премиер Албин Курти кој таквата најава ја оцени како закана и воена агресија.
„ Но, дозволете ми да бидам јасен: Република Косово ќе се брани - со сила и одлучност“, напиша Курти на Твитер.
Српската премиерка Ана Брнабиќ пак, смета дека Курти не ја разбрал пораката на Вучиќ.
„Она што премиерот на Косово, Албин Курти, го доживува како закана се нашите континуирани повици за мир и стабилност, отворен и искрен дијалог, почитување и целосно спроведување на сите договори постигнати досега“, напиша на Твитер Брнабиќ.
Таа денеска повика на смиреност и трпение по синоќешните инциденти на северот на Косово каде што демонстранти направија блокади со камиони.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.