Индиции за корупција за време на пандемијата

Илустрација.

Глобалната криза предизвикана од пандемијата на Ковид -19 носи и ризици за злоупотреби и затоа Коалицијата на Обединетите нации за борбата против корупцијата (UNCAC) ги повикува владите во светот да обезбедат висок степен на транспарентност во справувањето со кризата за намалување на последиците предизвикани од корупција и измами.

Ризици постојат и во Македонија и на тоа укажуваат од организацијата Транспаренси Интернешнл – Македонија која е членка на Коалицијата UNCAC. Меѓутоа организацијата посочува дека нема соодветна реакција од страна на одговорните институции и покрај индициите и нивните сознанија за спроведувањето на одредени владини постапки, односно за нетранспарентност во постапките и „непочитување на никаков редослед во постапувањето.“

„Имаме многу индиции и инфорамции за тоа дека можат или дека веќе постојат злоупотреби на позициите и на одредени состојби создадени со оваа пандемија“, вели Слаѓана Тасева – претседател на Транспаренси Интернешнл - Македонија.

Тасева објаснува дека состојба на пандемија или вонредна состојба отвора многу можности за носење на брзи и дискрециони одлуки на една група на луѓе (техничка влада или влада), без поширока јавна консултација и коишто обезбедуваат многу можности за дискреционо одлучување, односно одлучување кое остава можност понатаму да се продлабочува делувањето по основа на интерес или влијание.

Видете и ова: „Рекет“ финишира, клучните прашања висат

„Почнува со дискреција и продолжува понатаму со склучувања на непосредни договори, значи нели тука имаме користење на хотели, превози, набавки на различни работи коишто се прават по брзи постапки и коишто исто така обезбедуваат можности за дискреција, а дискрецијата веднаш претставува голем ризик од злоупотреба“, вели Тасева додавајќи дека постојат повеќе можности за појава на ризик од корупција, почнувајќи од тоа како се носат владините уредби.

„Ние и уредбите со законска сила ги анализираме од аспект на тоа дали постои ризик од корупција во самите уредби“, вели Тасева.

Таа објаснува дека токму затоа Конвенцијата на ОН за борбата против корупцијата и оние кои го следат нејзиното спроведување на глобално ниво, повикуваат многу повеќе да се внимава на одредбите од таа конвенција при справувањето со кризата на Ковид – 19.

Во научните дефиниции корупцијата претставува злоупотреба на службената положба за остварување на незаконска приватна добивка, а форми на корупција се поткуп, изнуда, протекции, непотизам, мито, проневера на пари...

На зголемените повици од домашните и меѓународните институции за поголема транспарентност, отчетност и одговорност на властите при итните набавки поврзани со коронавирусот, како и зголемен мониторниг и контрола од страна на државните органи и граѓанскиот сектор, укажуваат и од Центарот за граѓански комуникации - граѓанска организација која меѓу другото е фокусирана на мониторинг на државните институции.

Оттаму посочуваат дека со кризата се наметнува потребата за итни набавки на стоки, услуги и работи за превенција од ширењето на заразата и дека затоа јавните набавки се спроведуваат по скратени и забрзани процедури, со што се зголемуваат ризиците од случајни и намерни грешки и кај тие што набавуваат и кај тие што продаваат.

Видете и ова: Ревизија во Обвинителство - се доцни со реформите

Наодите од третиот извештај на Центарот за граѓански комуникации за итните јавни набавки поврзани со заштита на новиот коронавирус, покажуваат дека вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот досега надминува 3,2 милиони евра при склучени 142 договори, но дека дури 71 процент од склучените договори отпаѓа само на пет фирми.

„За повеќе од половина од склучените договори (59%) институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач“, се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Дали корупцијата е приоритет?

Борбата против корупцијата требаше да биде едно од суштинските исполнувања за демократскот владеење и една од највисоките цели во измиативе години, како еден од главните недостатоци и слабости во македоското општество, како што беше наведено и во извештајот на пензионираниот директор во ЕК Рајнхард Прибе, кој беше напишан во 2015 година.

Во Извештајот во кој се наведени наоди кои покажуваат сериозни инциденти на политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини, беше посочено дека борбата против корупцијата треба да стане врвен приоритет за земјата, но и дека проблемот е доволно значаен за посебен извештај.

„Покрај специфичните прашања кои произлегуваат од тековната криза, предизвикана со скандалот со следењето на комуникациите, кој е примарен фокус на овој извештај, корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата“, беше наведено во извештајот на Прибе.

Тасева смета дека не се забележуваат посериозни случувања во борбата против корупцијата, посочувајќи дека „на сила“ бил донесен Законот за спречување на корупцијата, но вели дека тука запрела работата.

„Ние имаме закони и институции, сме ги ратификувале сите меѓународни конвенции, меѓутоа немаме имплементација на законите и институциите се апсолутно неефикасни во борбата против корупцијата. Новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) добија и нови надлежности со новиот закон, но веќе година ипол Владата не им обезбеди услови за спроведување на тие надлежности“, вели Тасева.

Видете и ова: Балкански феномен „закони скроени по мерка“ на моќници

Оценка за работата на Државната комисија за спречуање на корупцијата даваат и од Платформата на граѓански организации во борбата против корупцијата.

Нивните истражувања за работата на Комисијата до крајот на 2019 година, покажуваат дека во неа се оформени 1.165 предмети од кои 299 се затворени, односно само 26 проценти од предметите.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ објаснува дека овој процент не треба да се земе како мереило за ефикасноста на Комисијата, бидејќи природата на работата на антикорупционерите не е секогаш брзо да ги затвораат предметите, но посочува дека ДКСК троши многу време за предмети кои е лесно да бидат брзо затворени.

„Клучната работа која е зебележана во нашето истражување е дека е потребно ДКСК да си ослободи простор да работи по своја иницијатива, бидејќи во моментов ДКСК најмногу работи на предмети коишто некој друг ѝ ги пријавува, што само по себе не е лошо, меѓутоа податоците покажуваат дека има многу предмети кои не се поврзани со корупција, а институцјата троши време да ги обработи тие податоци“, вели Поповиќ.

Дека заложбите за спречување на корупцијата и судирот на интереси сѐ уште се само декларативни, покажува и истражувањето објавено од страна на НВО Инфоцентар за антикорупциските политики и практики во општините.

Нивните податоци покажуваат дека дури 70 проценти од општините немаат никаков документ за антикорупција, а кај оние што имаат тие се стари документи кои не се ревидирани од 6 до 12 години. Во истражувањето се опфатени сите општини и градот Скопје.

Политиката не дозволува борба против корупцијата

Каде е коренот на корупцијата и дали и зошто македнското општество е корумпирано? Тасева не се согласува дека во македоснкото општество постои култура на корупција, посочувајќи дека прашањето е поврзано со алчности и интерес, а коренот го гледа во политиката, во крупниот бизнис и најмногу во банкарскиот сектор.

Таа вели дека политиката не дозволува борба против корупцијата и е во спрега со бизнисот и со финансиската олигархија.

„Политиката, бизнисот и финансиите се во спрега, а ние таа висока корупција не ја гледаме затоа што институциите немаат капацитет да ја истражуваат. Се гледа од надвор, оние држави коишто имаат можност да следат трансакции од Македонија, ни кажуваат што се случува овде, меѓутоа ако нема исход и завршница на некаква законска постапка во некаква законска постапка, статистички кај нас таков криминал не постои“, вели Тасева.

За тоа колку борбата против корупцијата е приоритет во Македонија покажува и ситуацијата со Специјалното јавно обвинителство, во кое по неговото формирање во 2015 година беа отворени 18 обвиненија, во кои меѓу другите, за корупција се осомничени високи поранешни и сегашни функционери во земјава, но пресуди засега има само за три предмети.

Во меѓувреме, институцијата беше укината откако ѝ истече мандатот, а власта и опозицијата не постигнаа договор за негово продолжување, а во октомври 2019 година Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против првата обвинителка на СЈО Катица Јанева, која е осомничена за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ во случајот „Рекет“ за кој ќе бидат изречени пресуди на 18 јуни оваа година.