Достапни линкови

„Рекет“ финишира, клучните прашања висат


Како високопрофилен случај како „Рекет“ завршува со само тројца обвинети, има ли одговорност и во власта како што тврди опозицијата, каде заврши чантата Луј Витон со милиони ипол евра како и што крие телефонот на Боки 13 се дел од прашањата што ги наметна овој предмет, прашуваат правниците.

Пратеници под контрола на бизнисмени и разузнавачи, вмешаност на бугарски разузнавачки служби, параполиција, милион ипол евра дадени за поткуп без прикажан доказ во судот за нивното потекло ниту за конечна дестинација се само дел од приказните кои обвинетите ги посочија како спорни во нивните завршни зборови во предметот „Рекет“.

По речиси 40 судски рочишта од високопрофилниот судски процес познат во јавноста како „Рекет“ во кој се обвинети шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јованоски познат како Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева стигна до самиот крај, но остави многу неодговорени прашања. Да потсетиме, овој случај ја бранува политичката сцена од минатото лето.


Чии аргументи ќе натежнат дали на обвинетите дека овој предмет е наместен со цел да се урне Специјалното јавно обвинителство или пак дека на обвинителката Вилма Русковска дека нејзината колешка го „рекетирала“ осомничениот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев ќе одлучи водечкиот судија на судискиот совет Весна Николовска-Масевска на 18 јуни.

Во меѓувреме, во јавноста се лицитира со тоа на колку години ќе бидат осудени обвинетите. Јовановски се товари за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека, Јанева се гони за злоупотреба на службената положба и овластување, нешто за кое во 2015 година доби задача како шеф на СЈО да гони криминал и прекршители на законот во функционерските редови.

Според обвинението, Јовановски и Милески земале милион и пол евра од Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот „Империја“, додека Јанева, земала 50 илјади евра и гарнитура вредна пет илјади евра.

Камчев во „Империја“ е осомничен за перење на 10 милиони евра заедно поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и уште неколкумина други бизнисмени за злосторничко здружение.

Кадиев: Рекет е измислен за спас на обвинетите од Империја

Милески уште на првото рочиште призна вина и за тоа доби 3 години затвор. Тој од слобода со оставена гаранција, ја чека правосилноста на пресудата.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека клучното неодговорено прашање е како во толку голем и високопрофилен случај Обвинителството гони само тројца и според обвинението апсолутно никој друг не учествува во ваков настан.

„Ова е чуден предмет во кој ваков настан може да заврши со само тројца обвинети, тоа е просто невозможно. Но обвинителството не покажа слух, а можеби ни доблест и храброст да ги расчепка работите до крај, и затоа е ситуацијата ваква, затоа имаме многу предмети кои не дадоа одговор, него го тргаме ѓубрето под тепих, кое секој ден се повеќе и повеќе излегува. Мислам дека сме дојдени до една точка во која за да се врати правната држава треба да одговараат сите кои згрешиле, без разлика на власт и опозиција,“ вели Давидовиќ.

Тој посочува дека овој предмет ја потресе државата, затоа што го урна специјалниот обвинител кој имаше голема поддршка, поради кого Шарената револуција излегуваше на улици и се очекуваше да донесе пресвртница во општеството.

„За жал обвинителката застана на страна на криминалот и оние кои ги гонеше и се најде на обвинителна клупа. Каде ние згрешивме?#, прашува тој .


Според него политиката е до толку навлезена во сите општествени пори и на очиглед на работите е легло на криминал.

Во меѓувреме, последните рочишта во судот за предметот „Рекет“ отворија и нови прашања.

Што крие телефонот на Боки 13?

Боки 13 во својот завршен говор обвини дека неговиот телефон не е вештачен цел за да не се видат разговори и пикантерии кои ги чувал во него но ги има и на посебно УСБ - како што се разговори на поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

„Јас сум сведок и бев – тоа може да се провери многу едноставно доколку има некој интерес да го провери – на 10 ноември 2018 во точно 16 часот во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев. Сабота како ден. Тогашниот премиер ми кажа дека голема штета направила Катица Јанева со отварање на предметот „Империја“ поради Сашо Мијалков и Јордан Камчев бидејќи имале пратеници кои им требале за да му гласаат уставни измени“, рече Боки во судницата.

Тој потенцираше дека Заев барал помош од Камчев кој е осомничен во случајот „Империја“, затоа што тој како што рече во судницата, имал под контрола тројца пратеници кои требало да гласаат за уставните измени, а исто и Сашо Мијалков, кој исто така е осомничен, пак имал повеќе пратеници.

„Јас сум бил сведок каде лично им е ветувано олеснување ако го поддржат референдумското прашање. И на Сашо Мијалков му е вратен пасошот, па никој не прашува“, изјави Јовановски.

Телефонот на Боки 13 содржи и информации за сега осудениот Зоран Милески - Кичеец и за неговата улога во целиот случај, но во целиот процес откако тој призна вина и доби казна затвор од 3 години.

Остана неодговорено прашањето зошто клучниот сведок, осудениот Зоран Милески - Кичеец не беше повикан да сведочи, особено што сведокот Камчев и обвинетиот Јовановски во јавноста споделија две различни приказни за него.

Боки 13: Лажно обвинение засновано само на изјавата на Камчев

Тој во судницата обвини дека Камчев и Кичеец, како што го нарече „агент – провокатор“, постојано снимале незаконски и со тоа си обезбедувале политичка заштита, како и дека за таа цел соработувале и со бугарски разузнавачи.

Каде се парите од Луј Витон чантата?

Обвинетите во завршните зборови прашаа каде се парите, зошто обвинителството не им влезе во трага. Прашањето каде завршиле милион и пол евра за кои Камчев тврди дека во апоени од по 50 евра му ги спакувал и предал на првообвинетиот Боки 13 за да добие олеснителни околности во судот доби два одговора. Обвинетиот Боки 13 од судскиот пулт тврдеше дека денот кога е снимено видеото што беше објавено на Ла Верит, не знаел што има во торбата „Луј Витон“ и дека истата два дена откако Кичеец ја изнел од домот на Камчев ја вратил и дека со таа видео снимка бил наместен.

Но, обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови на јавноста и покажа фотографија која не може да се користи како доказ во постапката, на која како што тврди таа се гледа дека таа чанта завршила во домот на семејството на Јовановски. Боки во судот, пак,тврдеше дека не е таа торба туку станува збор за рачки од торба – кипл од „Луј Витон“ која е негова и од која покажуваше фотографии со таа чанта од патувања.

„Тоа што се гледа на фотографијата се рачки од моја кипл торба која нема врска со торбата што ја носи Кичеец откај Камчев”, вели Јовановски.

Адвокатката Ирена Фрчковска, како одбрана на Јанева, во судот посочи дека клучниот факт поради кој цел предмет е на стаклени нозе, според Фрчкоска, е што Обвинителството не докажа каде завршил милионот од фамозната Луј Витон чанта.

„Ние не видовме пари, ниту еден денар, се зборуваше дека имало милион ипол евра, каде се до сега ќе излезеа некаде“, изјави Фрчкоска.

Докази не видовме, тврди адвокатот на Боки-13

Според одбраната на Јанева во завршните зборови, недозволиво е да му се верува на сведокот Камчев дека извадил милион ипол евра од сметки, а при тоа да не се побара како доказ потврда за извадените пари.

Русковска vs. Боки 13 - торбата со пари заврши во домот на Бојан Јовановски

Единствениот доказ презентиран во Судот кој ја поврзува Јанева директно со пари се фотографија и кратко видео кое го снимил Боки 13. На сликата се гледа како таа седи на тросед покриена со ќебе, а на масата стои купче пари кои Русковска во обвинителниот акт проценила дека се 50 илјади евра.

„Ако беше шеќер на масата, Камчев ќе кажеше имало кокаин“, рече Јанева во завршните зборови.

Поткуп или Рекет, а можеби и двете ?

Бизнисменот Орце Камчев нудел поткуп или второбвинетата Јанева и првообвинетиотЈовановски преку сега осудениот Зоран Милески - Кичеец изнудиле мито од милион ипол евра за да ја му ја олеснат положбата на осомничениот Камчев во истрагата на специјалното обвинителство „Империја“ се паралелните приказни кои во судницата ги понудија обвинителството и обвинетите во предметот „Рекет“.

Камчев во истрагата на сега веќе поранешното СЈО „Империја“ е првоосомничен за перење на 10 милиони евра и злосторничко здружување со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неколкумина други бизнисмени. Тој во ноември 2018 година беше приведен, но по неколку месеци беше пуштен во домашен притвор, и му беше доделен и привремен пасош. Овој предмет произлезе од нелегално прислушуваните телефонски разговори поради кои се формираше и Специјалното обвинителство.

Камчев тврдеше дека „Империја“ е измислен случај за да биде рекетиран, додека Јанева пак, тврдеше дека Рекет е измислен случај за да се затвори „Империја“ и за да се урне СЈО.

„Тие се дно на дното. Орце сакаше да сведочи во други предмети. Тој е прљав играч кој мислеше дека со пари сите може да ги купи. Но со мене се зафркна“, рече Јанева во судницата.

Претходно, Камчев во сведочењето посочуваше дека бил жртва во целиот случај.

Камчев сценарист и глумец во „Рекет“, Јанева и Јовановски режисери на „Империја“

Во овој случај одбраната бара да не се земат в предвид нелегалните снимки кои протекоа во јавноста, поради новиот закон кој беше донесен пред две години, иако Јанева, како шефица на Специјалното обвинителство, беше надлежна токму за предмети кои произлегуваа од нелегално снимените телефонски разговори во најголемата афера за прислушување во земјата.

Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски. Претходно, во август обвинителството поднесе барање за притвор за тројцата обвинети.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG