Болничките капацитети се речиси пополнети, се прошируваат со нови, а мерките за спречување на ширењето на коронавирусот остануваат исти. Ова по состанокот на Комисијата за спречување на заразни болести го соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Ова е многу силен бран на вирусот, оптоварени се сите капацитети, рече министерот, кој детално информираше за сите болници во разни градови и најави дека забрзано се пополнува модуларната болница во Скопје па дополнителни 40 кревети се обезбедени во болницата во Козле и уште две одделенија во болницата 8 септември.
Се разгледува можноста да бидат ангажирани и дополнителни лекари приватни интернисти , министерството ќе го набавува и лекот Ремдесивир, а ќе се зајакне и капацитетот за тестирање за 350 дневно, рече министерот.
„Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет или некоја друга форма на мерки не треба да се имплементираат ниту да се препорачуваат. Уште еднаш апел сите да се придружуваат до овие мерки и така со сопствената одговорност ќе придонесат епидемијата да стивне“, рече Филипче.
Видете и ова: 350 повеќе ковид тестови во текот на денот, најави ФилипчеА кои се мерките кои министерот повикува да се почитуваат?
Да не може да се примат повеќе од четворица гости дома, да не може да се групираат повеќе од четворица надвор и да се носи маска на отворено се трите мерки кои чекаат да поминат во Собрание. Владата, пак, од минатата недела усвои три други мерки кои стапија во сила- услужниот сектор работи до 23 часот, еден час помалку од вообичаено, државната и јавна администрација да го организираат работењето од дома или во смени и ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто.
Во меѓувреме додека неколку дена е во сила едниот пакет мерки, а се чека поминувањето на вториот, во Македонија се забележа рекорд-22 починати за 24 часа, а бројките на новоинфицирани со коронавирусот цела седмица се движат од 400 до 640.
Потребен ли е полициски час?
Според професорот, микробиологот Никола Пановски и досегашните мерки се соодветни ако се спроведуваат, што нагласува дека во пракса тоа не случува. Но според него може да се преземе уште еден чекор кој би го спречил ширењето на вирусот, а нема да влијае силно на економијата.
„Мислам дека треба да се воведе полициски час од 22 часот како прва мерка. Тоа нема да делува директно врз економијата“, вели Пановски.
Инаку, истовремено, есенскиот бран во цела Европа зема замав. Поради високите бројки Чешка на пример одлучи три недели да бидат затворени продавниците, училиштата, рестораните, кафулињата и ноќните клубови, Словенија ги затвори рестораните, хотелите и трговски центри, холандската влада ги затвораи кафулињата и рестораните, а Шпанија и Франција воведоа и полициски час.
Видете и ова: Политичарите се караат, докторите апелираат- мерките час поскороВо Македонија, пак, мерките за коронавирусот се се уште тема за меѓупартиска дебата. СДСМ по неколкупати дневно ги обвинува кадрите на ВМРО-ДПМНЕ како поранешната дополнителна заменичка министерка во финансии Гордана Димитриеска Кочовска, која тврдат дека за време на предизборниот период го кочела заемот од Светска банка од 90 милиони, пари за опремување на болниците и раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое организирало масовни собири. ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со жестоки критики дека Венко Филипче е виновен, да си поднесе оставка, секојдневно бараат.
Измените утре на собраниска седница
Препирките се зголемија и откако минатата недела прво по барање на ВМРО-ДПМНЕ од дневен ред на собраниската седница беа тргнати измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, во кои не се внесени трите измени кои ги предложи владата, а планот на мнозинството е да се внесат преку амандмани. Но, ден подоцна, ВМРО-ДМПМНЕ рече дека ќе присуствуваат на седницата со што ќе обезбедат кворум за измените на законот да поминат во следна фаза и да стигнат во собраниската комисија за здравство каде што ќе бидат предложени амандманите со мерките.
Видете и ова: Џафери - Закони по брза постапка на штета на Собранието, но за добро на државатаОд тогаш и ВМРО-ДПМНЕ повикува да биде свикана седницата, а министерот за здравство Филипче секојдневно бара мерките да се донесат час поскоро. Претседателот на Собранието Талат Џафери пак рече дека нема намера да свикува седница само за една точка на дневен ред по скратена постапка, па измените на законот за заразни болести со кои треба да поминат и мерките можат да се најдат на седница во вторник за кога и така е закажана расправа и по други точки. Филипче повторно нагласи дека верува оти сите пратеници се свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓа земјата и дека ќе ги изгласаат измените брзо.