Прва жртва на коронавирусот во Македонија, пикот за еден месец

Министерот за здравство Венко Филипче

Педесет и седум годишна кумановска е прва жртва на коронавирусот во Македонија. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека таа била тестирана два пати за коронавирусот, а тестот бил негативен. Посмртно тестот бил позитивен, рече Филипче додавајќи дека ниту еден тест не е сто отсто сензитивен.

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва рече дека првата жртва од коронавирусот во Македонија, 57-годишна жена од Куманово била лекувана според стандардите и процедурите. Првпат во болница, рече министерот, се јавила на 16 март со покачена температура и без други симптоми и кашлица. И бил извршен преглед, по што наредниот ден дошле заедно со синот со покачена температура. И двајцата негирале евентуален контакт со заболен или патување во странство, рече министерот. Тој нагласи дека податоците ги добил од болницата во Куманово и од службата за епидемиологија од Центарот за јавно здравје.

„Веднаш биле поставени прашања од епидемиолошката анкета на што таа одговорила негативно, дека не патувала во странство, немала контакт со лице од ризичните земји. Дадена е терапија, пуштена е на домашно лекување. Следниот ден на 17 март дошла со синот и двајцата со покачена телесна температура и без кашлица. Повторно е направена епидемиолошка анкета на коишто е негирана каква било поврзаност со евентуален контакт со заболен, со странец или пак патување во странство според кажувањето на изворите од болницата во Куманово“, појасни министерот Филипче.

На 17 и 18 март примале терапија, повторно немале кашлица и третман добивале во дневната болница. Ден подоцна со потежок наод на белите дробови, со индикација за рендген снимка констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација и повторно биле тестирани за коронавирусот и бели негативни, објасни министерот. Тогаш и кај мајката и кај синот се земаат брисеви, материјал за корона тест и тие се негативни. Состојбата и се влошила на 21 март направени се обиди за реанимација, меѓутоа, за жал, тие се без успех по што пациетката починала, рече Филипче. Со оглед на тоа што и компликацијата настанала нагло и нетипично за некоја друга болест, додаде тој, земен е посмртен уште еден материјал којшто е испитан и е тестот позитивен на коронавирусот.

Вкупно 114 заболени, најмногу во Скопје

Инаку според последните информации во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата и со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 114. Според местото на живеење, досега случаи се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1). Филипче вечерва рече дека според епидемиолошките проценки пикот на заразата кај нас ќе биде за еден месец,

Според податоците објавени на Институтот за јавно здравје,пак, до 20.03.2020 возраста на заболените во Македонија се движи од 4 до 87 години, а најголем број на заболени се на возраст над 60 години.

„Од вкупниот број на случаи, 17 се импортирани, од кои за 3 има податок за контакт со потврден случај на КОВИД 19 за време на нивниот престој во странство. Само едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје). Од позитивните случаи, регистрирани се 486 контакти кои се следат или беа следени во период од 14 дена. Од регистрираните, 58 случаи со локална трансмисија“, наведуваат од Инситутот за јавно здравје.

Како до правилна домашна самоизолација

Во меѓувреме министерот за здравсто Филипче повторно апелираше да се почитуваат мерките за самоизолација и најави дека е можна одлука за дополнително ограничување на движењето на повозрасните лица кои се сметаат за позагрозени од коронавирусот и на младите до 18 години, кои не се сметаат за загрозени, но се смета дека може да го шират вирусот.

Полициски час

Од вечерва 22 март во Македонија е прогласен полициски час со кој е забраенето движењето од 21 часот до шест часот наутро. Оваа мерка стапува во сила од ноќва во 21 часот и со неа се забранува движење на сите граѓани, освен на припадниците на Министерството за внатрешни рабори, армијата, комуналните служби и пожарникарите.

Од оваа забрана се исклучени лица кои се во животно загрозувачка состојба, имаат потреба од итна медицинска помош, лица кои одат на дијализа и тогаш треба да бидат во придружба на најмногу две лица. Исклучени ќе бидат и лица кои мора да бидат надвор поради нивната сменска работа, но со претходно добиени дозволи од надлежните институции.

Според последните информации денеска први смртни случаи на своја територија од коронавирусот покрај Македонија пријавија Чешка, Косово, Романија и Авганистан. До денеска во светот од коронавирусот се заболени 312 000 луѓе, а најмалку 13 400 починаа.