Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски минатата недела беше во фокусот на вниманието на печатените и електронските медиуми, па разбирливо е што и на нашата ФБ страница има прилично коментари во врска со информацијата дека ќе треба да плати прекршочна казна зашто не ја почитувал самоизолацијата, а бил позитивен на Ковид-19, и во Скопје приватно направил нови тестирања кои се покажале негативни.
Жаклина Лазароска веднаш постирала: „Па за здравјето негово се работи. Сигурно дека ќе оди на лекар“. Потпишан со Рис Мит Натали со поостар пост: „Оваа игротека нит била ниту ќе биде државааа“ Потоа следуваат навредливи зборови и клетви кон власта. Маир Османи смета дека 300 евра прекршочна казна за Димитриевски е малку „кога за обичен граѓанин е 3 илјади евра“. Љупчо Михајловски прашува: „А тоа што е негативен, кој ќе одговара?“ Петре Николовски проникливо забележува: „И Максим отиде курбан, ќе го менуваат, зборуваше против своите“.
Видете и ова: Димитриевски ќе треба да плати 300 – 600 евра казнаТоа дека полицискиот час во Србија ќе биде продолжен за 1 Мај наидува на различни реакции кај посетителите на ФБ на РСЕ. За Тоше Цветковски „Сѐ е забегано“, а Александар Пенчик со краток пост: „У Македонија живееме“. Ацика Китаноска препорачува: „Гледајте си за Македонија не за Србија или фотокопир е работава“.
Информацијата од министерот Филипче во неделата дека 126 лица се оздравени од заразата наидува на подбив во коментарите. Рамис Рушидов прашува: „Како вака наеднаш почнаа да оздравуваат?“ Па додава: „До завчера имаше многу починати, а малку излечени“. Зоки Богдановски порачува да не се лажело, а Перица Василев со инсинуација: „Одеднаш почнаа да оздравуваат. Мафија!“ „Интересно нѐ лажете, а ние интересно ви веруваме“ – го постирал своето мислење Ердоган Ашик Кадриевски. Сенадин Елези се чуди „како има оздравени, а сѐ уште нема пронајдено лек. Како оздравуваат овие?“ Зоран Јововски и Зоран Цветановски со оптимистички реакции: „Ќе ја биде, се гледа крајот“ и „За денеска (во неделата) најубава вест“.
Видете и ова: Филипче- маски треба да се носат, ракавици не се неопходни
Се поништува тендерот за најавените 31 респираторна машина зашто двете компании што го добиле тендерот нема да можат да ги испорачаат, објави министерот Филипче, а Сашко Столевски со напад: „Земи пари па поништи тендер“. Душко Влачески пишува дека „милиони евра се одвоија од буџетот и до ден денешен ги нема, ѓоа имало застој во Турција“.
Нашата фотогалерија со фотографии на диви животни и птици што ги „освојуваат“ тивките градови заради забраните за движење поради коронавирусот, Игор Димов го предизвикало да коментира: „Поарно диви животни отколку луѓе. Луѓето се поштетни“. За Гиго Вета фотографиите биле лажни: „Колку убаво позираат... па и фотографии од места каде што е забрането сликање. Доста со тие манипулации дека правиме добро на Планетава со тоа што седиме дома“. Димитри Пантекоски со позитивна мисла: „Тоа било нивно место, нивна земја. Планетата им ги враќа нивните места, само што ние уште сме при очи слепи“.