Констатирана оставката на Заев, течат роковите за нова Влада

Премиерот во оставка Зоран Заев

По констатирање на оставката на премиерот Зоран Заев од страна на пратениците започнуваат да течат роковите за формирањето на новата Влада. Согласно деловникот на Собранието и Уставот, најдоцна за 30 дена државата треба да добие нова Влада.

Собранието денеска ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев од функцијата, што беше дочекано со аплауз од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а Владата, а актуелната Влада останува на должност до изборот на новата Влада. Заев оставката ја најави по одржувањето на локалните избори. Тој преку писмо ги информираше претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците дека поднесува оставка од функцијата премиер и објасни дека „одлуката ја донел како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на одговорност за изборите. Резултатите од последните избори, како што наведе, иако биле локални, имаат принципиелна и политичка тежина за политичкиот момент во кој се наоѓа државата.

Што вели Уставот

Видете и ова: Заев заминува - за едни како херој, за други како предавник

Уставот и собранискиот Деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата. Роковите за формирањето на новата Владата започнуваат да течат по констатирање на оставката од страна на пратениците.

Член 90 од Уставот предвидува дека претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Тоа значи дека најдоцна за 30 дена државата ќе има нова Влада која би ја предводел Димитар Ковачевски, кој беше избран од Заев како негов наследник на функцијата. Ковачевски беше заменик министер за финансии, а во меѓувреме стана лидер на СДСМ. Воедно СДСМ обезбеди мнозинство во Парламентот со влезот на Алтернатива во владејачката коалиција.

Предизвици пред владината коалиција

Најголем предизвик за новата Влада ќе биде функционирањето на коалицијата, односно дали СДСМ ќе може да соработува со ДУИ и со новиот партнер Алтернатива, вели професорот Никола Дујовски.

„Тоа е првиот предизвик од кој што ќе зависи одговорот на секој нареден предизвик, а потоа мора да бидат свесни дека доаѓа енергетска криза.
Гледаме дека цената на гасот и на електричната енергија во Европа никогаш толку брзо не растела. Кога велам никогаш тоа значи во изминативе стотина години. Сега е навистина голема криза и нема шанси да бидеме одминати од таа криза. Иако ние сме помал потрошувач, помалку ќе се одрази, но сепак нашите капацитети се ограничени. Потоа борбата со корона кризата продолжува и таа ќе биде актуелна уште недогледен период. Веројатно една година најмалку ќе треба исто посветено како и до денеска да се работи. Мислам дека реформите во општеството треба да бидат третиот и последен клучен предизвик“, вели Дујовски.

Видете и ова: Ковачевски нов лидер на СДСМ, Мицкоски со втор мандат во ВМРО- ДПМНЕ

Извесно е дека дел од новата Владата нема да бидат министрите Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче, вицепремиерот Никола Димитров. Со излегувањето на БЕСА од Владата празно остана местото во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Согласно договорот Алтернатива добива три министерски места. Партијата за министер за здравство ќе го предложи Баким Сали. Адмирим Алити ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор задолжен за дијаспората.

Какви луѓе се потребни


Според Дујовски, најважно е дали новите имиња во владата ќе имаат капацитети за менаџирање.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дујовски: Во новата Влада не треба да се поставуваат лаици


„Важно е да имаме луѓе кои што ќе знаат како функционира тој систем. Сега во ова време на многу предизвици, на навистина криза во која што се наоѓаме не би требало да се поставуваат луѓе лаици кои допрва ќе се запознаваат со организационата шема на секои од министерствата“, додава Дујовски.

Видете и ова: Пет причини зошто „падна“ Заев


Инаку Заев пет години беше премиер, девет години градоначалник на Срумица, две години пратеник и четири години лидер на опозицијата. На крајот на октомври, на изборната ноќ од вториот круг од локалните избори, кога стана јасно дека СДСМ е поразен од ВМРО ДПМНЕ, Заев јавно објави дека поднесува оставка како претседател на партијата и премиер на Северна Македонија. Тој беше избран за претседател на СДСМ во 2013 година, првата влада ја формираше на 31 мај 2017 година, а втората на 30 август 2020 година.