Достапни линкови

Ковачевски нов лидер на СДСМ, Мицкоски со втор мандат во ВМРО- ДПМНЕ


Новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски
Новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски

Владејачката партија СДСМ денеска за нов лидер го избра Димитар Ковачевски, актуелниот заменик министер за финансии. Следен чекор е реизбор на Влада. Опозициската ВМРО- ДПМНЕ на редовниот Конгрес го реизбра актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кој најави нова доктрина на партијата.

Нов лидер на владејачката СДСМ е Димитар Ковачевски со добиени 37 647 гласови од членството на местото на досегашниот претседател Зоран Заев од кој во изминатиот период доби поддршка. Членовите на СДСМ на вонредни внатрепартиски избори го бираа новиот лидер од тројцата кандидати Фросина Ременски која освои 2 836 гласа , Димитар Ковачевски 37 647 гласа и Јован Деспотовски кој освои вкупно 3 319 гласа.

Ковачевски во своето обраќање истакна дека има визија и план како партијата повторно да се врати на победничките патеки.

„Вечерва СДСМ е победник, вечерва СДСМ оддржа уште една лекција за демократијата, вечерва може сите да славиме за успешните избори. Но, од утре мора да засукаме ракави, и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за се што ќе се случува во партијата но и во државата во годините што следат,“ изјави Ковачевски.

Тој вели дека работите мора да се менуваат и токму тоа го покажале последните избори, па затоа тој го повикува членството да се обедини за промените кои членовите, но и граѓаните, ги очекуваат. Ковачевски вели дека приоритет ќе му биде да се врати единството во партијата, да се продолжи негувањето на социјалдемократските вредности, и како трето ќе биде да се даде фер шанса за сите кои имаат професионален капациетет да се отвори партијата кон нови луѓе во партијата и институциите.

За прашањето за предвремени парламентарни избори кое денеска повторно го постави опозицијата ставот на владејачката партија СДСМ е дека сега не е време за тоа. Во однос на кадровските решенија со Владата, Ковачевски изјави дека сега следува спроведување на договорот со Алтернатива и разговорите кои ги започна премиерот Заев.

„Во однос на преземањето на одговорности во новата влада, преземањето на одговорности во новата влада ќе значи и преземање на одредени позиции кои што ќе ги спроведуваат тие одговорности на најдобар начин. Предлагањето на министрите односно на кадровските решенија во СДСМ се прави од страна на телата на партијата. Што значи дека ќе мора да ја почекаме одлуката на Централниот одбор“ изјави Ковачевски.

Изборот на нов лидер на владејачката СДСМ доаѓа по оставката на досегашниот претседател на партијата Зоран Заев по загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ.Во мај пак кога Заев беше резибран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат немаше противкандидати. Новиот лидер ќе треба да ја преземе партијата по осумгодишното управување на Заев.

Кандидатот за лидер на СДСМ Депостовски му ја честиташе победата на својот сопартиец, и најави дека по овие избори нема да прифати повисока раководна функција, односно дека ќе остане редовен член на партијата.

„Македонската јавност денеска имаше можност да види два модели , една политичка партија каде што 500 луѓе гласаат за претседател на партија и како 50 илјади луѓе гласаат за претседател, во отворен и транспарентен процес, каде што задржавме ниво како што доликува на најголемата политичка партија во нашата држава“, изјави Деспотовски.

Кандидатката за претседател на СДСМ Фросина Ременски, вечерва, по завршувањето на гласањето на вонредните внатрепартиски избори, рече дека воопшто не е задоволна од излезноста на членството и дека тоа е можеби многу поважно од резултатот на изборите.

„Од она што го слушам и од Централната изборната комисија, воопшто не сум задоволна од излезноста на нашето членство. Тоа е сериозно прашање за една внатрепартиска дискусија во однос на она што го очекуваме и како исход и како резултат. Можеби не се толку важни резултатите, како прашањето зошто нашето членство одлучи да не излезе на изборите“, изјави Ременски.

Досегашниот лидер на СДСМ Заев се појави на крајот на прес конференција да му честита на победникот на внатрепартиските избори, но не застана зад говорницата пред медиумите.

Правото на глас на денешните вонредни внатрепартиски избори во СДСМ го искористиле 43.469 членови. Од партијата велат дека изборите за нов лидер минале во мирна и демократска атмосфера.

Ова е петти лидер на партијата од нејзиното основање. Зоран Заев беше четвртиот лидер на СДСМ кој на таа функција застана во 2013 година, а во 2017 година успеа да формира влада и да стане премиер. По поразот на изминативе локални избори, тој најави дека повлекување од сите функции, отворајќи го патот за негов наследник. Претходно во изминативе три децении на чело на партијата беа Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.

Мицкоски со втор мандат и нова доктрина, во СДСМ се пребројуваат гласови за нов лидер

Денеска и опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Конгрес му ја дадоа довербата за втор мандат на актуелниот лидер Христијан Мицкоски. За него гласаа 489 делагати од присутните 493. Тој пред почетокот на партискиот конгрес до власта упати барање за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој пред присутните делегати на партијата ја промовираше и новата доктрина на партијата претставувајќи ја како втора епоха која опфаќа 17 клучни точки во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе се движи во наредните 4 години.

„Најавувам нова политика, нов концепт на заедништво наречен „Нов договор“ , ни треба нов општествен консензус од сите рамноправни чинители од она што треба да претставува нов заеднички патриотизам“, вели Мицкоски.

Тој изјави дека новата платформа има за цел да се постигне економски стандард на земјата како на „една Австрија“. Тој најави дека една од целите на новата политичка платформа е намалување на персоналниот данок и данокот на добивка на 8 проценти, данокот за млади луѓе да биде 0 проценти, а секоја година по стабилизирање на економијата да се постигнува економски раст меѓу 4 и 6 проценти.

„Во образованието да имаме Универзитет кој ќе биде меѓу првите 500 на Шангајската листа, бидејќи денеска за жал немаме ниту еден ни меѓу првите илјада. Да регулираме пазар со криптовалути, како и примена на блокчејн технологија, да влеземе во отворена војна против корупција и наместо сегашното 111 место на Транспаренси да достигнеме во првите 50 земји кои се борат против корупцијата со објективни резултати. Наша цел е да создадеме систем во земјоделството за сигурен откуп на земјоделските производи и извоз на македонските производи, нешто што три децении не се прави. Македонија да стане дел од ЕУ, ова не сон ова е наша цел“ изјави Мицкоски.

Автори на новата доктрина се Марјан Ѓорчев, Илија Димовски и Рашела Мизрахи. Делегатите денеска гласаа и за нови членови на Статутарната комисија и комисијата за финансиско работење на партијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG