Колку чини бесплатното образование?

илустрација

Пари за курс за странски јазик, за спорт, за индивидуални часови, за курсеви по информатички програми... Децата се растргнати од воншколски активности, а родителите мака мачат да го менаџираат семејниот буџет со најновите поскапувања кои го погодија и овој „сектор“

Од 5000 до 11 000 денари изнесува сумата што едно просечно македонско семејство ја одвојува за воншколски активности на децата. По бројните поскапувања во повеќе области, родителите со кои разговаравме велат дека зголемување на цените има и кај курсевите за странски јазици, за спортските активности и за индивидуалните часови за одреден наставен предмет.

Слаѓана С. е мајка на два ученика. Вели дека и двајцата посетуваат курсеви за странски јазик, а тренираат и спорт, поради што голем дел од платата одвојува за овие активности.

„Ако лани одделувавме 6000 до 7000 денари, сега треба да одвојуваме 2000 повеќе. Сите активности кои ги посетуваат моите деца поскапеа за најмалку 300 денари. Децата исто така посетуваат дополнителни индивидуални часови, особено пред тестови или испрашувања, бидејќи јас не можам да им ги објаснам задачите по хемија, физика, а не знам ни германски. Еден час германски на пример не чини 700 денари, а потребни се 3 до 4 часа. Тоа се пак уште најмалку 2000 денари кои ни се одлеваат од домашниот буџет“, вели Слаѓана.

Во главниот град се повеќе се отвораат и приватни едукативни центри од кои повеќето вклучуваат истражувања, експерименти и работа на проекти во сите области од науката.

Овие едукативни центри преку кои децата можат да се здобијат со логички и математички вештини кои не се стекнуваат во училиште се поскапи и ако лани чинеле од 2900 до 3100 денари, оваа училишна сезона изнесуваат по најмалку 300 денари повеќе, па цените се движат од 3100 до 3400 денари месечно.

Во просек месечните часови по странски јазик во училиштата за странски јазици се движат од 1400 до 2700 денари.

Спорт во рамките на училиште како на пример одбојка или кошарка, или балет односно модерни танци чини околу 600 денари, додека спортски активности во рамки на клуб чинат од 1500 денари од дете или за две деца со попуст 2500 денари.

„Мене лично месечно дополнителните активности ме чинат 11 000 денари плус хранарина во школо и градинка вкупно децата ме чинат 15 илјади денари секој месец. За една година тоа се 135 900 денари односно 2 200 евра. Кредит за стан можам да плаќам со тие 250 евра месечно“, вели Зорица, мајка на третоодделенец и дете на предучилишна возраст.

Видете и ова: Скапата струја ризик за затворање на училиштата - владата анализира, родителите во паника

Растат трошоците, расте и интересот за воншколски активности

Но и покрај порастот на месечните трошоци за овие активности, од приватните училишта за странски јазици и едукативните центри за математика и информатика велат дека интересот за посетување на нивните часови исто така оди во нагорна линија.

„Часовите по информатика се неопходни доколку сакате детето да гледа „поинаку“. Затоа што наставниот материјал кој се учи во училиштата е застарен и неинтересен и децата не сакаат да го слушаат тоа. Кај нас се учи програмирање коешто ги води кон иднината и затоа интересот за посета на тие часови е доста голем“, вели вработена во приватен центар за едукација.

Разговаравме и со наставничка по германски јазик која неколку години држи индивидуални часови за деца. Час од 50 минути кој лани чинел 600 денари, сега чини 700 денари. Во другите градови цените се нешто пониски.

„Интерес за часови има многу. Еден час кај мене чини 500 денари или ако се двајца 900 денари“, вели наставничка од Прилеп.

„Јас држам часови на деца во основно образование, за часовите по македонски и математика. Еден час го наплаќам 400 денари“, вели наставничка од Струмица.

Бесплатни не се ниту натпреварите за талентираните деца. За учество во регионален натпревар по математика се наплаќа котизација од 150 денари за учениците од 4 и 5 одделение, за учениците од 6 одделение изнесува 200 денари, а за учениците од 7 до 9 одделение и средношколците котизацијата изнесува 250 денари. Котизацијата се уплаќа на сметката на СММ која може да се најде на веб страницата на СММ, а со цел на дознака Котизација за регионален натпревар за основно, односно средно образование.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кои беа „дупките“ во учебната 2021/2022?

Колку многу е премногу?

Иако укажува на слабостите во воспитно-образовниот процес наставникот по одделенска настава Благојче Стојановски од ОУ„ Никола Карев“ од Кочани смета дека посетувањето на многу дополнителни активности надвор од училишната програма е повеќе помодарство, отколку реална потреба кај учениците.

„Јас сметам дека дополнителните часови по странски јазик се оправдани доколку едно дете не може да го совлада материјалот во училиште. Но, според мене она на што треба да се работи е самодовербата кај детето. Треба повеќе да работиме на тој проблем и ние наставниците, но и родителите. Јас сум наставник и еве постојано размислувам на каков начин и со каков пристап да ги ослободам моите ученици од стравот, да ги натерам слободно да се изразуваат, да критикуваат, да прашуваат јасно и без страв,“ вели наставникот Стојановски.

Психолозите пак советуваат родителите да внимаваат колку го оптоваруваат своето дете. Во обидот да се најде талентот кај детето, или да се реализира некоја лична желба, не треба да се претерува, вели психологот Мирјана Јовановска - Стојановска.

„Тешка е улогата на родителот. Тој треба објективно да види колку на неговото дете му требаат тие воншколски активности. Зошто на некои деца им е добро да одат неколку пати на курс и да учат нешто ново, ама друг не може да го прави тоа. Не е важно ако ние мислиме дека нашето дете треба да плива или да игра тенис, а на тоа дете му се допаѓа да прави оригами на пример. Секогаш треба да имаат на ум дека треба да му се остави малку слободно време на детето за неговата фантазија да создаде некој свет во кој внатрешниот порив може да го покаже најдобро што знае“, заклучува Јовановска-Стојановска.