Претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва го потпиша решението за распишување на претседателските избори и предвремени локални избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село. Првиот круг од изборите ќе се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај.
“Фер и демократски услови ќе бидат еден од условите по кој ќе не оценуваат и вреднуваат во нашето натамошно евроатласнко интегрирање. Затоа ги повикувам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат согласно Уставот и законите и Македонија да добие избори какви што и доликуваат на една европска земја за доброто на сите граѓани и за остварување на државните стратешки интереси”, изјави Џафери.
До 21 март партиите со 30 пратенички потписи и граѓаните со собрани десет илјади потписи имаат можност да ги пријават своите кандидати кои ќе влезат во претседателската трка. Според Изборниот законик кандидатите за претседател треба да се пријават во Државната изборна комисија најдоцна триесет дена пред одржувањето на првиот круг на изборите. Се предвидува кампањата да трае дваесет дена пред гласањето што значи дека би почнала на 31 март.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде познат веќе идниот викенд, за кога е закажана нивната партиска изборна конвенција во Струга. Кандидатите кои се пријавија на партискиот конкурс веќе се активни на терен. Професорката Гордана Сиљановска- Давкова, која се смета за еден од фаворитите, во општинските комитети на опозициската партија почна да одржува средби, пратеникот Владимир Ѓорчев ја користи посетата на Соединетите Американски Држави за состаноци со конгресмени и промовирање на неговата кандидатура, а и поранешниот директор на државниот архив Филип Петровски одржува средби по партиските штабови. На огласот на ВМРО-ДПМНЕ има пријавено вкупно девет кандидати, но другите засега имаат помалку активности.
Две недели откако ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере својот кандидат во Струга, СДСМ на конгрес во Скопје ќе одлучи кого тие ќе предложат за шеф на државата. Кај нив во тек е конкурсот за избор на кандидат за претседател, а од партијата не откриваат информации. Засега останува само да се шпекулира со имињата на министрите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Никола Димитров и координаторот на Македонија за НАТО Стево Пендаровски како најсериозни претенденти за претседателската трка. Премиерот Зоран Заев денеска во врска со изјавите од ДУИ дека нема да поддржат кандидат произлезен од конгресот на СДСМ не ја исклучи можноста да најдат заеднички кандидат со партијата на Али Ахмети.
“Заедно ќе го бараме. Не мораме да чекаме конгрес некоја партија да дефинира, затоа што ако која било партија дефинира тогаш ги приклонува другите партии да следат. Тоа не е консензуално барање. Консензуално е ако ангажираме од нашите партии и платиме експерти, да ни направат добри анализи и да изнајдеме кандидати така растеретени”, рече Заев.
Тој се уште не ја исклучува ниту можноста да има предвремени избори наведувајќи дека СДСМ се уште го нема дефинирано својот став дали да оди на предвремени избори, оти дилемата, како што рече, била дали да се оди на нов мандат или да се фокусираат на евроинтеграциите и добивањето датум за пристапни преговори со ЕУ.
Инаку ова ќе бидат шести претседателски избори за петти претседател на државата. Само актуелниот Ѓорге Иванов досега функцијата ја извршуваше во два мандата. Засега очекувањата се дека гласачкото ливче ќе биде долго. Покрај очекувањата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да имаат свои кандидати, можно е во трката да влезат и партии на Турците и Ромите, помали владини коалициски партнери, опозиционите партии на Албанците.