Три недели откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара предвремени парламентарни избори и една седмица откако и официјално поднесоа до Собранието барање за распуштање, се уште не се знае дали тие ќе се одржат. СДСМ и покрај претходните најави дека одлуката ќе донесат до крајот на јануари, па потоа и до крајот на оваа недела, се уште не одржале состанок на партиските тела. Од владејачката партија велат дека не се сретнале поради службеното отсуство на дел од членовите на телата кои се и министри, а сега и премиерот Зоран Заев е во Бугарија.
Политичкиот аналитичар Алајдин Демири одолговлекувањето од СДСМ смета дека е поради тоа што тие навистина немаат донесено заедничка конечна одлука за изборите, а носењето, вели, го отежнуваат коалициските односи.
„Фактот дека ДУИ цврто застана на ставот дека на Македонија не и требаат избори ја отежнува позицијата на Заев за таква одлука”, вели Демири.
Инаку, петок е крајниот рок до кога мора да се знае дали ќе има предвремени парламентарни заедно со претседателските. Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела рече дека претседателските избори ќе ги распише на осми февруари, со што првиот круг би се одржал на 21 април, а вториот на петти мај. Toj рече и дека нема да ја стави на дневен ред иницијативата за распуштање на Собранието поднесена од опозицијата сè додека партиите не се договорат за евентуалното одење на предвремени парламентарни избори. Но, до вториот круг избори нема време за сто дена техничка влада на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ како обврска од Договорот од Пржино.
Партискиот претседател Христијан Мицкоски тврди дека ако немало предвремени заедно со претседателските премиерот Заев ќе сакал да ги украде, оти немало да ги организира техничка влада. Но, од партијата нагласуваат дека немаат намера да ги бојкотираат. Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје тоа не опција за првиот круг на изборите.
„Но, ако во првиот круг се случи нешто што потсетува на тоа што се случуваше за време на референдумот кога беа нарушени демократските стандарди, тогаш не знам како би изреагирале”, вели Божиновски.
Идејата за предвремени избори не ги обедини ниту сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Тројца од нив, Илија Димовски, Даниела Рангелова и Крсто Јовановски не се потпишаа на иницијативата за предвремени избори. Рангелова за РСЕ рече дека не го сторила тоа оти било политичка гимнастика и јасно дека нема да помине.