Кике Цветче и Иван Ајнштајн: „Ни кај нас не тече мед и млеко“

Популарниот пар Кике Цветче и Иван Ајнштајн

Кике Цветче и Иван Ајнштајн кои во јавноста како пар се прославија на Јутјуб, за некои од нивните фанови се вистински пример за добра врска. За тоа како тие ја споделуваат љубовта на социјалните мрежи и дали чувствуваат некаква одговорност, разговараа со РСЕ

„Од сите луѓе што ги познавам, не познавам некој со подобра врска од нашата“, самоуверено изјави за РСЕ, музичарот Иван Бошковски кој се прослави во јавноста како јутјуберот Иван Ајнштајн, за неговата љубов со Христина Цветкоска, на социјалните мрежи позната како Кике Цветче.

Се споиле за време на студентската окупација на УКИМ, кога имале по 20 години. Брзо и лесно им тргнал муабетот, па продолжиле со интензивна дружба, и врска. Осум години подоцна, во нивната љубовна историја стои и дека се потпишани и пред матичар, пред речиси две години. Уште не заиграле на сопствената свадба, бидејќи пандемијата им ги сменила плановите.

Кике и Иван се согласуваат дека животниот партнер, прво мора да ти биде другар.

Дваесетиосумгодишниот Иван Бошковски

„Тоа е како нова работа, градиш и работиш на тоа. Како кога ќе ти се роди дете - тоа ти е нова работа, кога ќе се вработиш-тоа ти е нова работа, кога стапуваш во ваква врска - тоа ти е нова работа“, вели Бошковски.

Споделувајќи моменти од нивното секојдневние на Јутјуб, со илјадници следачи изминативе години споделуваа и приватни моменти, но велат, без претходно договарање на граници. Па така она што го пакувале во видео, велат, било вистински живеено, само со пуштена камера.

Дваесетиседумгодишната Христина Цветкоска

„Да сме седнале и стратешки да го размислиме тоа пред да почнеме, апсолутно не. И самиот почеток на Иван на Јутјуб беше спонтан. Немаше: „Јас седнувам и од денеска сум Јутјубер и ќе градам Јутјуб кариера. Со пробување на различни стилови на видеа, јас станав дел од неговите приказни. Тој секогаш гледа да е најискрен што може во што и да прави, па само искрено прикажувавме одреден дел од нашиот живот, изјави Кике Цветче за РСЕ.

За некои од кои нивните следбеници на социјалните мрежи Иван и Кике се пример за врска и тие велат дека се свесни за тоа, но и дека тоа не значи дека им е баш секогаш сè „под конец“.

„Дефинитивно не тече мед и млеко. Знам дека кога не гледаш некој во живо, кога го гледаш само она што се постира на социјалните медиуми може да изгледа така. Сме имале доста нешта кои сме ги споделувале онлајн од тие што не се толку среќни“, вели Иван.

Споделување на среќни vs тажни моменти онлајн

Според Иван, има зошто јавните креатори на содржини почесто споделуваат среќни отколку тажни моменти, но таа главно среќна слика не треба да ги комплексира следачите.

„Така сме предефинирани, да ни текне да вклучиме камера тогаш кога сме среќни. Кога сме депримирани тоа не ни се прави. Затоа има помалку такви работи онлајн. Тоа не треба да им создава комплекси на другите. Дефинитивно имаме подеми и падови, имаме убави и лоши моменти кои сме ги поминале и ние како и сите останати“ додава Бошковски.

Иван и Кике

Последнава година Кике не е активна како јутјуберка, а Иван од пред половина година реши да ѝ се посвети на музиката и Јутјуб користи само за најава или објава на нова песна. Ама парчиња од нивниот заеднички живот споделуваат со заеднички постови на Инстаграм.

„Таа порака што ја пишуваме на тие слики доста добро ја мислиме и сумираме нешта што сме ги преживеале и заклучиле заедно и на тој начин пробуваме можеби и да помогнеме некому да си размисли како се однесува во врската. Објаснуваме нас што ни помогнало или ние како сме си ја зајакнале врската“, вели Цветкоска.

Одговорност пред следбениците

Велат дека се карале пред вклучени и зад исклучени камери, иако почесто дискутираат отколку што се караат, но и дека не учат од никој и се пример за самите себе. Би сакале да можат преку својата приказна да им помогнат на следбениците, но не чувствуваат некаква одговорност, освен одговорноста да се биде искрен.

„Одговорност може да има тој кој живее од ова. Ние сепак споделуваме нешта кога сакаме. Кажуваме дека не цветаат рози, но и дека животот е убав и повеќе гледаме да укажеме на второто и да им пренесеме на луѓето тие да го најдат својот начин за и тие да си го направат тоа убаво. Не може на секој што е во некаква љубовна врска да му бидеме ние пример. Ова не се некои правила за успешна врска, туку правила кои ние сме дознале дека ни одговараат на нас“, вели Иван.

Видете и ова: Колку заработуваат македонските јутјубери?

„Многу парови раскинувале и по долги години и по совршени врски, а биле јавни личности и нечиј пример. Животот е непредвидлив, ама ако искрено го претставиш тоа, ако воопшто чувствуваш одредена одговорност како јавна личност да проговориш на таа тема, одговорноста е во тоа да гледаш да си најискрен и најотворено да комуницираш со јавноста. Приватниот живот е сепак нешто кое некој избира да не го сподели јавно“, заклучи Кике.