По отворањето на предметот „Рекет“ од Јавното обвинителство за организиран криминал, каде што се наметнаа во јавноста индиции за можна вмешаност на Специјалната обвинителка Катица Јанева во изнуда на пари од осомничени во предмети на СЈО, очите на јавноста се вперија во обвинителите од тимот на Јанева. До пред една година обвинителите честопати беа дел од информативните програми на медиумите. Но, во изминатава година тие се повлекоа од јавнитe настапи.
Јанева за која дел од медиумите тврдат дека нејзиниот глас се слушна во снимките на италијанскиот „Ла Верита", во вторник треба да се јави во Обвинителството за да даде исказ пред нејзината колешка Вилма Русковска. Додека се чека разврската од предметот „Рекет“ и судбината на статусот на СЈО во фокусот на јавноста се наметна и прашањето колкав имот пријавиле во Антикорупциската комисија обвинителите од СЈО.
Катица Јанева - Од Обвинителка од Гевгелија која размислуваше за пратеничко или градоначалничко столче, до бескомпромисен борец против корупција кој бараше уште еден мандат на чело на Специјалното јавно обвинителство, ги одбројува последните денови на работа, додека нејзините колеги секојденевно одат на распит во Обвинителството за организиран криминал. За четири години колку што е на чело на оваа институција Јанева и не пријавила поголеми промени на имотата состојба во Државната комисија за спречување на корупција.
Јанева на своите две деца како подарок им оставила два стана по 70 метри квадратни во Скопје во 2015 година. Како личен имот во анкетниот лист напишала дека поседува куќа во Гевгелија и земјоделско земјиште во Мрзенци. Нејзините деца поседуваат голф 4-ка и ауди А6, додека на нејзино име е Ровер 45. Во 2015 година како денарски депозит во неколку банки оставила 110 илјади евра, а во банките за 4 кредити во 2014 и 2015 година, пред да седне на шефовскoто столче во СЈО се задолжила за 130 илјади евра кои треба да ги врати во следните 10 до 20 години.
Видете и ова: Падот на Чарлиевите ангели и партиските бои на новиот закон за ЈОНејзината судбина во обвинителството е неизвесна затоа што иако засега таа не е осомничена во случајот „Рекет“, но се уште се истражува на каков начин е вмешана во изнудувањето пари на бизнисмени заедно со осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец кои се веќе втор месец во притвор.
Кредити, станови во Скопје и накит - Што поседуваат обвинителките од СЈО ?
Елизабета Јосифовска - прва од нејзините колешки што сведочеше во Јавното обвинителство е нејзината заменичка во СЈО.
Таа пак, од личен имот поседува само кредит од 170 илјади евра кој го подигнала во 2018 година. Останатиот имот кој го пријавила во Антикоруписка е имот на брачен другар и се два стана во Кичево, двор и земјоделско земјиште од 18 илјади метри квадратни во село Прострање како и два стана на име имот на деца во Скопје од по 68 метри квадратни.
Ленче Ристоска- пак пред две години си купи плац од илјада и 500 метри квадратни во село Долно Дупени во преспанскиот крај, а како градежно земјиште на нејзино име во Скопје е заведен плац од 480 метри квадратни. Од моторни возила поседува Рено Каптур, а на штедна книшка има собрано речиси 30 илјади евра.
Лиле Стафанова- на свое име пријавила само долгови од 30 илјади евра, додека на име на имот на деца е заведено стан во Скопје купен во 2016 година. Како имот на брачен другар Стефанова пријавила две куќи со двор од која едната во Радовиш, а другата во Раклиш и земјоделско земјиште во Радовиш.
Фатиме Фетаи поседува како личен имот стан од 90 метри квадратни кој во 2015 година го купила за 81 илјади евра и кредит од 78 илјади евра. Таа е единствена која пријавила и накит од благородни метали во вредност од 10 илјади евра. Вози Киа Пиканто од 2008 година а нејзиниот сопруг зема минимална плата од 11 илјади денари.
Автомобили се единствениот пријавен имот на обвинители
Љубомир Лапе- од имот пријавил само моторни возила и кредитни картички. Неговата сопруга вози Мазда ЦХ- одд 2018 година додека на негово име е Пасат од 2011 година.
Бурим Рустеми- кој неодамна беше да сведочи во Јавното обвинителство за предметот Рекет постапил слично. Тој како личен имот го пријавил само автомобилот Мерцедес бенц 220 вреден 6 илјади евра.
Некои обвинители потраспарентни од другите - го навеле и семејниот имот
Трајче Пеливанов- за разлика од нив бил потранспарентен и во Антикорупциска го пријавил имотот на сопругата во Кавадарци кој го добила како наследство, а како заеднички имот имаат два стана во Скопје. Пеливанов поседува мотор Сузуки Сепиа, едно Пежo 206 и една Мазда 6, како и кредит од 20 илјади евра.
Артан Ајро- обвинителот во Антикорупциска пријавил дека поседува стан во Струга од 77 метри квадратни кој го купил во 2015 година за 40 илјади евра, потоа си купил два автомобила – Опел Корса и БМВ 530д. Како наследство во анкетниот лист навел дека има куќа со двор во Скопје во вредност од 120 илјади евра како и дека како семеен имот имаат земјиште во Струга и една куќа од 1972 година. Во анкетниот лист го навел и имотот и приходите на неговите родители, неговиот брат, и неговата сопруга.
Видете и ова: Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?Гаврил Бубевски- пак во анкетниот лист навел дека поседува еден стан од 50 метри квадратни во Скопје кој го добил на подарок, дека вози постар Рено Меган и дека поседува нова Шкода Карок која за 28 илјади евра ја купил на лизинг.
Стевчо Донев - Специјалниот обвинител пак во својот список има наведено земјоделско земјиште во кочанскиот крај со големина од 6 илјади метри квадратни и куќа кои ги добил како наследство. Донев поседува Цитроен Ц4 од 2005 година и девизни штедни книшки во неколку банки со вкупен износ од 15 илјади евра.
Марија Ѓорѓева - Јавната обвинителка пак во својот анкетен лист што го доставила до Антикорупциската комисија навела дека поседува како заеднички имот стан од 80 квадрати купен во 2014 година, заштеда од 8 илјади евра и кредит од 40 илјади евра на 15 години. Како имот на брачен партнер е заведено дека поседува акции во Имепријал тобако груп од 18 илјади денарии фотографска опрема во вредност од 5 илјади евра.