Достапни линкови

Медиуми - Заев на тапет и обвинители на распит


Реакциите по изјавата на премиерот Заев за случајот Рекет, повиканите обвинители од СЈО на распит, обвинувањата на градоначалникот Беџети за Заев и ослободувањето на Морина се теми кои ги полнат медиумите.

„Не стивнуваат реакциите по изјавата на премиерот“ –насловува Нова Македонија, информирајќи дека и Здружението на новинарите на Македонија реагира за, како што се вели во соопштението, „агресивниот говор кон новинарите... и непримерниот говор во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата...“ Порталите на печатените медиуми го објавуваат и појаснувањето на премиерот Зоран Заев на Твитер на неговата изјава. Електронските изданија на Слободен печат и Нова Македонија ја објавуваат осудата од страна на 27 граѓански организации на, како што пишуваат, „скандалозната, недолична, хомофобна изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, но и изјавата со која се врши дискредитација на новинарите кои критички ја опсервираат работата на власта“.

Независен и Нова Македонија информираат дека „Уште еден обвинител од СЈО е повикан да даде исказ за ’Рекет‘, по сведочењата на обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, а тоа е обвинителот Бурим Рустеми“. Во врска со сведочењето на обвинителката Стефанова, Независен на насловната објави: „Дали Стефанова ќе ја реши Јанева? – Обвинителката од ’Империја‘ пет часа даваше исказ“. Повикувајќи се на информации од Јавното обвинителство, Вечер информира: „Катица Јанева сè уште нема добиено никаква покана од Обвинителството“. Порталот на Вечер објавува и неколку фотографии на Јанева пред нејзината куќа во Скопје со наслов: „Катица седи дома и чека развој на настаните“. Независен го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ со наслов: „Процесот за случајот ’Рекет‘ еден месец тапка во место“.

Вечер пишува: „Нов скандал на Заев! Беџети: Заев бараше да влијаам на Судскиот совет“, ја насловува информацијата за изјавата на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети на прес-конференција. И друг наслов во Вечер е на истата тема: „Во Македонија има политички судења, а Беџети потврди дека Заев го контролира судството“, ги сублимира во наслов порталот на истиот весник ставовите искажани во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На темата Беџети – платформата во Матка, Независен со различен наслов: „Градоначалникот на Сарај плете нов скандал – Беџети наместо да ја урне платформата, удри по Заев“.

Нова Македонија ја објавува реакцијата на државното Обвинителство по забелешките на претседателот на државата, Стево Пендаровски во врска со последните случувања околу случајот „Рекет“: „Обвинителството бара политичарите да не се мешаат“, како и одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски: „Претседателот не го дискредитираше Јавното обвинителство“. Вечер со наслов: „Обвинителство молчи кога им се меша Заев, но се попарија од изјавата на Пендаровски“.

Според Антикорупциската комисија, „Најголем процент на корупција има во судството“, ја објавува Слободен печат изјавата на претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска на семинарот во Велес со невладиниот сектор што го организираше невладината „Цивил“.

Нова Македонија информира дека „Владата формира оперативен тим за борба против корупцијата со кој ќе раководи заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски“.

Сите портали на печатените медиуми информираат дека Врховниот суд одлучи Томор Морина да не биде екстрадиран на Србија, затоа што е државјанин на Косово и на Велика Британија, а не на Србија, и дека кривичното дело за кое е обвинет е извршено во Република Косово. Порталите ги пренесуваат и реакциите на незадоволство на официјалната српска власт, во стилот „Срам за меѓународното право“, според зборовите на српскиот шеф на полицијата, Небојша Стефановиќ, и „Македонија со Морина покажа дека политиката е над правото“, како што изјавила српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG