Среден век поместен за десет века наназад, природната опсерваторија Кокино прикажана како градба, градот Стоби постоел и во метално време со опис дека тоа е во период од 2 до 3 век пред новата ера - грешка од речиси еден милениум.
Ова само дел се дел од спорните информации во новиот учебник по историја и општество за петто одделение кои ги забележува историчарот Васко Гичевски.
Тој во разговор за РСЕ посочува дека грешките со географските податоци не се единствени пропусти. Според него поголеми проблеми се периодизацијата на историјата и хронологијата на настани посочени во овој учебник.
„Го поместиле средниот век десет века поназад, што би значело ова во суштина, дете кога ќе седне да учи ќе прочита дека средниот век започнува во петтиот век пред нашата ера во време кога се случуваат грчко- персиските војни, а тоа е античка историја не е средновековна историја, и со оваа промена и поместување на средниот век ние добиваме податок дека средниот век кој трае 10 века испаѓа дека траел 20 до 23 векови, според нивната класификација“, вели Гичевски.
Видете и ова: Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебнициПредупредува дека таквиот начин на учење е спорен, затоа што, како што вели, поместена е хронологијата без никаква реална научна аргументација.
„Буквално станува збор за ноторен лажен факт“ додава тој.
Посочува и примери во учебникот за тврдења за кои вели дека археолошки не се потврдени со докази. На пример Хераклеа е изграден во период од 4 до 2 век пред новата ера, но, вели никако не може да се тврди дека е изграден во 6 век пред новата ера, како што е напишано во учебникот.
Според Гичевски спорен е и периодот во кој е наведено дека е изграден градот Стоби, затоа што со описот се прави грешка од речиси еден милениум.
„Буквално така стои, дека градот(Стоби) постоел и во метално време околу 2 и 3 век пред новата ера. Податокот до половина е точен, градот постоел но тоа не е метално време, туку рана антика. Што значи дека датирањето им е тотално утнато, значи дека металното време го сметаат дека е во вториот и третиот век пред нашата ера“, вели Гичевски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Родителите шокирани од пропустите во системот
Димитар Даскалов, татко на четврто одделенец вели дека загрижува фактот што образовниот систем се соочува во вакви пропусти и што децата ќе научат лажни и неточни податоци.
„Најмногу ме загрижува неспособноста на институциите на ниво на Министерство за образование и Биро за развој на образование. Штом сега почнуваат такви работи, а сме ги имале и во минатото, кој знае што допрва не чека и кој знае какви се поголеми грешки може да излезат“, вели Даскалов.
Додава дека како родители се збунети како да се справат со учениците кои ќе се вратат од училиште со научени погрешни факти. Проблемот е како да не се намали авторитет на наставниците а сепак децата да не стекнат погрешни знаења.
„Круто е да се каже од дома, ништо не знае наставничката, слушај ме мене што ќе ти кажам, на тој начин ќе се изгуби авторитетот кај наставниците, затоа целата приказна е меч со две острици, што не значи и дека детето треба да научи погрешно“, додава Даскалов.
Надлежните си ја префрлаат одговорноста
Видете и ова: Половина влада ќе го оправа образованието, а не може да обезбеди ни учебнициАвторките на учебникот по историја за петто одделение, Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска на социјалните мрежи објаснуваат дека станува збор за технички грешки и дека укажале на пропустите веднаш штом забележале, но дека затаиле другите филтри кои дозволиле да бидат испечатени учебниците.
„И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што ако се прочита учебникот и се анализира, педагошки, методолошки ќе се забележи дека тој во целост ги следи Наставната програма, Методологијата за изработка на учебник и Националните стандарди. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста“, се вели во реакцијата на авторките на учебникот објавена на социјалните мрежи.
Ова не се единствените грешки во учебникот по историја. На социјалните мрежи вчера беа постирани страници од учебникот со грешки дека Северна Македонија на запад се граничи со Бугарија, а на исток со Албанија, како и дека Монт Еверест е висок 20 000 метри.
По жестоките реакции во јавноста Министерството за образование и наука (МОН) побара од Националната комисија за учебници да ги утврди причините за грешките во учебниците.
„Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување“, соопштија од МОН.
Од министерството за образование нема одговор што во меѓувреме, дали учебниците ќе бидат повлечени и заменети со нови и како и од што ќе учат учениците. Учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение се дел од новата програма и за нив досега министерството потроши околу 2 милиони евра.
Овие учебници се уште се распределуваат низ училиштата откако Министерството задоцни со нивното печатење, па учениците учеа од импровизирани учебници за што од буџетот беа потрошени дополнителни 600 илјади евра.
Кој и како ги одобрувал овие учебници за да стигнат во овој формат до учениците, според МОН допрва ќе се утврдува. Според законот за учебници за основно и средно образование, Националната комисија за учебници е составена од Претседател и 21 член кои што ги именува Владата. Од Владата нема одговор дали ќе ги разрешат членовите на оваа Комисија.