Достапни линкови

Половина влада ќе го оправа образованието, а не може да обезбеди ни учебници


Илустрација: Распартален учебник за основно образование
Илустрација: Распартален учебник за основно образование

Премиерот Димитар Ковачевски и четворица министри ќе бидат дел од Советот за унапредување на образованието. Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат како министри кои скоро едно полугодие не можат да обезбедат учебници за децата ќе го унапредуваат образованието.

Министерството за образование и наука, со поддршка од Владата донесе одлука за формирање Совет за унапредување на образованието и науката, во кој ќе членуваат премиерот и четворица министри. Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат како Владата која цело тримесечје не може да им обезбеди учебници на децата, ќе го оправа образованието.

Со Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование Јетон Шаќири, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими.

Нивна задача ќе биде подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација, зајакнување на системите за оценување, реформирање на наставните програми, прилагодување на стручното и високото образование кон потребите на пазарот на трудот.

Во исто време, учениците повеќе од еден месец немаат учебници. Тие од прво, второ, четврто и петто одделение, наместо учебници, добија материјали за учење, односно една книга во која има содржини од сите предмети. Другите добиле распарталени учебници на кои им фалат страници. Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека очекува овој и наредниот месец да завршат сите процедури и децата да добијат учебници. До тогаш може да заврши полугодието.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Како што снегот ги изненадува секој јануари, така и школската година ги изненади на 1 септември, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Затоа и составот на Советот не влева голема доверба кај граѓаните.

Други, пак, прашуваат што ќе ни е Совет, кога има и Министерство и Биро за развој на образование и уште неколку институции задолжени за образование.

Во активностите на Совет ќе учествуваат Сојузот на средношколци, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуација на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасни.

Поради ненавремено распишување на тендер, учениците навреме не добија ни свидетелства за минатата учебна година, па им ги поделија пред стартот на оваа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG