Достапни линкови

Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебници


Работни материјали за петто одделение
Работни материјали за петто одделение

Над 600 илјади евра се потрошени за привремените материјали за основците кои следат настава по новата концепција. Парите се заем од Светска банка, кој ќе треба да се врати. Според најавите на надлежните, новите учебници треба да бидат готови до крајот на овој или следниот месец.

Државата преку заем од Светска банка одвоила 640 илјади евра за речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи на 1 септември не беа готови нивните нови учебници. Па така, додека да минат процедурите и тендерите за печатење, од Министерството за образование одлучија да испечатат материјали за учење, односно една книга во која се споени делови од различни предмети, за четири генерации, односно за сите основци што учат по новата концепција.

Печатењето и дистрибуцијата на привремените учебници одело преку две фирми - Печатницата Европа 92 и Тримакс, наведуваат од МОН во одговор обезбеден преку правото на пристап за информации од јавен карактер. Испечатени биле вкупно 74.207 примероци по цена од 39.491.798 денари со ДДВ (околу 640 илјади евра). Ова практично значи дека привремениот учебник во просек чинел по 532 денари, печатен во боја и со по педесетина страници.

Притоа биле спроведени две постапки. За привремените учебници за прво одделение, Бирото за развој на образованието направило подготовка за печатењето, а како најевтина од пет доставени понуди била избрана онаа на Печатница Европа 92.

За останатите три одделенија се барала консултативна компанија за подготовка, лектура, техничка и графичка обработка, заедно со печатењето и дистрибуцијата низ земјава. МОН за ова ја избрал компанијата Тримакс, која го спровела печатењето како дел од договорот, во печатници по свој избор.

Парите за привремените учебници се земени од проектот одобрен лани од Светска банка за подобрување на условите во основното образование во период од пет години. Се работи за заем кој тежи вкупно 21,5 милиони евра кој ќе треба да го вратиме во следните 11 години, со грејс период од 3 години.

Работни материјали за 2 одделение
Работни материјали за 2 одделение

Од МОН појаснуваат дека добиле одобрение од Светска банка за дел парите да ги искористат за привремените материјали, со цел да се надмине проблемот со недостаток на учебници за тековната учебна година.

Првично, како што е одобрен, проектот од Светска банка се фокусира на „интервенции на ниво на училиште најблиску до учениците“, при што треба да го подобри учењето, но и да ги ублажи загубите во учењето предизвикани од ковид -19. Македонските ученици за време на пандемијата беа меѓу последните кои се вратија во училишните клупи, а нивните резулати на меѓународните тестирања многу заостануваат и зад Европа, и зад регионот.

Опозицијата обвинува за „неспособност“

Критики за печатењето на привремените учебници неодамна стигнаа и од опозициската ВМРО ДПМНЕ, од каде обвинија дека МОН потрошило половина милион евра за „скрипти кои ќе служат еднократно“, со што според опозицијата, „се покрива неспособноста на власта навреме да се обезбедат учебници и се создава простор за профит на поединци“.

„Ова буквално значи дека децата ќе учат од материјали, кои власта успеала да ги скрпи пред самиот почеток на учебната година, затоа што со години ништо не преземаат. И наместо нови учебници имаме компилација на привремени материјали од минатогодишните учебници и дел од новите која Министерството за образование и наука ја платило 530.000€“, реагираа од ВМРО ДПМНЕ.

Остра реакција за учебници стигна и од Алијансата на Албанците, кои од минатата недела почнаа кампања: „Каде се книгите?!“, бидејќи на скоро два месеци од почетокот на школската година, учениците се уште немаат добиено вистински учебници.

Како што првично беше најавено, привремените учебници, или како што ги нарекуваат од МОН-материјали за учење, треба да помогнат во совладување на материјалот во првото тромесечје.

До каде се новите учебници?

Министерот Шакири минатата недела објави дека Печатницата „Европа 92“ го добила тендерот за печатење на новите учебници, според условот за најниска понудена цена. Тој не прецизираше конкретно кога учениците ќе добијат учебници, туку само дека јавноста ќе биде информирана за сите постапки.

Во интервјуто на Шакири за РСЕ минатиот месец, најавите беа дека учениците ќе ги добијат своите учебници до крајот на октомври или почетокот на ноември.
За доцнењето на учебниците пак министерот во повеќе наврати се правдаше со законските процедури, па најави дека ќе следат повеќе законски измени за да се реши овој проблем.

Министерката Мила Царовска, која беше претходничка на Шакири и главен мотор за носењето на новата концепција за основното образование, проблемот со учебниците планираше да го реши на друг начин, со тоа што ќе ги замени со дигитални, за учениците од четврто до деветто одделение. Лани за првпат беа воведени дигиталните учебници за четвртоооделнците, со тоа што ним воопшто не им беа доделени печатени. Ама по бројните критики, оваа реформа беше отфрлена од Шакири, па така и за четвртооделенците годинава се предвидени печатени учебници, кои се уште се чека да бидат испечатени.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Печатењето учебници инаку е вносен бизнис, па само за минатата учебна која се одвиваше во ек на пандемија, за дистрибуцијата, откуп и превод МОН платило 2,4 милиони евра. Ако се погледнат ланските тендери, ќе се види дека и тогаш значително се доцнело со дел од постапките. На пример, договорот тежок 40 илјади евра за преведување на турски јазик, лектура, стручна редакција и графично уредување за основно и средно за учебната 2021/2022 бил склучен на 31 март, откако веќе минала најголемиот дел од учебната година.

Проблемот со тоа што нема учебници за четири одделенија почна со воведувањето на новата концепција во основното образование, за што беше потребно да се креираа нови учебници и да се напуштат оние од Кембриџ системот, кои не се покажаа како најдобро решение. Лани на овој начин почнаа да учат учениците од прво и четврто одделение, за годинава концепцијата да се прошири и на второодделенците и петтодделенците.

Целта е за пет години, во период додека се спроведува проектот за кој пари позајмува Светска банка, новата концепција да се спроведе во целото деветгодишно образование. До година таа треба да ги опфати учениците од трето и шесто одделение. Креирањето нови учебници за овие одделенија се уште не почнато, затоа што е заглавено печатењето на оние за четири генерации.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG