Интерпелација за Спасовски, за Маричиќ и Николовски Џафери ги одби

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев до Собранието ги достави Предлог Програмата за работа и Предлог составот на новата Влада на Република Северна Македонија.

Една интерпелација ставена на дневниот ред на Собранието, за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а двете за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, собранискиот спикер Талат Џафери одби да ги стави на дневен ред. Што кажаа опозицијата, а што власта за интерпелациите?

Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја поднесоа Алијансата за Албанците и Алтернатива во февруари, ден откако поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков исчезна, па се појави сам пред обвинителството. Во образложението на интерпелацијата тие пишуваат дека такво бегство не може да се случи без помош на некој од власта, а дека најодговорен за тоа е Спасовски.

„Без разлика дали тој го придружувал, дали организирал придружба, дали ги затворил очите или спиел кога заминал, тој треба да биде одговорен за тоа, а за нас посебното име за оваа одговорност е Оливер Спасовски“, наведуваат од Алијансата за Албанците и Алтернатива во образложението за интерпелацијата објавено на интернет страницата на Собранието.

Видете и ова: Што се крие зад исчезнувањето, па појавувањето на Мијалков?

Поранешниот шеф на УБК, Мијалков во февруари пред изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ исчезна за државните органи, а по дводневна потрага по него, сам се појави пред обвинителството тврдејќи дека не видел дека го бараат затоа што се самоизолирал со симптоми за коронавирус. Истиот ден попладнето, премиерот Зоран Заев пред Владата, придружуван од министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ рече дека појавувањето на Мијалков е успешно завршен случај од страна на институциите на државата.

„Институциите покажаа дека учиме од бегството на Груевски. Институциите чукнаа на маса денеска и постапија. Тие ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Сите нивни чекори се преземени согласно законите. Алармот треба да биде вклучен пред секој со кривична или друга одговорност и државата докажа дека е подготвена да биде сервис на граѓаните“, рече Заев.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ Мијалков е осуден на 12 години затвор, а за случајот „Трезор“ месецов доби уште осум години затвор. До правосилноста на пресудите се наоѓа во затворот во Шутка.

Интерпелација за Маричиќ

ВМРО-ДПМНЕ, пак, поднесе интерпелација за министерот за правда Бојан Маричиќ пред Алијансата за Албанците и Алтернатива да поднесат за Спасовски, но таа не е се уште ставена на дневен ред на Собранието. На денешната собраниска седница, на која последна точка на дневен ред е интерпелацијата за Спасовски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да бидат ставени и интерпелациите за Маричиќ и Љупчо Николовски, но претседателот на Собранието Талат Џафери не прифати со тврдење дека е спротивно од деловиникот.

„Деловникот пропишува на интерпелацијата на носител на јавна функција, дотичниот да има право, но не и обврска да одговори во рок од 15 дена. Во тие 15 дена двајцата дотични не одговориле на интерпелацијата и според деловникот бев должен на прва наредна седница да ги ставам точки на дневен ред. Беа поставени на 36 седница. Вие баравте да се тргнат тие две точки од таа седница“, рече Џафери.

На ова реагираше Мицевски и праша каде Џафери видел дека не може да се стават на прва наредна седница.

„Затоа што дневниот ред не се усвои за тие интерпелации. Тие се во собраниска процедура, не се повлечени. Стојат отворени. Од истата таа седница ставате точка на дневен ред што не е спорно, но ги тргате интерпелациите за Маричиќ и Николовски и не сакате да зборуваме за нивните неработи“, рече Мицевски.

Инаку, интерпелацијата за Маричиќ е поднесена на први февруари веднаш по објавувањето на извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепцијата за корупција во кој Македонија беше историски најлошо рангирана со пад од пет места во однос на претходната година и се најде на 111 место.

Видете и ова: Македонија историски најлошо рангирана според индексот на корупција

ВМРО-ДПМНЕ во интерпелацијата ги набројува аферите како Леонардо за набавката за радарските системи од италијанската фирма со која се поврзува доскорашниот владин службеник Драги Рашковски, сега осомничен во друг случај за набавка на софтвер за МВР, потоа како што пишуваат, финансирањето на магариња и фризерници со европски средства, рекетот, торбите со снопчиња пари и десетици други корупциски скандали на власта.

"Оваа интерпелација за работата на министерот Бојан Маричиќ ја поднесуваме заради неговата неспособност да раководи со функцијата и успешно да се справи со корупцијата во Република Македонија. Наместо вистински да се бори против корупцијата, тој ја замајува јавноста со привидна борба против корупцијата, чија цел е само остварување политички поени за СДСМ“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

За извештајот на меѓународната организација од Владата соопштија дека се свесни за алармот и дека се цврсто решени да ја променат сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата.

„Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати“, реагираше Владата.

Интерпелација за Николовски

Во ист ден како и онаа за Маричиќ, ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и за вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Причината е иста, лошото рангирање на извештајот на Транспаренси интенрнешнл, а слични се и обрзложенијата наведени во интерпелацијата.

„За ова мора да се сноси одговорност. За иронијата да биде поголема, најкриминалната власт има и министер за борба против корупција. И не е доволно негова оставка или само оставка на министерот за правда. Владата МОРА да падне! Целата влада мора да си поднесе оставка!“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во интерпелацијата.

Министерот Николовски, пак, по извештајот побара време за делување оти како што рече слабостите биле трупани 30 години, а тој бил на функцијата три месеци.

„Најмалку Љупчо Николовски може да биде крив или Бојан Маричиќ во овој дел на нефункционирањето или невоспоставувањето токму на тие силни механизми што треба да постојат помеѓу сите институции и проблеми што не биле решени не само со години, туку со децении. И ние токму затоа мислам дека сме ја погодиле целта со самото формирање или поставување од страна на премиерот во самиот владин кабинет на посебен човек којшто треба да ги олесни работите на институциите, да даде поддршка на регулаторните тела, на самите владини институции се со цел да ја зголемиме таа битка, да ги испорачаме резултатите на граѓаните коишто ги очекуваат и да се избориме против ова зло кое што е длабоко со децении навлезено во сите пори на општеството, а особено во 11 години од режимот којшто го имавме со ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски тогаш.

Најавена, но неподнесена интерпелација и за Филипче

На 16 март ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека поднеле интерпелација за министерот за здравство, Венко Филипче, во која, меѓу другото, како причини ги наведоа „3340 починати од Ковид, катастрофално справување со последиците од кризата, немање вакцини, колапс на здраствениот систем и набавката на кинески вакцини“.

Видете и ова: Поднесена интерпелација за Филипче, СДСМ реагира

Таква интерпелација не може да се најде на собраниската страница во делот материјали, а од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека се уште не поднеле, но ќе ја поднесат наскоро.

При најавата дека ќе поднесат веднаш реагираа од СДСМ од каде што наведоа дека тој потег на ВМРО-ДПМНЕ е „врв на деструктивно и неодговорно однесување на опозициската партија во услови на пандемија“.

Инаку, досега, од кога е изгласана оваа влада, на 30 август 2020 година имаше една интерпелација за вицепремиерот Никола Димитров. Причина за интерпелацијата, како што тврдеа во февруари година од опозициската партија, била манипулацијата на јавноста за добивање на датум за почеток на преговори со Европската унија, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој правел големи проблеми на државата.