Достапни линкови

Македонија историски најлошо рангирана според индексот на корупција


Транспаренси Интернешенл индекс на корупција 2020
Транспаренси Интернешенл индекс на корупција 2020

Северна Македонија е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Панама и Монголија го делат 111 место на ранг листата за перцепција за корумпираност на државата, покажа последниот извештај на Транспаренстност Интернешнл. Со ова, земјата бележи пад од пет позиции во однос на минатата година. Но, промена во индексот нема, односно и годинава како и лани индексот изнесува 35. Ова рангирање е историски најлошо досега откако се мери во земјава, вели Слаѓана Тасева од македонското претставништво на Транспаренси Интернешнл.

„Ова е историски најлош резултат на индексот, до сега бевме најдолу на 107 и сега сме уште подолу, ова е прв пат откако Македонија се рангира, да имаме толку лошо рангирање, индексните поени 35 се исти како и лани. Апсолутно не бележиме никаков напредок, а многу е важно да се знае дека методологијата е заснована на истражувања не постари од две години“, вели Тасева.

Индексот во изминативе пет години се движел од 37 до 35 со што и рангирањето било од 90 место до денешното 111 место. Тоа значи дека земјава не покажува никаков или слаб напредок во борбата против корупцијата.

Тасева објаснува дека истражувањата кои се земени во предвид за македонскиот резултат покажуваат сериозен пад на клучниот индекс на владеење на право и правда.

„Тоа укажува директно на тоа дека ние не се справивме соодветно со корупцијата во судството и не се спроведе таа ветувана реформа во правосудството и другиот индекс каде што бележиме пад е Фридом хаус, значи човекови права и слободи, клучните работи кои што требаше да се земат први во реформите. Таму бележиме пад и како резултат на тоа, ние бележиме пад на индексот, тука е директната врска“, вели Тасева.

Во однос на регионот земјава во друштво на Босна и Херцеговина се рангирани на дното по индексот за корупција. Од земјите во Западен Балкан подобрувања бележи само Албанија со скок од две позиции на ранг листата, додека кај Хрватска нема промена.

Македонската влада со поставување на вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси го издигна овој проблем во приоритетните за решавање во новиот мандат. Во Акцискиот план 21 Владата најави дека ќе биде воспоставен синхронизиран и единствен Кол центар за пријавување на корупција и следење на постапките во институциите.

Но, од друга страна, повеќе од една година во Собранието никако да се донесе Национална стратегија за борба против корупција и спречување на судири на интереси, која Антикорупциската комисија ја изработи заедно со неколку институции. За држава која тврди дека битката со корупцијата е во врвот на приоритетите, ова е податок кој не оди во прилог на декларираните цели.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека борбата со корупцијата е многу тешка и за неа е неопходна политичка волја.

„Ниту ДКСК ниту поставувањето на вицепремиерот за корупција не може одеднаш да ја реши борбата со корупција. Работејќи по предмети и пријави од граѓаните откривме многу слабости кои понатаму треба да се отстранат, но за тоа повторно треба политичка волја, државата, министерствата да постапат по нашите препораки и да направат промена во соодветните закони за да се надминат системските слабости. Тоа е клучно и основно, да не се дозволи, под мотото „сè е по закон“ да поминуваат многу коруптивни дејства. Треба сеопфатна борба, треба цело општество еднаш да реши – Да ние ќе завршиме со корупцијата. Но, сè додека некој си го гледа само својот интерес, а да признаеме дека има такви, борбата е нормално многу потешка“, вели Ивановска.

Ивановска: Корупција со изговор „сè е по закон“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:52 0:00
Директен линк


Во најновиот извештај на Транспаренси Интернешнл за 2020 година Ковид-19 зазема клучно место. Извештајот го потенцира влијанието на корупцијата врз одговорите на владите на пандемијата споредувајќи ги перформансите на земјите со нивните инвестиции во здравствена заштита и степенот до кој нивните институции се ослабени за време на пандемијата. Генерално индексот за перцепција на корупцијата за 2020 година открива дека постојаната корупција ги поткопува здравствените системи и придонесува за демократско заостанување во услови на пандемија со ковид-19.

„Ковид-19 не е само здравствена и економска криза, Тоа е и корупциска криза. И претставува уште еден сегмент во кој не успеваме да го менаџираме“, вели Делиа Фереира Рубио, шефица на Транспаренси Интернешнл.

Земјите кои добро се однесуваат на индексот инвестираат повеќе во здравствената заштита, се подобро способни да обезбедат универзално здравствено покритие и поретко ги кршат демократските норми и институции или владеењето на правото, се вели во Индексот за перцепција на корупцијата.

Тасева вели дека во однос на здравствената криза, допрва треба да се анализираат последиците кои корупцијата ги остави врз македонскиот здравствен систем за лекувањето на граѓаните во пандемијата. Таа посочува дека тој сегмент засега не може во целост да се поврзе со македонската позиција на индексот.

„Сигурно дека има влијание и во земјава корупцијата во време на ковид во секторот на здравствената заштита, и во економијата во однос на сите мерки кои треба да се применат за здравствена заштита на населението. Од набавки, градења, распоредувања, давање на приоритети во болниците, и тука има силни влијанија од различни групи и пријателства без критериуми, каде слушаме дека некои не можат да влезат, а за некои се чува место, па се до набавка на лекови“, вели Тасева.

Таа додава дека тоа ќе може да се утврди во наредниот извештај ако се истражува тој сегмент.

За споредба, највисоко на листата веќе со години се: Данска, Нов Зеланд и Финска чиј индекс изнесува во просек околу 88 поени. На дното, исто така, со години, се наоѓаат држави како Сомалија, Јужен Судан и Сирија кои едвај достигнуваат двоцифрен индекс од 10 до 13 поени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG