Додека домашното производство на струја со години се намалува, а цената на струјата, која ја увезуваме, вртоглаво порасна, власта ги стимулираше граѓаните да го напуштат греењето на дрва и да почнат да се греат на струја.
За субвенции за инвертери преку општините и Владата беа дадени милиони денари, а голем број семејства се префрлија на греење на струја и ги дадоа своите печки на дрва за да добијат субвенции за инвертери, печки на пелети или топлински пумпи.
Експертите велат дека субвенциите за инвертери не се грешка, но тоа мора да биде проследено со мерки за зголемување на домашното производство.
Употребата на инвертери е добро решение во зимскиот период бидејќи, од една страна, трошат помалку електрична енергија од термо-акумулационите печки или обичните греалки, а од друга страна се намалува локалното загадување со замената на печките на дрва, вели професор Константин Димитров.
Тој додава дека мудро решение, во комбинација со употребата на инвертери, е државата на секое домаќинство да му дозволи да постави сончеви колектори на покривите и вишокот на енергија да ја преземе или ЕСМ или ЕВН-Хоум.
„Овој проблем цела година е во администрацијата, потребните измени во Законот за енергетика и во Правилнкот за примена на обновливи извори на енергија. Пред неколку месец министерот за економија најави дека ќе им дозволат на граѓаните да поставата 6 киловати и дека ЕВН-Хоум ќе биде задолжен да ја преземе таа електрична енергија. Е сега, наводно размислуваат дали да му вратат како пари на домаќинството по истата цена како што ја купуваат од ЕСМ, а таа денешна цена е 42 евро или ќе му вратат киловат за киловат“, вели Димитров.
Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека државата сака да ги мотивира граѓаните да ги користат субвенциите за инвертери, за печки на пелети или топлински пумпи, наместо да употребуваат печки на дрва.
Тој очекува цените на струјата и натаму да се зголемуваат, но како што вели постепено, додавајќи дека смета оти за мнозинството граѓани цените на струјата да останат исти и поради тоа не очекува тие да ги менуваат изворите на загревање.
„Сакаме да ги поттикнеме граѓаните да не користат дрва за затоплување и други елементи кои загадуваат и не мислам дека оваа година ќе има зголемување на загадувањето“, вели Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Тој додава дека инвертерите се многу енергетски ефикасни, велејќи дека со зголемената употреба на инвертери во изминативе години, имало и намалување на аерозагадувањето во последните 5-6 години.
„Имаме научни податоци кои покажуваат дека аерозагадувањето во нашите градови, посебно во градот Скопје, над 40 отсто е од биомаса, што значи дека се употребува дрво за загревање или други материјали кои загадуваат“, вели Нуредини.
Нуредини, исто така вели дека треба да се поттикнат граѓаните да инвестираат во обновливи извори на енергија, како што се сочневите колектори.
Министерот за економија Крешник Бектеши овој месец изјави дека државата почнала да ги олеснува процедурите за инвестиции во обновливи извори на енергија, за ветер и сончева енергија, преку можност секое домаќинство да инвестира во сопствени фотоволтаични панели и да може струјата да ја продава на пазарот по истата цена што ја купуваат од универзалниот снабдувач.
„Микро и малите компании ќе имаат можност да инсталираат до 40 kw со истиот модел”, рече Бектеши.
Видете и ова: Енергетската ефикасност е спасоносен лек за енергетските кризи
Инаку, домашното производство на струја за десет години е намалено за една четвртина, а производството во државните капацитети е намалено за скоро половина.
Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека за една деценија домашното производство на струја е намалено за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е речиси преполовено.
Во 2010 година, државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Увозот постојано се зголемува. Термоцентралите, пак, го намалуваат производството веќе две децении.