Косовската влада на 15 октомври објави дека им понудила на САД можност да основаат постојана воена база на Косово. Министерот за одбрана на Косово Арменд Мехај изјави дека оваа понуда му ја предал на потсекретарот на американското Министерство за одбрана Колин Кал при посетата на Вашингтон.
Според министерот Мехај, САД ја разгледуваат понудата, а потоа ќе се координираат по ова прашање. Радио Слободна Европа побара повеќе детали за оваа понуда што Косово ја упати до САД, но Министерството за одбрана не одговори на прашањата. На оваа понуда не одговорија ниту претставници на американското Министерство за одбрана.
„Постојаната воена база ги згаснува територијалните претензии“
Поранешниот министер на косовските безбедносни сили Рустем Бериша за Радио Слободна Европа вели дека постојаната воена база доволно зборува за односите на Косово со САД и за решавање на многуте предизвици што постојат на Западен Балкан.
Капчан: Западен Балкан треба да биде подготвен за интензивен ангажман на САД
„Можноста за воспоставување постојана американска воена база на Косово ја гледам како разумен чекор и високо го ценам, бидејќи тоа влијае за зголемување на внатрешната стабилност на Косово и во регионот воопшто. Ова ќе влијае и врз унапредувањето на односите на Косово со САД“, рече Бериша.
Видете и ова: Косово го вклучува алармот во регионотВо Косово, од 1999 година постои американски воен камп, Бондстил. Се наоѓа во Урошевац, на околу 40 километри од Приштина. Ова е единствениот воен камп на САД во Југоисточна Европа. Според Ројтерс, во овој камп престојуваат 700 американски војници.
Разликата меѓу овој камп и евентуалната постојана американска воена база, според поранешниот министер Бериша, е дека постојаната база има појасна порака.
„Постојана американска воена база на Косово ќе ги згасне аспирациите на оние кои имаат територијални претензии кон Косово и ќе го отвори патот за сеопфатен договор меѓу Косово и Србија“, додаде Бериша.
Тој смета дека преку оваа американска воена база ќе се унапредува воената соработка на полето на безбедноста меѓу двете земји и ќе се помага развојот на Косовските безбедносни сили кои моментално минуваат низ процес на трансформација во војска на Косово.
Воспоставување постојано воено присуство во Југоисточна Европа беше побарано во 2017 година од страна на Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон во извештајот за новата американска стратегија на Балканот.
Во него се вели дека формирањето на американска воена база во Југоисточна Европа ќе помогне за стабилизирање на регионот и дека кампот Бондстил би бил идеален за оваа намена.
Во Косово сместени 683 Авганистанци
Во извештајот , исто така, се оценува дека таквиот потег ќе ја покаже континуираната посветеност на САД за безбедноста во регионот и ќе ја зајакне долгорочната способност на Соединетите Држави да влијаат врз развојот на настаните.
„Војниците ќе помогнат да зајакне способноста на локалните власти за да го спречат тероризмот преку обука и размена на најдобри практики и ќе пружат помош во случај на хуманитарна катастрофа“, се вели во извештајот.
Воспоставувањето на постојано воено присуство во Југоисточна Европа, како што се наведува, би испратило и јасна порака до регионот дека Соединетите Држави се посветени на спречување на промената на постојните граници.
„Американската воена база го спречува руското влијание“
Професорот по безбедносни науки Авни Ислами за Радио Слободна Европа вели дека постојаната американска воена база на Косово ќе го спречи руското влијание во регионот.
„Косово сè уште се смета за земја која е зафатена од тензии, како што беше на северот на земјата што ја создаде Владата на Србија. Постојана американска воена база на Косово би ја зголемила безбедноста не само на Косово, туку и во регионот“, вели тој.
Според него, постојаната американска воена база треба да биде лоцирана во Северна Митровица, каде, како што вели, се создаваат тензии.
Понудата на косовската влада до САД за постојана воена база дојде откако се појавија тензии на граничните премини со Србија, кога косовската влада, на 20 септември, почна да спроведува реципроцитет во врска со регистарските таблички со Србија.
КФОР ги напушти административните премини на Јариње и Брњак
Како резултат на оваа одлука, на граничните премини во Јариње и Брњак во северно Косово, локалните Срби ги блокираа патиштата со тешки возила како форма на противење на одлуката на Владата. Косово и Србија постигнаа договор за регистарските таблички на 30 септември.
Инаку, Соединетите Држави воспоставија дипломатски односи со Косово во 2008 година, по прогласувањето независност од Србија.