Неизвесната ситуација во Косово по надлетувањето на српските воени авиони над граничниот премин Јариње меѓу Косово и Србија, каде што косовските Срби ги блокираат патиштата, може лесно и брзо да се прелее во безбедносен проблем во регионот, вклучително и на македонска територија.
Безбедносните аналитичари и професори имаат поделен став. За едни ова е сериозно прашање кое може да ескалира со негативни последици, додека за други ова е почеток на решавање на српско-косовскиот проблем. Професорот од областа на безбедносните науки и кривичното право, Стеван Буџаковски, вели дека сите процеси кои се јавуваат во регионот, без разлика дали се позитивни или негативни, секогаш се пресликуваат на македонската територија поради геостратегиската позиција на Балканот.
„Посебно во овој конфликт кој што е настанат меѓу Србија и Косово, доколку дојде до сериозен конфликт многу негативно ќе се одрази врз Република Македонија и нејзината безбедност, но и можност од проширување на конфликтот бидејќи сиве процеси кои се јавуваат како одвоени инциденти и протест, секогаш се најава за некои посериозни безбедносни закани“ вели Буџаковски.
Тој вели дека Македонија треба да го вклучи алармот за активирање на сите безбедносни служби во безбедносна проценка, а потоа и во преземање на превентивни мерки и подготовка за најлошо можно сценарио.
„Превентивата е широк спектар мерки, почнувајќи од контрола врз одредени лица кои би можеле да се вклучат во тие процеси, дали тоа ќе биде контрола врз оние кои се вратиле од војни како повратниците од ИСИС и слично. Вклучување во процеси кои што значат безбедносно загрозување на територии од повеќе држави. Тука може да се крие и заговарање на некои други состојби како Голема Албанија, Голема Србија, Илирида и слични состојби кои што цело време си тлеат на овие простори“ објаснува тој.
Од друга страна, пак, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека српско- косовската ситуација наскоро ќе се смири и не очекува прелевање на кризата во Македонија, нити пак, ескалација на тензиите. Неговата проценка е дека најверојатно е оптимистичкото сценарио со вклучување на САД, ЕУ И НАТО во деескалација на тензиите.
„А ако се заострат состојбите, искрено не очекувам да дојде до воен судир, тоа би било повторно војна на Србија против НАТО, затоа што НАТО, КФОР и ЕУЛЕКС се гаранти за стабилноста на Косово. Така што, такво нешто би било конфликт од пошироки размери со тешки последици по Балканот и пошироко. Но, јас не верувам дека до тоа ќе дојде. Очекувам да се смират состојбите и мислам дека тоа е почеток на можна разврска на косовско- српскиот јазол, односно проблем“, вели тој.
Трајанов вели дека е хендикеп тоа што Германија нема да има посебно влијание врз проблемот поради изборите, но најавените поинтезивни разговори со преставници на САД ќе покажат набргу резултати и ќе се смират состојбите.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на својот официјален Твитер профил напиша дека телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти за потребата од деескалација на северот на Косово.
„Од витално значење е Белград и Приштина да покажат воздржаност и да се вратат на дијалогот“, се вели во постот на Столтенберг.
Но, според Буџаковски најлошото сценарио е можно затоа што во изминатава недела, како што вели, немаше пошироки меѓународни активности за спречување на овој конфликт.
„Тоа мириса на нешто што значи дека овој конфликт се олабавува за да дојде до нешто пошироко. Затоа Македонија многу претпазливо треба да ја следи оваа безбедносна ситуација за да развива мерки кои ќе значат подготовка за одбрана на уставниот поредок и безбедноста на Македонија“, вели тој.
Трајанов вели дека клучен совет во ситуацијава е земјава на политички план да остане неутрална, особено затоа што сега е членка на НАТО. Во тој контекст вели дека не очекува прелевање на кризата во Македонија, иако се зависи од тоа каква улога ќе има НАТО во целиот процес.
„Македонија може да биде во исклучително деликатна ситуација, бидејќи имаме исклучително добри односи и со Косово и со Србија и добро е да имаме таква неутрална позиција. Нити со изјави нити на кој било начин да не се вмешуваме во овој конфликт, затоа што фаќање страна би било непродуктивно за Македонија, тоа би било моја порака“, вели Трајанов.
Имено протестот на косовските Срби, незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на административните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарски таблички, трае осми ден по ред. Ниту припадниците на специјалната полиција, ниту граѓаните собрани на протестот се откажуваат од своите позиции.
Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички. Срби од северно Косово оттогаш ги блокираат патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш.
Приштина ја усвои новата мерка откако на 15 септември истече петгодишниот договор, според кој Косово се согласи да ја продолжи валидноста на регистарските таблички издадени од српските власти за градовите на Косово.