Зимава ќе штедат само богатите, а другите ќе мрзнат во „шупливи“ објекти

Куќи во Скопје со соларни панели на покривите и стари фасади

Интерес за штедење енергија има, но можност за тоа имаат само богатите, покажуваат искуствата на фирмите кои работат на полето на енергетската ефикасност. Пописот покажа дека само 34% од зградите имаат енергетски ефикасна фасада, 11% од становите се со инсталација за соларни системи.

Цената на енергијата расте, властите велат дека будно ја следат ситуацијата, а граѓаните стравуваат - дали се згреат зимава во домовите што пропуштаат половина од топлината и без можност за ставање соларни системи. Последниот сет податоци од ланскиот попис, објавен минатата недела покажаа дека само 34% од зградите во земјава имаат енергетски ефикасна фасада, а во едвај 11% од становите има поставено некаква инсталација за соларни колектори, која не е секогаш функционална.

Видете и ова: Ниту пари, ниту желба за енергетски ефикасни згради

Скопјанецот Рубин Илиев пред еден месец стави енергетски ефикасна фасада на куќата во која што живее. Вели, одлуката за тоа била донесена од поодамна, ама чекал да дојдат подобри времиња. Пресудно било тоа што материјалите ги купил лани, кога цените биле драстично пониски, а олеснување било и тоа што со семејството имаат градежна фирма.

Вели дека уште летово увидел колкава е разликата со и без фасада. Ако лани клима уредот редовно работел, годинава во најтоплиот период го вклучиле само двапати. Уверен е дека заштедите ќе бидат големи и зимава, дотолку повеќе што цената на струјата расте. Сепак, искрен е Илиев, ако требало да става фасада со моменталните цени, веројатно ќе се откажел од идејата, ито како што тоа го направиле многу од неговите потенцијални клиенти.

„Се откажуваат бидејќи високи се цените. И тие што беа заинтересирани, или на ред во поодминати преговори. Значи се е веќе откажано. Петка (дебелина на фасада) доаѓа веќе 30 евра по квадрат, со осмица би било преку 33 евра, со десетка преку 35, со стандардни материјали. Ако се стават и поквалитетни материјали, сигурно ќе биде уште 20-30 посто поскапо. Значи многу отиде (цената) во однос на лани, со 50 % и повеќе“, загрижен е Илиев.

Енергетски(не)ефикасни згради


Тој претпоставува дека инвестицијата ќе му се врати за 7 до 10 години, преку трошење значително помалку струја благодарение на новата фасада. Ваквото штедење станува уште поважно, ако се има на ум дека земјава е зависна од увозот на струја, додека производството на струја во државните капацитети е скоро преполовено за една деценија.

Енергетската ефикасност привилегија на тие со пари

Податоците од Државниот завод за статистика добиени на последниот попис покажаа дека најголем процент енергетски ефикасни згради имаат општините Тетово, Гостивар, Теарце, Желино, Врапчиште и Брвеница. Тие се меѓу ретките места каде бројот на згради со енергетски-ефикасни фасади, е поголем од оние што немаат ваква изолација. Од скопските општини пак најдобра е состојбата во Карпош, најлоша во Шуто Оризари.

Според професорот Константин Димитров, веќе е доцна да се направат позначајни чекори за помало губење топлина во поголемиот дел од македонските домови. Вели дека енергетската ефикасност е привилегија на тие што имаат пари, „а народот нема пари“.

„Во Македонија во оваа насока, во дадениот момент за зимава скоро ништо не може да се направи во доменот на зградите коишто се, да кажеме вулгарно, шупливи. Така се што ставате дома да загреете многу побрзо минува низ ѕидовите наместо да го сочувате и да ве топли подолг временски период. Не можете вие сега, а и нема толку пари, веројатно нема ни толку луѓе, голем дел на станбени објекти да се изолираат дополнително однадвор“, објаснува професорот.

Ова вели е прашање кое мора да се решава на долг рок, но забележува и дека „владините приоритети се други, не во енергетска ефикасност“. Но затоа е дециден дека голема корист би имало од итни мерки за поставување повеќе соларни системи пред да дојде зимава.

Одреден исчекор беше направен со новиот Правилник за обновливи извори донесен во јуни, со кој се дозволи сите домаќинства да може да произведуваат електрична енергија со фотоволтаици на нивните покриви, што е чекор понапред од т.н. сончеви колектори кои се користеа за топла вода. Сепак, и покрај најавите за олеснување на процедурите, професорот Димитров е револтиран од бројните препреки за поставување ваков систем.

„Законските одредби се насочени против домаќинствата и против државата. Ограничувања, администрација ненормална, и одеднаш гледате ви треба година дена да тргнете во постапка за да добиете дозвола и додека да поставите отиде зимата“, вели Димитров.

Интерес има, пари за соларни системи нема

Годинава изостанаа субвенциите на Министерството за економија за дел од трошоците за сончеви термални колекторски системи како и за ставање ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата. Место тоа, најава стигна за субвенции за поставување фотоволтаици, но јавен оглас се уште нема. Од Министерството за економија, во одговор за РСЕ уверуваат дека тоа ќе се случи во август.

„Средствата за реализција на оваа програма се во износ од 60.000.000 денари и истите ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на споственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година“, појаснуваат од Еконимија.

Засега, додаваат, не се планираат други мерки во рамките на Буџетот на Министерството за економија.

Во меѓувреме, расте интересот кај граѓаните за соларните системи, ама никој не ги купува, вели Илија Чулев, сопственик на компанија која скоро 30-години работи во оваа област. Забележува дека годинава пазарот е целосно нарушен. Цените им се повисоки за 30-тина отсто споредено со лани.

Видете и ова: Фотоволтаици за излез од енергетска криза и поефтина струја

„Интересот е зголемен, се јавуваат по 100-тина луѓе на ден, ама кога ќе слушнат колкава е цената, се откажуваат, затоа што нема никаква поддршка од државата, никакви поволности, се е увозно, ДДВ-то е 18% за повеќето делови и само најбогатите инвестираат“, вели Чулев.

Тој додава дека сериозен проблем им е и набавката од Германија. Така ако лани нарачката им стигала за 10 дена, годинава вели дека чекаат и 6 месеци. За да биде проблемот уште поголем, вели дека на пазарот годинава се појавиле стотици нови фирми за соларни и фотоволтаични системи „кои носат се и сешто“, па загрижен е дека проблемите во овој сектор допрва ќе следат.

„Луѓето ја гледаат само цената и тек ќе има проблеми, пожари... Фотоволтаичните системи се многу специфични и очекувам да има многу зезнати луѓе овие две три години, па потоа да се стабилизира пазарот“, вели Чулев.

Последните податоци од ДСЗ за становите во земјава, покажаа дека најмногу инсталации за соларни колектори, односно во повеќе од четвртина од становите има само во Неготино, Кочани, Крушево, Прилеп и Пробиштип.

Најавите дека зимата ќе биде тешка доаѓаат од сите страни, но засега од властите има само млаки апели за штедење и смирувачки пораки дека струја има и нема да има рестрикции. Па така, додека европските земји се тркаат во штедење енергија, кај нас се уште нема абер од антикризните мерки кои се најавуваат со месеци. За да биде иронијата поголема, државата со години не ја реализира ниту својата законска обврска за реновирање на зградите во нејзина сопственост, со што би трошело помалку електрична енергија преку изолација на нивните фасади.

Европската Унија пак оди голем чекор понапред. Планот е до 2050 година, зградите во блокот да имаат блиску до нула потрошувачка на енергија, бидејќи таа станува се поскапа и загадува ако се користат фосилните горива.