Шеесет и двегодишниот Велија Мемишовски од прилепско Канатларци е еден од многуте земјоделци кај кои силното невреме и градот што деновиве зафатија делови од земјата, предизвикаа големи штети. Тој раскажува дека 30 проценти од посадените пиперки му се уништени, а скоро исто толку страдале и посевите со тутун и житните култури.
„Кај пиперката имам доста штета и затоа сум принуден повторно да ја пресадувам. Ми настрадаа и тутунот, но и пченицата и јачменот, кои беа веќе на созревање. Немам ништо осигурано, а и не знам да ви кажам колкава ќе ми биде штетата зошто тоа ќе зависи од тоа колкави ќе бидат откупните цени на културите“, вели Мемишовски.
Обилните врнежи го погодија и струмичкиот регион, каде што најмногу се одгледуваат градинарски култури.
„Во нашиот крај големи штети има кај културите кои се засадени на отворено, односно без пластеници. Тука спаѓа лозјето, овошките и индустриската пиперка. Има штети и на дел од пластениците, каде што од силниот ветер е скинато полиетиленското платно, а со тоа се уништени културите внатре под најлоните“, изјави Ристо Велков од Синдикатот на индивидуални земјоделци во Струмичкиот регион.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека комисиите веќе почнале да ги прават проценките за тоа колкава е штетата по земјоделските површини по силното невреме. Тој верува дека во Владата многу брзо ќе го добијат извештајот од општините, и доддава дека со ребалансот на буџетот, во ставката за државни резерви кај Министерството за финансии се предвидени дополнителни 60 милиони денари.
Видете и ова: Во земјоделска држава ќе нема кој да ги работи нивитеНо, Мемишовски нема големи очекувања од проценката на комисијата, зошто како што вели, парите од минатогодишната проценка сè уште не стигнале на неговата сметка.
„И лани имаше град. Пријавив штета во општината. Помина комисијата и направи проценка. И никој не ми плати. Ништо. Сега ќе чекаме избори за да им кажам дека нема да гласаме, ако не ни платите“, вели Мемишовски.
Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека многу малку земјоделци се одлучуваат да ги осигурат своите посеви, а причината за тоа е дополнителниот финансиски трошок. Од друга страна пак посочуваат на многу недоследности во комуникацијата со осигурителните компании.
„Некои осигурителни компании но ако некој производ им е ризичен, тие не сакаат да го осигураат. Тоа значи дека не прифаќаат да осигураат производ од кој штета може да биде поголема. Тие не сакаат да бидат во загуба. На пример тутунот не сакаат да го осигуруваат. Пример, ако штетата е 60 отсто на тутунот помножено со цената на килограм тутун, тоа е многу висока цена за компаниите и затоа тој ризик осигурителните компании го избегнуваат, вели Петар Стојковски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Велков пак вели дека е потребно да се направат и законски промени во делот на земјоделското осигурување, бидејќи според него со промена на климатските услови рокот за признавање оштета од некои непогоди, не соодветствува со законски предвидените термини.
„На пример терминот за осигурување од мразеви кои прават штети треба да се пролонгира, бидејќи се случува мразеви да има и во мај, со климатските промени. Од друга страна пак, не се признаваат штетите од силен ветер, од кој на пример често се скине полиетиленското платно со кое се покриваат некои насади“, вели Велков.
Земјоделците се свесни дека елементарните непогоди не можат да се избегнат, но исто така знаат дека има начини на кој можат да се превенираат дел од штетите. Сепак мал дел од нив се одлучуваат да инвестираат во заштитни мрежи или зошто заедно со останатите трошоци за производство на одредена култура, претставуваат дополнително оптоварување за нивниот џеб.
Видете и ова: Пченица произведуваме недоволно, а сончоглед колку за грицкањеИнаку, целта на осигурувањето не е да се избегне или да се елиминира ризикот, туку истиот да се пренесе во друштво за осигурување.
Според податоците од Агенцијата за супервизија на осигурување градот и мразот се најизразени ризици во земјоделското осигурување. Во првите шест месеци од 2021 година над 70 отсто од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството и сточарството се поради последници од овие природни непогоди.
За првите шест месеци од 2021 година од овие природни непогоди се исплатени штети, за уништени посеви и плодови, во вкупна вредност од 117,85 милиони денари (1,9 мил. евра). Тоа е 72 отсто од сите исплатени штети во земјоделството и сточарството во овој период. Слична е статистиката и за првите полугодија во претходните две години. Во 2020 година за штети од град и мраз земјоделците наплатиле 99,5 милиони денари (1,6 мил.евра) односно 74 отсто, а во 2019 година 78 отсто од сите исплатени штети во земјоделството, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Што во случај на штета?
Инаку долку земјоделецот претрпе штета, а веќе има договор за земјоделско осигурување, пријавата се поднесува директно во друштвото за осигурување со кое е склучен договорот за осигурување.
Висината за надомест се определува со процена од страна на проценителот – земјоделски стручњак, излегува на терен каде врши непосредно процена на оштетените земјоделски култури и го определува износот кој како надоместок треба да му се исплати на земјоделецот согласно полисата за осигурување.
По определувањето на износот на надоместокот од страна на проценителот, осигурувачот донесува конечна одлука за износот кој ќе му биде исплатен на осигуреникот (земјоделецот). Осигурувачот го известува земјоделецот за одлуката и има законска обврска во рок од 14 дена да го исплати надоместокот за штета.
Доколку земјоделецот не се согласува со утврдениот износ на надоместок, има можност до осигурувачот да поднесе жалба кон која ќе приложи дополнителни докази за причините поради кои не се согласува.