Здравствениот персонал на Клиниката за инфективни болести е преморен, истоштен и дезорганизиран, а доколку бројката на заразени од ковид-19 продолжи да расте, системот ќе колабира. Вака доктор Фадиљ Цана, еден од лекарите специјалисти на Инфективната клиника, ја пренесува сликата од секојдневната работа во клиниката, која во последните три месеци е под директен удар на корона вирусот. Доктор Цана вели дека целата работа е сконцентрирана на Инфективната клиника, дека веќе подолго време „кубурат“ со кадар, а посебно е револтиран на тоа што на другите клиники не се примаат пациенти, додека тој и неговите колеги се претрупани со работа.
„Целата концентрација е кај нас и сите солат памет. Сите гледаат сеир. Нам ни требаат средства. Без алат, нема занает! Ви требаат основни материјали. Ако немате централен кислород, што ќе правите? На луѓето им треба кислород со боци. Кој ќе биде тој кој цело време ќе внимава дали има доволно кислород во боцата на пациентот? Додека ти пружаш помош на ургентен случај, тој од другата страна кој мислиш дека е стабилен, во меѓувреме помодрел и починал зошто му завршил кислородот во боцата?“, вели доктор Цана.
Смените се напорни, а во моментот само 12 луѓе го носат товарот на целата клиника, се жали доктор Цана. Дополнително, здравствениот систем брои заразени и во своите редови, со што се намалува капацитетот на медицинскиот персонал кој е во првите редови во битката против коронавирусот.
Токму затоа по систем на ротација, Министерството за здравство веќе испрати 27 медицински сестри од здравствените установи низ земјава, на Инфективната клиника во Скопје, додека пак, во ГОБ „8 Септември“ како поддршка се испратени 27 медицински сестри и двајца интернисти. Но, доктор Цана се сомнева дека колегите од внатрешноста ќе ја поправат моменталната состојба.
„Тие како да се паднати од Марс. Донесени од Кочани, од Битола, од Кичево...Сестри кои не се обучени за таа работа. Можноста тие да се заразат е скоро иста како и на населението. Тие не знаат основно како да се облечат или соблечат со заштитната облека. Тоа требало со месеци да ги обучуваат, а не вака,“ вели доктор Цана.
Видете и ова: Старите болки на здравството и новите пробеми со коронавирусот
Здравствените власти постојано повторуваат дека ситуацијата е под контрола и дека целиот здравствен систем е активиран и мобилизиран со цел успешно справување од овој непредвидлив вирус.
Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека болниците ги имаат потребните капацитети за справување со епидемијата. На вчерашната прес конференција тој изјави дека во болниците има доволно кревети и опрема и дека ако се покаже потреба од зголемување на капацитетите, монтожната болница е целосно подготвена за лечење на пациенти од Ковид -19. Таму се сместени околу 70 кревети, рече Филипче.
„Факт е дека се соочуваме со силен бран на епидемијата, тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика коишто се наоѓаат на домашно лекување. Во моментов се хоспитализирани 14 проценти, останатите 86 отсто се во домашни услови“, рече Филипче.
Инаку, на Инфективната клиника досега се хоспитализирани вкупно 95 пациенти. На кислородна поддршка се 37, нема пациенти на механичка вентилација. До вчера во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се вкупно 113 пациенти. На респираторна машина се 10, a со потешка клиничка слика се уште 21 пациент. Во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 18 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 66 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.
Дел од експертите сметаат дека нема брзо решениe за наталожените проблеми во здравството, особено во услови на пандемија бидејќи во секоја држава се планира обука на медицински кадар според потребите, а, непланското работење сега се забележува во недостигот на инфектолози и лаборанти.
Според доктор Сашо Стојчев, поранешен директор на Градската болница „8-ми септември“ најголем проблем во ситуацијата е немањето добра организација, која според него е клучна за одржување на системот под контрола. Тој вели дека е добро што на помош се испраќа тим од здравствени работници од други градови, но дека брзиот скок на заразени го доведува во прашање функционирањето на целиот здравствен систем.
„Некогаш таква помош е од корист. Но, ако тие лица не се доволно стручни и не се доволно ангажирани или пак многу брзо се одзвале на барањата да дојдат, може да имате повеќе загуба на енергија, бидејќи треба да ги едуцирате, а вие не знаете каде ви е главата“, вели доктор Стојчев.
Според него и помош од странски експерти би била добредојдена во овие моменти, но нужно е да се подобри организацијата во системот.
„Ние со 4000 болни и над 2000 активни веќе сме во криза. По некаква алгоритамска крива за 20 дена ќе стигнеме до 7, 8000 болни, според ова темпо кое излезе од контрола. Тогаш веќе може да очекуваме и блокада на јавно-здравствениот систем. И она што е важно, не се само болни од корона. Вие ако имате друга болест немате каде да отидете освен во приватно. Ако клиниките не примаат корона и бегаат од кој било што има температура од 37, 1, треба да ги преземаат другите хронични болни, срцеви, малигни и сите други за кои мора да се има здравствена заштита. Знаете, ние не можеме да бидеме многу паметни зошто војната се уште не е завршена, па генералите да бидат паметни. Но, мислам дека во многу тесно партиски кругови се одвива донесување на многу тешки одлуки“, вели доктор Стојчев.
Изминативе недели расте бројот на новозаболени од КОВИД-19, а голема е и дневната бројка на починати од компликации од коронавирусот. Вчера починаа пет лица, а беа регистрирани 103 нови позитивни на коронавирусот. Со ова, заклучно до вчера, вкупно ковид дијагностицирани во земјава се 4.157, бројката на оздравени пациенти е 1723, на починати е 193, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2241.
Инаку, новиот вирус кој е именуван како COVID-19, е всушност акроним од зборовите коронавирус зараза, а 19 е 2019 годината кога овој вирус се појави во Кина.