Заробеници во балкански политички вакуум

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Заробените“ балкански држави - лесна мета за авторитарните режими

По недобивањето датум од ЕУ за Македонија и Албанија, Кремљ почна офанзива, пред се преку своите олигарси, за да го искористи вакуумот и да го прошири своето влијание врз балканските земји, анализира софискиот Центар за демократски студии.

По бриселското НЕ за Северна Македонија и за Албанија, на Балканот се создаде уште поголем политички вакуум кој некои авторитарни сили побрзаа да го искористат. Според софискиот Центар за демократски студии, дел од тие сили се Кина и Русија, а во фокусот на таа офанзива се државите од регионот кои се „заробени“ во нефункционалноста на институциите.

„Таа одлука на Брисел дополнително ја ослабна гравитациската сила на ЕУ, создавајќи поголем политички вакуум во регионот кој авторитарните сили како Русија и Кина побрзаа да го искористат. Кремљ веднаш почна офанзива, пред се преку своите олигарси на Балканот, за да го искористи вакуумот и да го прошири своето влијание на балканските земји, анализира софискиот Центар за демократски студии.

Според аналитичарите од Центарот, Кина и Русија го користат уназадувањето на демократските процеси и широко распространетата корупција и „заробеност“ на државите за да го зголемат своето економско и политичко влијание во регионот, нешто што го потенцираше и Мрежата за лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ) уште во 2016 година, во публикацијата „Моќ од сенка - Проценка на корупција и скриената економија во земјите од Југоисточна Европа“.

Видете и ова: Русија и Кина на Балканот – интереси без сојуз

Стратешки цели

Центарот за демократски студии дефинира шест клучни стратешки цели на руската и кинеска дипломатија по негативната одлука за датум за Македонија и Албанија:

-Тие го користат демократското уназадување и широко распространетата „заробеност“ на државите помеѓу нефункционалните институции за да го зголемат своето економско и политичко влијание.

-Руските компании сè уште контролираат од 5 до 10 отсто од регионалната економија, вклучувајќи и стратешки компании како што се најголемите рафинерии, мрежи за дистрибуција на гориво, капацитети за пренос и складирање на гас, телеком компании и малопродажни ланци.

-Русија има „заробено“ влади од регионот во скапи масивни проекти кои мрежи на домашни и руски бизниси ги користат како извор на значително влијание врз носителите на одлуки и институциите.

-Кремљ го засили своето влијание и моќ во регионот употребувајќи ги сите тактички инструменти како што се поддржување на големите и малите политички партии, користење на медиумски, културни и верски врски, спонзорирање на активности на граѓанското општество и користење врски од поранешни безбедносни служби.

„Локални политички елити на Балканот брзо го прифатија предложениот алтернативен авторитарен модел промовиран од Русија и Кина, засладен со масивни необјасниви инфраструктурни и енергетски проекти. Тоа ги поткопа локалните демократски институции и дополнително го намали влијанието на условените преговори на ЕУ за членство. Русија останува највлијателниот надворешен играч во својата способност да мобилизира домашни олигархиски мрежи за да добие стратешка предност или за да се обиде да го пренасочи правецот на надворешната политика на земјите во регионот“, анализира софискиот Центар за демократски студии.

Видете и ова: Евтини акции на прагот на НАТО

Од економска зависност до врски во старите безбедносни служби

Одлуката на ЕУ за недоделување датум, велат експертите од софискиот ЦДС, делумно може да се поврзе со „успехот на силното руско мешање во носењето одлуки на националните влади во регионот, бидејќи во изминатата деценија, Кремљ вршеше безмилосен притисок врз владите на Балканот преку цел асортиман на тактички инструменти за постигнување остра моќ“, што беше нотирано уште пред три години во јавната публикација на Европскиот јавен политички институт од Софија - ЦДС, насловена „Кремљски прирачник: Руското влијание во централна и источна Европа“.

„Од економска зависност зацврстена со корупција и „заробување“ на државата, преку координирани политички и медиумски кампањи за дезинформирање, до операции на специјалните безбедносни служби. Русија има за цел да ja искористи ваквата геополитичка можност за повторно да разгори регионални поделби и да ја спречи евроинтеграцијата на регионот“, стои во анализата на софискиот ЦДИ, од каде додаваат дека „Кремљ на Балканот гледа како на важен сегмент од својата глобална стратегија да ги надмудри САД и ЕУ и да се позиционира како значаен политички авторитет“.

Затоа, се вели во анализата, земјите од Југоисточна Европа, со помош на ЕУ, треба да имплементираат различни стратегии за да се спротивстават на „заробувањето“ на државите во стратешки економски сектори и да привлечат разновидни странски директни инвестиции, а органите за спречување на перење пари и заштита на конкуренцијата треба да работат на јасно утврдување на крајната стварна сопственост, спречувајќи влез на незаконски капитал во регионот, и да работат првенствено на ризиците од капиталот на авторитарните држави кои се во служба на политички цели.