Ништо од заедништвото - Вие коментирате

Споменик „Мечкин Камен“, Крушево, Македонија

По Илинденските пораки на функционерите за заедништво, коментарите на читателите на Радио Слободна Европа не даваат многу надеж за такво нешто. Kоментири и за вакцините за ковид-19.

Илинденот помина, граѓаните добија уште еден продолжен викенд и бегајќи од пеколните горештини, особено помладите ги наполнија Охрид, Дојран... А медиумите информираат и за пеколни турканици по плажите, дење, и по дискотеките и клубовите – ноќе. И речиси никој не носи заштитна маска и не држи дистанца – божем пандемија веќе нема.

Инаку, големиот празник Илинден помина вообичаено, со политички говори и пораки на највисоките претставници на естаблишментот – со повици за заедништво и борба со ковид-19, но со малку луѓе на Пелинце и во Крушево. И со пораката од претседателот на државата, Стево Пендаровски, дека, покрај другото, државата не може да оди напред без правда.

Видете и ова: Илинденски пораки - Повици за заедништво и борба со ковид-19

На ФБ страницата на РСЕ, меѓутоа, многу непријателски настроени коментари. Никола Кусиников смета дека „од гнидите северџански“ – како што напишал, „се изнаслушавме за ЕУ и НАТО на најсветлиот македонски национален празник, како да се работи за некој ʼбриселскиʻ празник“. Драган Стојковски вели: „Со северџаните никогаш заедништво, може кога ќе го вратат уставот назад“, а Александар Колчкоски го коментира присуството на полицијата во Крушево: „Какво заедништво кога секој Илинден власта е исвиркана и чувана од илјадници полицајци, тоа е брука невидена од вазалска влада...“ А Ивица Михајловиќ подбивно: „И така се крена третото Илинденско востание против короната и беше формирана Северно Крушевската Република“.

Во Крушево, на Гумење, се степале припадници на Илинденската коњица со крушевчанец, а Елена Ѓурческа со пост: „Племиња од ВМРО-ДПМНЕ“, и потоа, по неа дрва и камења од цел куп посетители на ФБ страницата, што нема да ги цитираме. Владимир Костов, пак, со комичен коментар: „Може сакале да реконструираат некоја битка, или па ракијата им била лоша“. Горан Петковски извикува: „Новокомпонирани сдсмоооовци... предавник до предавник“, а Драган Цветковиќ прашува со подбив: „Овие со коњиве да не тргнале да прават крушевска република и да го ослободат Крушево од владеење на СДСМ?“ Но, Леонид Павловски е назадоволен од известувањето на нашево Радио: „Слободна Европа зошто кажувате сосема различна приказна од вистината?“, а РСЕ само го пренесе известувањето од МВР.

Што ако никогаш не се развие вакцина за ковид-19?

Посетителите на нашата ФБ страница реагираат негативно и на прилогот со наслов: „Што ако никогаш не се развие вакцина за Ковид-19?“ Сулејман Елмас напишал: „Ќе се рестартира цела земјина топка“, Љупчо Слаѓана Манчеви прашува со малку непримерен речник: „Абе, дебили, што ако има смак света?“ Азиз Сејх Кадери верува дека „ако нема вакцина тука е живиот Бог кој живот дава и живот зема...“, а Оливера Кецкароска е оптимист: „Ќе исчезне вирусот. Сѐ што е живо исчезнува, исчезнале диносауруси, човек, шпанскиот грип, колера и уште којзнае уште колку болести“. И Тони Надица Стојанови, како и Тодоровски Игор не се задоволни од нашево радио. За првите сме ја „тупеле работата со насловите, бидете оригинални не излегувајте од колосек“, а за вториот – насловите ни биле „прости само за да ви се чита порталот и да лапате пари за тоа“.