Државата без прецизна евиденција за загубените шуми

Илустративна фотографија - Пожар во делчевскиот регион.

Само во пожарите кои избувнаа од почетокот на август изгореа илјадници хектари шума, за што институциите допрва треба да дадат проценки за уништеното. Но, во змјава долгогодишен проблем е тоа што Јавното претпријатие „Национални шуми“ не ја бележи прецизно загубата на шумите од пожарите и сечата.

Активни пожари во моментов има во селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај, во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп и пожар кај селото Нивичино струмичко кој дел е локализиран, според последните податоци на Центарот за управување со кризи. Во пожарите кои ја зафатија Македонија од почетокот на август уништени се илјадници хектари шума. Само на територијата на општина Делчево изгорени се 2.400 хектари, што е околу осум проценти од вкупниот шумски фонд на општината, според податоците на локалните власти. Целосната штета од стотиците пожари кои избувнаа периодов допрва ќе се утврдува, но и покрај најавените проценки проблем е што Јавното претпријатие Национални шуми со години не ги бележи загубите на шумите од пожарите и сечата.

На ваквиот проблем скоро секоја година се укажува во извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдуваат дека ЈП „Национални шуми“ не го бележи намалувањето на шумите како резултат на сеча и пожари, а од друга страна, дека само го бележи нивното зголемување преку подигнување на нови насади.

Податоците на ЈП „Национални шуми“ за 2020 година се дека вкупно била опожарена површина од над 1.200 хектари, значително помалку во однос на 2019 година кога изгореле 15.675 хектари - штета од околу 13 милиони евра. Граѓанските здруженија за заштита на животната средина посочуваат дека податоците за ваквите загуби на ЈП „Национални шуми“ не се совпаѓаат со податоците на другите институции.

Истражувачот Александар Писарев од Форум-центарот за стратегиски истражувања, објаснува дека експлоатацијата на шумите и направените штети, вклучително и од пожарите, се евидентираат од страна на ЈП „Национални шуми“, Министерството за земјоделство шумарство и водостопаснтво и МВР.

„Меѓутоа, компарацијата на тие податоци ги прави Државниот завод за ревизија и во последните неколку извештаи е укажано токму на тоа дека податоците не се поклопуваат и не се изедначени, што укажува дека некој, или не води прецизна евиденција, или не ги кажува точните податоци“, вели Писарев.

За разликите во податоците за загубите на шумите ја прашавме и директорката на ЈП „Национални шуми“ Јулиана Николова. Таа уверува дека нивните податоци за секоја година се педантно уредени.

„Ние зад нашите податоци стоиме во целина, тие се направени од стручни лица кои направиле проценка. Шумарските инженери, шумочуварите и луѓето кои се вклучени во оваа работа, се првите кои излегуваат и сметам дека имаат најдобра проценка за ситуациите кои се случуваат“, вели Николова.

„Водиме целосна евиденција и стоиме целосно позади нашите податоци кои ги имаме како официјални од нашата институција“, вели Николова.

Од граѓанската организација „Еко-свест“, анализирајќи ги извештаите на ревизорите, велат дека „Национални шуми“ од една страна воопшто не го бележи намалувањето на шумите, а дека од друга страна само го бележи нивното зголемување преку подигнување на нови насади.

Од „Еко-свест“ сметаат дека решението за да се надомести загубата на шумите од пожарите и сечата, треба да се бара во имплементацијата на Законот за шуми, според кој „Национални шуми“ треба да уплаќаат три проценти од вредноста на исеченото дрво во посебен фонд за обнова на шумите. Истото треба да го прават и приватните сопственици на шумите и препродавачите на дрва.

„Најголемиот корисник на овие пари е „Национални шуми“, наведуваат од „Еко-свест.“

Но, од „Еко-свест“ укажуваат и на друг проблем за загубите на шумите, а тоа е нелегалната сеча. Од граѓанската организација посочуваат дека од над два милиони метри кубни огревно дрво, коешто на годишно ниво се сече и се гори за потребите на населението во Македонија, повеќе од половина од овие количини е дрво што е исечено на нелегален начин.

„Потребна е итна и суштинска реформа во „Национални шуми“ како и зајакнување на инспекцијата и мониторингот на терен. Без реформи и промени на овој план, ќе го загубиме нашето највредно“, велат од „Еко-свест.“

Состојбата со загубите на шумите од неконтролираната штета е алармантна, што е укажано од бројни други граѓански здруженија кои се грижат за животната средина. Дека постои непрецизност во евиденцијата за намалувањето на шумите покажува и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации изработено неодамна.

Податоците од истражувањето покажуваат дека ЈП „Национални шуми“ годишно сече меѓу 500 и 600 илјади метри кубни огревно дрво, сопствениците на приватните шуми сечат околу 100 илјади метри кубни, а потрошувачката на огревно дрво во домаќинствата и јавните установи во просек се движи меѓу 1,4 и 1,6 милиони кубни метри дрво. Разликата меѓу легално исечената дрвна маса и потрошувачкта на дрвото достигнува меѓу 900.000 и еден милион метри кубни, се вели во истражувањето.