Заврши времето на ниски каматни стапки - што ги чека граѓаните?

Ако расте основната каматна стапка на Централната банка, се очекува да растат каматите на кредитите и депозитите, вели гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Банките треба да бидат општествено одговорни, да ги намалат провизиите наместо да ги покачат каматите, вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Циклусот на ниски каматни стапки веќе е завршен, и насоката во која што во глобални рамки се движат Централните банки, но и меѓународните финансиски пазари е постепено нормализирање и враќање на некои претходни нивоа, изјави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска во интервју за радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела. Народната банка во два наврати годинава ја зголеми референтната каматна стапка за вкупно 0,5 процентни поени.

Тоа во основа е само еден од факторите кои што влијаат на цените по кој банките ги нудат своите кредитни производи на граѓаните и на компаниите. По оваа одлука само една банка вчера соопшти дека ја покачува каматната стапка по 0,4 проценти за кредити и за штедни влогови. Од Македонската банкарска асоцијација велат секоја од банките ќе прави проценка и ќе донесе одлука околу евентуалното менување на каматните стапки на кредитите и депозитите.

Видете и ова: Економијата од борба за раст до борба за опстанок

Затегнувањето на монетарната политика во светот, па и во земјава ќе влијае на задолжувањето и штедењето на граѓаните. Тоа ќе значи дека граѓаните кои ќе сакаат да отворат штедни книшки во банки во наредниот период, може да очекуваат орочување на сметките по повисоки каматни стапки од досегашните.

Од друга страна, пак, луѓето кои во наредниот период ќе земат нов кредит, тој може да биде поскап, од оние кои што сега се врзани со фиксна каматна стапка. Промени може да почуствуваат и граѓаните кои веќе имаат кредити, но завршил периодот на фиксна каматна стапка и сега им е променлива или прилагодлива каматна стапка. За нив ќе значи дека ќе треба на банката да и вратат повеќе пари од првичното договорено ако рипне каматната стапка.

Македонски крпен живот низ призмата на платите и цените

Централните банки во западните економии почнаа со циклусот на затегнување на каматната стапка и тоа се прелева и во банкарскиот систем односно кај активните каматни стапки. Централна банка во услови на подолготрајни притисоци од увозните цени, особено на храната и енергијата кои во потрошувачката кошничка учествуваат со близу 50-тина проценти, отпочна со процесот на затегање на монетарната политика, вели Бежоска.

„ Да, може да влијае врз сите каматни стапки и на кредитите и на депозитите да влијае во нагорна насока. Сега засега не очекуваме сериозно поместување во овој сегмент затоа што промените во монетарната политика се прават постепено. Но, тоа е насоката, ако расте каматната стапка на Централната банка, треба да се очекува дека постепено ќе растат каматните стапки и на штедењето и на кредитите. Тоа што го правиме е растот да не биде пребрз, сепак да биде постепен и умерен за да нема поизразени негативни ефекти, “ вели таа во интервју за РСЕ.

Ангеловска Бежоска додава дека досегашните промени кои ги направи Народната банка во целокупен контекст е умерено поместување. Одлуките за промени во монетарната политика се носат секој месец, врз основа на најновите информации. Каматните политики се одлука на секоја банка поединечно, кога се носи одлука за каматна политика на одредена банка се имаат во предвид повеќе фактори од билансот на самата банка, во каква кондиција е, какви се согледувањата за макроекономските ризици, каква е состојбата со расположливиот доход на населението и конкуренцијата како фактор.

Според економските аналитичари во наредните неколку месеци може да се очекува благи промени на каматна стапка за новите кредити, но постои ризик таа да се промени и за претходно одобрените кредити со променлива и прилагодлива каматна стапка.

Според податоците на Народната банка со состојба 31.12.2021 година, 71,1 отсто од кредитите се со променлива или прилагодилива каматна стапка. Последните податоци за минатиот месец покажуваат раст и кај депозитите и кај кредитите. На годишна основа, вкупните депозити бележат раст од 3,6%, во поголем дел заради зголемените депозити на секторот домаќинства. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 10%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор.

Ревидирана проценка на НБ: Инфлација од 8,8 отсто и економски раст од 2,9 проценти

Една од причините поради која што македонските банки се толку внимателни и бавни во промените на каматните стапки кои веќе се забележуваат во западноевропските банки е тоа што тие не се толку зависни од заеми од Централната банка, вели поранешниот гувернер Љубе Трпевски. Тој објаснува поради тоа и не очекува брза промена на каматната стапка на кредитите за населението.

„На долг рок очекувам да има поместување. Но, се зависи што ќе се случува на релација Русија и Украина“, вели Трпевски.

Видете и ова: По пандемијата, сега и војната во Украина удри по туризмот

Тој објаснува дека македонските банки се профитабилни и високоливидни особено првите пет на листата. Во првото тримесечје од годинава домашните вкупно 13 банки оствариле вкупен профит од 42,6 милиони евра, што е пораст за над 10 милиоони евра во однос на резултатот од првиот квартал лани, кога заедничкиот профит беше на ниво од 32,2 милиони евра.

Големата банкарска петорка реализирала вкупно добивка од дури 39,1 милиони евра или речиси целиот профит од сите банки. Минатата година македонските банки ја завршија со добивка од 148 милиони евра. Во вкупните приходи на банките за минатата година, каматните приходи учествувале со 59,3 отсто и тоа 35,2 отсто камата наплатена од домаќинствата и 22,1 отсто камата наплатена од компаниите.

Економијата од борба за раст до борба за опстанок

Трпевски вели дека, според ликвидноста, македонските банки можат да издржат одреден период без да ги зголемат драстично каматите, затоа што и процентот на лоши пласмани односно ризични кредити е доста низок.

„Има простор и за олеснување на товарот пред се на корисниците на кредити од стопанството и населението со разни видови на провизии кои ги наплатуваат. Во тој поглед банките релативно комотно се однесуваат во овие услови. По мене имаат општествена одговорност да преземаат мерки тука за намалување на овие трошоци“ вели тој.

На приходната банкарска страна, пораснати се нето приходите од камати и во првиот квартал од годинава достигнале 65 милиони евра, што е за пет милиони евра повеќе во однос на истиот период лани. Нето приходот од провизи и надоместоциво првиот квартал од годинава изнесувал 23,3 милиони евра.

Според Трпевски, во наредниот период поради инфлацијата која е во раст може да се очекува поголемо задолжување на граѓаните кај македонските банки.

„Потребата од кредити во криза секогаш се зголемува. Добро е што банките се конзервативни и што одобруваат кредити само на кредитоспособни баратели при што нивото на лоши пласмани се сведе на европското“ вели тој.

Според податоците на Народната банка најзастапени кредити во првиот квартал годинава се потрошувачките и станбените. И двата вида бележат раст од 1,5 проценти.