Жените како декор на локалните избори

Помалку од 8 отсто од досега соопштените кандидати за градоначалници на најголемите партии се жени. За локални избори не постојат квоти за кандидати за градоначалници, додека, пак, за советничките листи треба да се испочитува правична родова застапеност. Како им е на жените во политиката?

Од 65 досега соопштени кандидати за градоначалници на коалицијата предводена од владејачката СДСМ, само пет се жени, но ниедна не е кандидирана во поголем град или општина. СДСМ ги кандидираше Елизабета Зеленикова за Петровец, Жаклина Јовановска за Старо Негоричане, Миликије Халими за Арачиново, Јасмина Гулевска за Могила и Соња Стаменкова за Македонска Каменица.

Од над 40 досега соопштени кандидати за градоначалници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, има само три жени. Партијата ја предлага Билјана Проевска за Крушево, Наташа Котлар од Глас за Македонија за градоначалник на Центар, а ѝ дадоа поддршка на независната кандидатка Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје.

Од досега соопштените кандидати, ДПА ја предлага Рената Елези за градоначалник на Гостивар, ДУИ повторно ја кандидира Теута Арифи за Тетово, а коалицијата ЛДП-ДОМ ја промовира Ѓулистана Марковска како кандидат за Кисела Вода.

Левица досега има соопштено 5 кандидати, а поддржа и еден независен. Од нив една третина, односно две се жени. Тие ја предлагаат Јулијана Штрковска – Колариќ за градоначалничка на Кисела Вода и Весна Кираџиева за Аеродром.

Видете и ова: Кој со кого и против кого на изборите


Поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ вели дека сега има жени во политиката благодарение на сите жени активистки, од претходните собраниски состави, кои се изборија за квоти.

„Мислењето околу квотите на почетокот беше да бидат привремено решение, додека општеството, партиите не го прифатат учеството на жените во политиката како нешто што е сосема природно, со оглед на тоа дека сме 50-50, меѓутоа, тоа стана решение коешто се уште го имаме“, вели таа.

Квоти има за парламентарни избори и за листи на советници на локални избори, но не и за градоначалници.

„Ние и на минатите избори имавме мал број на градоначалнички. Партиите користат различни изговори. Еден од изговорите е дека на анкетите кандидатките не поминувале добро, иако и тоа треба да се види колку биле мерени жени кандидатки. Во тој аспект има една цела лепеза на различни перспективи, а секоја создава една голема слика дека ние немаме доволно учество на жени во политиката“, вели поранешната пратеничка.

Дополнително, вели таа, се отвори дебатата за изборните модели, при што се занемари фактот дека при отворените листи жените немаат загарантирана квота. Таков тип на предлози кои ги исклучуваат жените од дебатата одмагаат во натамошното просперирање на темата еднакво родово учество во политиката, вели Туфегџиќ.

На локалните избори во 2017 само шест жени беа избрани да раководат општина. Од вкупно 80 општини во државата плус Градот Скопје, жени на чело на локалната самоуправа беа избрани за Битола, Арачиново, Македонска Каменица, Старо Нагоричане, Могила и Тетово. Само во Тетово градоначалничката е во ДУИ, останатите се од СДСМ.

Изборите за градоначалници и советници во општините ќе се одржат на 17 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 31 октомври. Ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. Власта на локално ниво сега во најголем дел од општините е во рацете на СДСМ и на ДУИ.

Аделина Марку е активист за правата на жените, а има искуство и во политиката и во дипломатијата. Таа за РСЕ вели дека има неколку причини за невклучување на жените во политиката.

„Прво нашата кауза во политиката доаѓа подоцна во споредба со мажите и, за жал, таква останува бидејќи нашиот глас во политичките партии на накој начин се стеснува поради доминацијата на мачоизмот во партиите. Ова е нешто не можеме да го криеме, што е очигледно. Вториот фактор е што жената продолжува да не ја поддржува жената во политиката. Ова не е само фактор што се случува кај нас, тоа се случува насекаде во светот. Затоа што знаеме дека ова постои мора да најдеме алатка и начин како ова да се лекува. Третиот фактор, пак, е традиционалниот фактор, тој е поврзан со религијата, да се разбереме жената сè уште е таа што треба да обезбедува мир дома, а не надвор. Ние постојано заборавиме дека ако имаш мир дома, ќе има и надвор“, вели Марку за РСЕ.

И Александар Цветкоски од невладината АГТИС, која се занимава со локални прашања, во традицијата го лоцира проблемот зошто жените се „неподобни“ во политиката.

Видете и ова: Пендаровски - Корупцијата е најболна точка на нашето општество

„И во верските стратегии и во обичајното право се омаловажуваат жените како помалку паметни и дека може да направат ништо без сплетки и на тој начин жената а приори не е подобна за една таква функција во која се претпоставува дека треба да се има чесност и интегритет“, вели тој.

Кога при објавувањето на дел од кандидатите премиерот и лидер на СДСМ беше запрашан каде е родовата еднаквост, тој одговори дека одлуките за тоа кого да кандидираат се базираат на мислењето на граѓаните во анкетите што ги правела партијата.

„Родовата застапеност, согласно нашиот Статут, согласно законот, е во советничките места. Овде се бира само еден кандидат. И кога имате еден кандидат не можете тоа да го поделите на ниво на Северна Македонија 50-50, а притоа пак да ги слушате и граѓаните. Кога одите доминантно на истражувања и на анкети и најпресуден е фактот што тоа граѓаните мислат, тогаш ги определувате личностите. Во советничките листа имаме целосна застапеност на жени и мажи подеднакво, иако законот е 40 отсто најмалку. Ние веќе на парламентарните избори настапивме 50-50, така ќе настапиме и на локалните избори за советничките листи“, рече Зоран Заев.

Цветкоски, пак, вели дека од волјата на лидерите зависи кој ќе биде кандидиран за одредена функција.

„Тие може да кажуваат приказни дека мажите имале повеќе доверба при испитувањата, но се знае дека лидерите прават крајни корекции на листите на кандидати и напред ги ставаат тие што се послушни. Сите листи што ги имаме и за кандидати за градоначалници и за советници е во суштина волја на лидерот“, вели Цветкоски.

Платформата за родова еднаквост уште пред некое време ги повика подносителите на кандидатските листи за изборите во октомври, како што наведоа, да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи. Од Платформата наведуваат дека нема недостиг на квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку има општествени и структурни бариери за нивно вклучување, па затоа жените мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка.

Во земјава има напредок во областа на родовата еднаквост, особено во политиката, но има уште долг пат за одење се наведува во анализата на Националиот демократски институт (НДИ). Истражувањето е спроведено пред точно една година за да се направи проценка за појавата и практиките за насилство врз жените во политичките партии во Македонија.
Во истражувањето се наведува дека бројот на жени кои се избрани во Собранието стабилно се зголемува, откако се воведоа квоти. Изборниот законик предвидува најмалку 40 проценти од кандидатите да бидат жени и да бидат подеднакво распоредени на листите. За илустрација, во 2019, Собранието имаше 45 жени пратенички од разни политички партии од вкупно 120 пратенички места, или 38.3 проценти. Во 2020, таа бројка се зголеми на 47 жени пратенички.

Поради отсуство на законски одредби за извршни функции, жените и понатаму се недоволно застапени во владата на национално и локално ниво, се наведува во истражувањето. Во составот на претходната влада од 2017, од 22 министри, имаше четири жени на министерски позиции. Во 2020, иако има помал број министерства, четири жени се на министерски позиции (15.3 проценти од кабинетот на премиерот). Според истражувањето за учеството на жените во политиката во од 2019, владата не успеа да ја спроведе програмата за еднаква родова застапеност за 2017-21. Владата назначи само 19 жени (или 11.18 проценти) на високи владини функции. Жените беа застапени само со 25 проценти како директори или државни секретари (четири на број). Со новиот Изборен законик се овозможи поголема застапеност на жените на локално ниво. Иако е постигнат напредок во однос на процентот на жени советнички во локалните општински совети, има само шест жени градоначалнички од 80 општини и Градот Скопје (вкупно 81). На локалните избори во 2017, од 260 кандидати за градоначалници, само 15 беа жени; незначителен пораст од 2013, кога само четири жени беа избрани за градоначалнички (26 жени кандидатки од 339 кандидати). Во моментов, жените раководат со 15 од 81 општински совет, стои во истражувањето на НДИ.

Листите на кандидати за изборите закажани за 17 октомври, треба да се поднесат заклучно со 11 септември до 24 часот. Изборната кампања започнува на 27 септември на полноќ, што значи се смета и денот 27 и трае заклучно со 15 октомври до 24 часот, кога настапува изборниот молк на денот пред гласањето.