Одложување или онлајн јунска испитна сесија?

Илустрациј, архивска фотографија од прв академски час на УКИМ

Се уште не е донесена одлука како ќе изгледа јунската испитна сесија за студентите, ниту како ќе изгледаат приемните испити за новите студенти. Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски вели дека се разгледуваат неколку опции меѓу кои и онлајн полагање на испити како и двојна испитна сесија. Студентите се против онлајн полагање на испити, бараат физичко присуство.

Во зависност од спецификите на факултетите и како ќе се менуваат владините мерки за спречување на ширење на коронависруот наскоро ќе се знае каква ќе биде промената на испитната сесија за студентите вели ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски. Тој објаснува дека ректоратот размислува и за двојна испитна сесија во текот на јуни или септември. Во соработка со студентите се прават планови како ќе изгледа јунската испитна сесија.

„Минатата недела на ФИНКИ беше направена успешна колоквиумска сесија онлајн и на повеќе од половината предмети во таа сесија и во мојата комуникација со професорите и деканот дојдовме до заклучок дека резултатите добиени од тие полагања се многу задоволителни и се споредливи со резултатите од претходните години. Се користат и нови технологии за идентификација на студентите, за нивната целокупна активност за време на полагањето и резултатите. Така што овие првични успеси и резултати ќе бидат дискутирани во ректорската управа со цел да се изнајде најдобар начин да се задржи квалитетот, не само на наставата туку и на полагањето на испитите“ вели Јанкуловски.

Видете и ова: Ефтимов - Високото образование се распаѓа


Универзитетското студентско собрание смета дека не треба да се инсистира на онлајнполагање на колоквиуми и испити во оваа сесија затоа што не сите имаат услови и технички можности да полагаат на овој начин. Претседателот на ова студентско тело Бојран Ефтимов вели дека кај одредени факултети испитната материја дозволува да се полага онлајн,но, тоа не е можно на сите факултети и затоагенерално ставот на студентите е испитите да се одржат со физичко присуство.

„Сметаме дека кога ќе настанат условите треба сесиите да се одржат со физичко присуство на студентите на факултетите. Моментално гледаме дека мерките се релаксираат, така доколку универзитетот и пред се факултетите се посветат на тоа мислиме дека може да се создадат услови за безбедно полагање на испитите. Сега тоа ќе биде поголема координација при креирањето на распоредите, физичка дистанца меѓу студентите за време на испитите, но мислам дека може да се изведе,“ вели Ефтимов.

Видете и ова: Нема повторување на учебната година, за матурата не е одлучено

Од друга страна, предизвик во нареден период за високото образование ќе бидат и приемните испити за годинашните матуранти. Министерот за образование Арбр Адеми изјави на прес конференција дека ќе биде укината матурата, и при тоа на одредени факултети има голем конкуренција односно повеќе матуранти имаат ист број на бодови од успехот во средното образование тогаш факултетите ќе треба да организираат квалификациски испити.

„ Но, веќе сме во координација со универзитетите. Тоа нема да биде проблем за нив бидејќи сите имале претходни искуства. На некои од нив, како на Факултетот за драмски уметности или на Архитектонскиот факултет, вакви приемни се организираат и без вонредна состојба. Не би било проблем да се реализираат и сега “, изјави Адеми.

Јанкуловски во интервјуто за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела, вели дека одредени факултети и размислуваат приемните испити да ги држат на отворено.

Опозицијата, пак, сметаше дека нема потреба од приемни испити на факултети. СДСМ да не се меша во работата на професорите, велат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот на СДСМ да се укине државната матура ова година, а факултетите, каде ќе има голема конкуренција за упис, селекцијата да ја направат преку приемен испит.

Владата донесе мерки кои се поврзани со високото образование, а се однесуваат на продолжување на важноста на студиските програми на сите три циклуси чија важност престанала во академската 2019/2020, за една дополнителна година, додека, роковите за донесување на решение за акредитација, решение за почеток со работа на нова студиска програма или високо образовна установа се пролонгираат за 3 месеци од престанокот на вонредната состојба.