Носењето на европските стандарди дома е нужно, но е тешко изводливо со закочени евроинтеграции. Во спротивно, се наметнува прашањето зошто досега не сме ги донеле, велат политичките аналитичари со кои разговаравме, кои се сомневаат и во волјата и во капацитетот на политичарите да спроведат реформи.
Видете и ова: Ако не може ЕУ кај нас, тогаш ние во ЕУПо неуспехот на земјава да ги почне преговорите со Европската унија поради бугарската блокада, премиерот Зоран Заев најави акциски план за европски реформи дома. Тој наброја десет приоритети - прочистување на правосудството, борба против корупцијата, заштита на животна средина, борбата против ковид-19, поддршка на индустријата за медицински канабис, нова енергетска политика, инвестиции во инфраструктура, попис, борба против дезинформациите и нови економски потенцијали.
Сепак, овие ветувања се провлекуваат со години, па и со децении наназад.
Прочистувањето на судството беше ветување уште пред изборите во 2016, па потоа секоја наредна година. Борбата против корупцијата е декларативна заложба на секоја македонска влада, но земјава е закована на европското дно според перцепцијата на корупцијата. Според индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернејшнал, Македонија е на 106 местото од 180 земји. Најдобар резултат земјава имала во 2014 година кога била на 64 место, и оттогаш оценката паѓа. Воздухот е меѓу најзагадените во Европа, а инвестициите во инфраструктурата секоја година се многу помали од планираното, па владата со ребаланси на буџетот ги пренаменува тие пари за нешто друго. Светската банка проценува дека Македонија ќе го достигне животниот стандард на ЕУ за 60 години. Тој период може да се преполови ако земјава има економски раст од над 3 отсто подолг период. Македонија ,исто така, нема спроведено попис од 2002 година, а друштво и прават неколку земји од Азија и Африка во кои беснеат граѓански војни.
Видете и ова: Како e рангирана Македонија во 2020?Политичкиот аналитичар Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека тешко дека ќе ја донесеме Европа дома сè додека политичките партии служат за лично богатење на поединци. Ако сега велат ќе ја донесеме Европа дома, се наметнува прашањето зошто не ја донеле досега, вели тој.
„Додека немаме европеизација на политичките партии и во самите политички партии, а со тоа политиката нема да се гледа како процес за богатење, тешко дека може да ја донесеме Европа тука. Уште повеќе, луѓето во главните структури кои ги водат политичките партии се истите кои беа во целиот овој процес на транзиција“, вели Селими.
Видете и ова: Тигањ – Жалиме што не добивте датум за преговори, не се откажувајтеСо сличен став е и Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис. Ќе почекаме на европеизацијата дома, вели тој.
„Треба да останеме посветени на она што е наш јавен интерес. Со овие политички елити се сомневам дека целосно можеме тоа да го направиме, меѓутоа друг избор немаме. Внатрешни реформи и она што го нарекуваме носење на Европа дома, но за тоа ќе почекаме со оглед на тоа како се однесуваат сите влади, па и оваа, со назначување партиски кадри наспроти компетенции, голем грабеж во јавните набавки и ред други деградации на природната средина и слично, така што ќе почекаме“, вели тој.
Селими вели дека евроинтеграциите нема автоматски да ги поправат овие работи, но оти процесот служи токму за да ја одржи дисциплината на политичарите и посветеноста на реформите и оти се сомнева дека без тоа сега ќе ја завршат работата што требало да ја завршат пред 20 години.