Амбасадорке Тигањ, доаѓате од земја силен поддржувач на македонските евроинтеграции. Какво е чувството во вашата влада, откако Македонија повторно не доби датум за преговори со ЕУ?
Познато е во Северна Македонија кој е ставот на Република Хрватска кон пристапниот евроинтеграциски процес на Северна Македонија. Ние сме, Хрватска е силна политичка и техничка поддршка, тоа е и докажано со силниот ангажман на Република Хрватска во текот на хрватското претседателство со Европската унија, кога Северна Македонија доби одлука за отворање на преговорите. Ова сега, отворањето преговори кое требаше да се случи сега во ова време, требаше да биде интегрален дел на таа одлука. Нашите стремежи, нашите желби и наш интерес е Македонија, Северна Македонија да продолжи со пристапниот процес. Хрватска има генерален став дека секоја земја со своја динамика и секоја земја да оди според сопствените достигнувања и околности и навистина ни е жал. Мислам дека не треба да говориме посебно колкава е нашата желба, имајќи на ум дека Хрватска за време на своето претседателство, кое го имаше како инструмент, и во комуникацијата со другите земји-членки, постигна консензус од сите земји-членки за отворањето на преговорите и покрај појавата на кризата со пандемијата, со која се соочи целиот свет и која наметна некои други приоритети и некои потполно други аспекти на соработка, бараше брза реакција, брзи одговори, но ние не се откажавме од таа цел и го оствариме еден од нашите главни приоритети. Тоа доволно говори колку ни е жал и колку навистина сакаме Северна Македонија да постигне договор со Бугарија и да се надмине оваа блокада во што е можно покус рок.
Како во Хрватска се гледа на бугарските барања заради усвојување на преговарачката рамка?
Веруваме во дијалог, поттикнуваме дијалог, веруваме во компромис. И Хрватска на својот пристапен пат имаше пречки. Веруваме во посветеноста на оваа влада, во продолжувањето на дијалогот и веруваме дека двете земји ќе постигнат решение кое веќе нема да биде пречка, ниту на Северна Македонија на нејзиното членство, односно продолжување на пристапниот процес.
Има ли во ЕУ вистинска желба за проширување со земјите од Западниот Балкан или само декларативни заложби? Тука не зборувам за европските тела, туку пред сè за сите земји-членки кои мора да се согласат.
Мислам дека политиката на ЕУ за проширувањето е недвосмислена. Прво да потсетам на Самитот во Загреб во дамнешната 2000 година кога беше дефинирана политиката за проширување на ЕУ со земјите од југоистокот на Европа, кога и на мојата земја и на земјите од југоистокот на Европа им се отвори европската перспектива. Дваесет години подоцна повторно се одржа загрепски самит и тоа за време на хрватското претседателство, на наша иницијатива, и покрај кризата со пандемијата и тогаш беше потврдена таа политика на проширување и уште повеќе беше предложено, Хрватска предложи, премиерот Пленковиќ предложи да се одржуваат чести и редовни состаноци меѓу државите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан за да се задржи фокусот на ЕУ на тие земји, а истовремено и да се одржи европската перспектива на тие земји. Значи, само ќе кажам, најдобар доказ, покрај тоа што таа политика на проширување е потврдена од сите земји членки, па и одлуката што ја доби вашата земја е донесена со консензус од сите земји-членки, а најновиот и најдобар доказ е што Европската унија ги вклучи земјите од југоистокот на Европа во европскиот одговор на предизвиците кои ги предизвика кризата со ковид-19. Тоа е најдобар доказ и потврдува колку навистина политиката на проширување веќе не е желба, туку едноставно е потреба сите земји од овие простори да соработуваат, мора да имаат заеднички одговор и заеднички механизам за соработка.
Има ли идеи во Унијата за замена на процесот на проширување? Што мислите за идејата за приклучување на Македонија во Европската економска област, можно ли е тоа или сепак „мини Шенгенот“ е иднината на регионот барем на среден рок?
Па знаете што, постојат, се разбира, различни идеи, различни меѓународни инцијативи, но со оглед на тоа што Европската унија е една голема заедница на европски семејства и во која влегуваат земјите комплетно, и политички и економски во целина, мислам дека таквото членство во Европската унија нема алтернатива.
Како да се избегне растечкиот евроскептицизам во земјава по неусвојувањето на преговарачката рамка?
Па слушајте, вие сега сте, за жал, во уште една, доживеавте уште една блокада на вашиот пристапен процес, но навистина ги ценам напорите на владата на Северна Македонија, која е посветена на продолжување на дијалогот со Бугарија, која е посветена на спроведување на реформските процеси, која не се откажа и не е обесхрабрена и која е, еве ќе цитирам изјави на некои ваши функционери, кои рекоа дека оваа блокада не е пораз и не треба да се гледа како пораз. Вистински пораз би бил кога земјата би се откажала од пристапниот процес. Затоа и ги поздравувам најавите на вашите функционери, на највисоките функционери на вашата земја, кои рекоа дека ова време на исчекување, на договарање со Бугарија за конечно постигнување на компромис и отворање на преговорите, треба да се искористи на најдобар можен начин за да се одржи европската перспектива и да се избегне демотивираноста на администрацијата и на граѓаните и тоа низ билатерална соработка со сите држави членки. Тоа е најдобар пример да се задржи, да се зајакне европскиот процес во земјата, а истовремено со секоја држава-членка да постои една редовна, интензивна комуникација, едноставно, ќе го кажам со едноставен речник – да не се седи со скрстени раце и да не се чека конечен договор со Бугарија, туку земјата цело време да продолжи со реформските процеси и се разбира со интензивирање на билатералната соработка со земјите-членки. Тука ќе го споменам конкретниот облик на соработка кој Хрватска, како најмлада земја-членка, го има со Северна Македонија во спроведување на твининг проекти. Тоа се конкретни облици на соработка каде ние како земја која не така одамна пристапи на Унијата и има свежи искуства и знаења од нашиот преговарачки процес и тука сме најактивна земја во пренос на тие знаења во зајакнување на вашите капацитети, капацитетите на вашата администрацијата. По ист таков пример, зависно од поодделни земји може да се зајакне тој европски процес до конечно отворање на преговорите, за кои верувам дека ќе се случат, како што и рекоа и високите европски функционери – не е прашање дали ќе се случат, туку кога.
Вие доаѓате од земја која исто така требаше да реши сериозен проблем со соседите за да влезе во ЕУ. Што би ѝ советувале на Македонија, како да се избегне фрустрацијата по цела деценија препораки за преговори и смена на името, повторно да остане во чекалницата?
Еве како што реков со истрајност, со упорност. Европскиот пат е трновит пат, многу е захтевен и битна е содржината на тој процес. И Хрватска имаше доста захтевни билатерални пречки на патот и доста захтевен преговарачки процес, битно е да се има јасна цел и сè да ѝ се подреди на таа цел. Да не се откажете, да бидете истрајни и да работите на тоа, сето она што го реков на претходните ваши прашања.
Мигрантскиот бран преку балканската рута е проблем што го делат Хрватска и Македонија. Каква е соработката меѓу двете земји по однос на ова прашање?
Хрватска и Северна Македонија генерално имаат одлични политички односи, одлични билатерални односи без отворени прашања. Во тие односи секако допринесува, би рекла, многу, многу успешната соработка на полициите во двете држави. Хрватска е првата земја-членка на Европската унија која искажа подготвеност да ја поддржи полицијата на Северна Македонија во надзорот на јужната граница со Грција. И од 2015 испраќавме наш контингент континуирано до мај оваа година, кој пружаше поддршка на полицијата на Северна Македонија во борбата против илегалната миграција. За жал, поради кризата со пандемијата и другите предизвици и нови приоритети наметнати со кризата од ковид-19, нашата полиција не е повеќе на јужната граница со Грција, меѓутоа Хрватска е силно заинтересирана Северна Македонија да го склучи статусниот договор со ФРОНТЕКС. Тука ги поддржуваме и сметаме дека тоа е еден поширок механизам за контрола и поширок механизам за поддршка на полицијата на Северна Македонија за управување со мигрантската криза.
Хрватска е еден од најважните трговски партнери на Македонија. Од јануари до октомври годинава трговската размена меѓу двете земји била скоро 150 милиони евра. Што е потребно да се направи за таа соработка уште повеќе да се продлабочи?
Оваа година и покрај кризата со пандемијата трговската размена бележи раст од дури 18 отсто, но секако тоа сè уште не е доволно, а особено имајќи на ум дека двете земји немаат никакви политички препреки, дека Северна Македонија е во непосредно соседство на Хрватска, значи во близина, има копнени граници, така што би сакала секако, а и во интерес на Хрватска е трендот на одлични политички односи кои го имаат двете земја треба да ги следи и економската соработка. Во Северна Македонија има 28 реномирани хрватски фирми – Подравка, Виндија, Краш, така што има потенцијал. На иницијатива на Хрватската амбасада неодамна е основан и Хрватски бизнис клуб, значи сите тие 28 хрватски фирми се обединија, го институционализиравме хрватскиот деловен субјект тука за да ја олесниме комуникацијата и со претставниците на домашните институции, но и со претставниците на бизнис субјектите во Северна Македонија. Би споменала тука дека претседателот Пендаровски требаше да оди во службена посета на Загреб, за жал, тоа е одложено поради кризата со пандемијата. Во рамки на таа посета беше предвидено да се одржи би-ту-би (бизнис за бизнис) форум, за првпат. Значи тоа доволно говори колку функционерите во двете земји се свесни да се подигне и бизнис соработката на ниво кои им соодветствува на две пријателски земји.