Aмбасадорот на Словачка Хенрик Маркуш и заменик-амбасадорот на Чешка Лубомир Пшенка во заедничка видео изјава за емисијата 360 степени , велат дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на Братислава и Прага да ги блокираат предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето.
„За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ. Ниту чешката ниту словачката дипломатија се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава“, велат во изјавата која ја чита словачкиот амбасадор, а до него стои чешкиот заменик-амбасадор.
Тој наведува дека Чешката Република и Словачка јасно ги соопштија околностите кои ги спречија да се согласат со предлог-заклучоците на Советот и дека тоа беше сторено преку заедничка изјава на министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка. Затоа, вели Маркуш, зборувајќи од име и на чешката и на словачката дипломатија, мора да изјави дека ниту чешката ниту словачката дипломатија не се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои би можеле да влијаат на процесот на донесување одлука во Прага и во Братислава.
„Ако постоеле такви напори, таквите активности не стигнале до релевантните актери, односно до лицата што носат одлуки во Чешка и во Словачка. Одлуките на министрите Петричек и Корчок беа донесени без какво било влијание од ентитет од Северна Македонија.“, рече Маркуш во име на двајцата амбасадори.
Минатата недела Чешка и Словачка одлучија да не дадат согласност за нацрт заклучоците за проширувањето на ЕУ, наведувајќи дека во нив има елементи вклучително и поимот за фалсификување на историјата, што би биле многу штетни за процесот на проширување и потенцијално на патот можат да донесе дополнителни компликации.
„Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме“, пишуваa во соопштението.
Кој е заслужен за потегот на Прага и Братислава?
На тие работи, пак, инсистираше Бугарија која го блокираше македонскиот евроинтреграциски пат, меѓудругото спорејќи и со историјата и јазикот.
Викендов потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ работела со четирите држави од Вишеградската група за да спречат условот историја да влезе во заклучоците на Европската унија. Тој за Канал 77 изјави дека реакцијата е координирана.
„Постои една група во ЕУ која се вика Вишеград 4, во која што учествуваат Чешка, Унгарија, Словачка и Полска. Во четирите влади ние имаме големи пријатели, од тие влади, 3 припаѓаат на Европската народна партија (ЕПП), а четвртата припаѓа на европските конзервативци, кои што се подесно од Европската народна партија“, изјави Николоски.
По изјавата на двајцата амбасадори преку партиски соопштенија реагираа од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ оценија дека Чешка и Словачка ги демантирале како, што наведоа, срамните лаги на Христијан Мицкоски и Александар Николоски.
„Чиста и бесрамна лага е дека ВМРО-ДПМНЕ издејствувала Чешка и Словачка, како членки на ЕУ да се спротивстават на блокадата на Бугарија. Уште една шлаканица за потврдените лажговци Мицкоски и Николовски, уште една потврда за ВМРО фејк њуз ДПМНЕ дека е извор на лажни вести“, наведоа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги обвинија СДСМ за ширење на лажно вести наведувајќи дека тоа било главна дејност на Зоран Заев.
“Имаме благодарност кон нашите пријатели Чешка и Словачка и земјите од Вишеградската група за нивниот допринос во нашата заедничка битка за принципи и вредности. Ја разбираме нивната реакција бидејќи повеќе субјекти, вклучувајќи го и претседателот и премиерот на државата ја коментираа поддршката од овие држави. ВМРО-ДПМНЕ ги афирмираше нашите позиции и направи повеќе напори за заштита на македонските национални интереси за самобитност и европска интеграција информирајќи на релевантност во оваа сфера“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Што кажаа политичарите?
Неделата, пак, пред одлуката на Чешка во официјална посета на Прага беше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Бугарскиот историчар, член на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, Наум Кајчев за бугарските медиуми рече дека има директна врска меѓу Скопје и Прага наведувајќи дека денови пред одлуката во главниот чешки град бил македонскиот министер Османи.
Претседателот Стево Пендаровски рече дека тој во телефонски разговарав со амбасадорите на Чешка и на Словачка и им изразил огромна благодарност за нивниот потег, но оцени дека блокадата на донесувањето на заклучоците за проширувањето за Западен Балкан на Советот на ЕУ е пред се и над се одбрана на нивните национални интереси.
Премиерот Зоран Заев пак по потегот на овие две држави рече дека му било драго што сѐ уште имало европско во Европската Унија.