Ескобар: Западен Балкан е централен дел во визијата на САД за мир во Европа

Габриел Ескобар, специјален претставник за Западен Балкан сведочи пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, Вашингтон, 16 февруари 2022 година

Во Сенатот на САД се одржа сослушување за Западен Балкан. Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар рече дека сеопфатна Европа и Европа на мирот остануваат од витален интерес на САД и оти Западен Балкан е централен дел во оваа визија.

„САД продолжуваат да ги продлабочуваат врските со регионот“, изјави специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, сведочејќи во Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.

Тој притоа повтори дека САД ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан.

„Ние веруваме дека Отворен Балкан и Зелената агенда се неопходни за европската интеграција. Ги повикуваме да се борат против корупцијата и да ги прошират можностите за интеграција. Ова ќе го спречи одливот на мозоци“, рече Ескобар.

Видете и ова: Ескобар: Во „Отворен Балкан“ да се вклучат сите земји од регионот

Според него, американската политика на Западен Балкан лежи на три столба.

„ЕУ, НАТО и регионална и политичка интеграција. Сметаме дека овие земји треба да бидат членки на ЕУ. Тие историски, културно и сè повеќе економски се дел од Европа. Ние веруваме дека тие треба да бидат членки. Секоја земја која ѝ се приклучи на ЕУ е подемократска, попросперитетна и постабилна. Затоа го поддржуваме Отворен Балкан“, изјави Ескобар.

Наведувајќи дека САД нема да наметнуваат решенија, но дека сакаат да помогнат, тој посочи дека Вашингтон е особено загрижен поради зголеменото кинеско влијание во Западен Балкан.

Запрашан од сенаторите какво ќе биде влијанието врз Западен Балкан доколку Русија ја нападне Украина, Ескобар рече дека некои од земјите се ранливи на злонамерното влијание на Русија.

Џозеф: Недозволива толеранција на ЕУ за бугарската блокада на Македонија

„Нашата надеж е дека можеме да обезбедиме овие земји да останат стабилни и заштитени од какво било руско влијание за да го користат Западен Балкан како одвраќање на евроатлантската заедница за Русија и Украина“, рече Ескобар, додавајќи дека три држави од Западен Балкан се сојузници на НАТО.

„Не само што учествуваат во дискусијата на НАТО за ова, туку придонесуваат и за нашите напори“, додаде специјалниот претставник за Западен Балкан.

Во врска со ситуацијата во Босна и Херцеговина Ескобар изјави дека САД ќе ги употребат сите достапни инструменти против оние кои ги држат како заложници граѓаните на Босна и Херцеговина за нивна сопствена корист.

Видете и ова: Додик: САД се голема земја, но нивните обвинувања не се точни

Тој потсети дека САД неодамна повторно го санкционираа членот на Претседателството на БиХ и претседател на Алијансата на независните социјалдемократи Милорад Додик и неговата блиска Алтернативна телевизија.

На прашањето на претседавачот на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, Џин Шахин што друго може да се направи освен санкциите, Ескобар изјави:

„Додик е актер со кој е тешко да се работи, но не е единствениот. Нашите активности се насочени кон него, а не кон Србите и Република Српска. Проблемот не е етнонационализмот, туку длабоко вкоренетата корупција. Таа е најкорумпираната земја на Западен Балкан и трета најкорумпирана земја во Европа. Затоа има одлив на мозоци“.

Кристофер Хил: Загрижен сум за многу прашања поврзани со Србија и Балканот

На прашањето дали Заедницата на српски општини (ЗСО) ќе го дестабилизира Косово, Ескобар рече дека мисли оти тоа нема да се случи.

„Ние го поддржуваме создавањето на оваа заедница од неколку причини. Првата е што страните веќе се договорија за тоа. Иако Уставниот суд констатира дека некои делови не се во согласност со Уставот, не кажа дека самата Заедница е неуставна. Во контекст на дијалогот, Косово и Србија треба да одлучат како таа ќе изгледа. Не треба и секако не сакаме да биде слично на Република Српска“, рече Есобар.

Видете и ова: Ескобар и Лајчак бараат исполнување на договорите меѓу Косово и Србија

На крајот од своето излагање, Ескобар потсети дека Западен Балкан е во фокусот на САД во последните три децении. „Резултатите се јасни - земјите од поранешна Југославија сега вклучуваат четири сојузници на НАТО и две членки на ЕУ“, рече Ескобар, додавајќи „нашата работа не е завршена“.

На сослушувањето сенаторката Џин Шахин изјави дека поддршката на мирот на Западен Балкан останува еден од важните американски приоритети.

„Нема потреба да се прашуваме зошто овој регион е важен за американската безбедност. Не толку одамна бевме сведоци на распадот на поранешна Југославија и ја видовме ужасната и неповторлива трагедија на војната“, рече Шахин.

Во воведниот говор, републиканскиот сенатор Рон Џонсон изјави дека САД сѐ повеќе се фокусираат врз Западен Балкан и оти земјите од регионот сакаат американско учество.

„Ние обрнуваме внимание на регионот. Разбираме дека стабилноста на Западен Балкан е важна. Сакаме да ја поддржиме стабилноста. Загрижени сме поради кинеската иницијатива“, рече сенаторот Џонсон.