„Едно општество за сите“ - чекајќи го датумот за ЕУ

Заев и Димитров на Меѓународната конференција „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам”

Владата подготвува национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам. Целта е да се унапреди еднаквоста и да се создаде кохезивно општество со европските вредности. Во меѓувреме премиерот Заев останува оптимист дека земјава ќе добие датум за почеток на преговори

На неколку дена пред конечната одлука на Советот на министри на ЕУ во Брисел, македонскиот премиер Зоран Заев останува оптимист дека ќе добиеме позитивна одлука за датум за отворање преговори со Унијата.

„Очекувам дека ќе добиеме одлука за почеток на преговорите. Знам дека земјите членки имаат аргументации внатре, многу често неповрзани со нас, како што е на пример дебатата на Франција за иднината и ефикасноста на ЕУ. Ние ги почитуваме тие дебати и веруваме дека може да придонесеме за унапредување на поквалитетна и попримамлива Европа за сите граѓани од европскиот континент. Очекувано е исто така дека покрај главниот заклучок одлука за почеток на преговори, ќе имаме имплементација на договорите со Грција и Бугарија, гледаме веќе како се подготвуваат драфт извештаите, така што јас останувам оптимист дека ќе имаме позитивна одлука за почеток на преговорите овој месец“, изјави премиерот Заев, кој денеска присуствуваше на меѓународната конференција на тема: „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам” во Скопје.

На конференцијата беше најавено подготвувањето сеопфатна Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, којшто е во тек. Оваа стратегија ќе биде посветена на унапредување на еднаквоста и интеграцијата на општеството преку интеракција помеѓу различните етнички заедници во државата. Во присуство на претставници на дипломатскиот кор неколкупати беше истакнато дека треба да се негува различноста. Ламберто Заниер, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ истакна дека оваа стратегија е инспирација во денешниот свет во кој има многу примери на поделени општества.

„Разновидноста е карактеристика на сите модерни општества. Интеграцијата е двонасочна улица. Таа ги зголемува правата на заедниците во општеството и тогаш кога тие стануваат разделени тоа наштетува на целото општество. Верувам дека поделбите по етничка линија се предизвик дури и за оваа држава. Оваа стратегија ја признава разновидноста и јасно е дека нејзиното спроведување и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор има за цел да ги реши сите предизвици, да овозможи интеграција и прекинување на старите трендови и политики“, изјави високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ​ Ламберто Заниер.

Видете и ова: Граѓанско помирување предизвик на поделеното општество

Евроамбасадорот Самуел Жбогар пак потенцираше дека постигнувањето на концептот „едно општество за сите“ е најамбициозниот и најмачен проект кој може некоја влада да си го зададе.

„Нема успешно општество без исполнети и реализирани луѓе, граѓаните не можат да дадат придонес ако сметаат дека нивното достоинство, етничките и културните специфики не се почитуваат, рече Жбогар и додаде дека оваа стратегија ја има поддршката на ЕУ.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека во изминатиот период Македонија покажала смелост, силна политичка посветеност и лидерство за надминување на отворените прашања со соседите.

„ Видовме и почувствувавме на своја кожа дека сите сме во ист брод и Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми дека кога нема правда не ни оди добро, кога владее корупција сите сме оштетени, кога економијата назадува сите сме оштетени, и затоа во нашата заедничка држава споделуваме една и иста судбина. Колку повеќе ќе се обединиме на европски вредности толку посилна ќе ни биде нацијата“, рече министерот Димитров додавајќи дека унапредувањето на заедништвото на нашето општество подеднакво достапно за сите,е еден од главните индикатори за успешноста на македонското општество.

Видете и ова: Соживотот во Северна Mакедонија е пример во Европа

Од дискусијата, во која се вклучени и експерти, пратеници и универзитетски професори треба да произлезе конечна ревизија и заокружување на процесот за конечно донесување на Стратегијата.

Премиерот Заев нагласи дека Владата соработувала со повеќе чинители и граѓани за да го зајакне дијалогот на различните заедници со цел создавање едно општество за сите, во кое секој ќе се чувствува како еднаков член.