Државните прослави чинат од 2 до 4 пати повеќе од организацијата на културните манифестации со традиција, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки и годишните програми на Министерството за култура.
Прославата на 21-годишнината на Рамковниот договор чинеше 100 илјади евра, а само концертот именуван „Мировен фестивал“ кој се одржа викендов чинеше 70 илјади евра од буџетот. На забавата настапија Нора Истрефи, Фифи, Ермал Фејзулаху, Кида и Луми Б, додека Антониа Гиговска и Владо Јаневски во последен момент се откажаа од настапот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Владата нема пресметка колку чинеше прославата за Илинден
Владата сè уште ја нема конечната пресметка колку чинеше одбележувањето на државниот празник Илинден. Оттаму велат дека сè уште се собираат фактурите и дека наскоро ќе ни одговорат на прашањата за вкупната вредност за прославата во Крушево. Но, според податоците од владината дата база на податоци „Отворени финансии“ за озвучување за проектот „Десет дена Крушевска Република“ биле одвоени 81 илјада евра, и исто толку пари се одвоени и за научно -културните средби во склоп на проектот „Десет дена Крушевска Република“. Но, нема повеќе детали за тоа што спаѓа како услуга во овие предвидени пари, затоа што на биро за јавни набавки не се објавени договорите од тендерите кои биле склучени за чествување на државниот празник 2 Август. На прославата на Мечкин камен годинава настапија Тамара Тодевска, Наде Талевска, Виктор Апостолски и Викторија Лоба.
Државните прослави како партиски забави, обвинува опозицијата
За власта најголемиот државен празник помина масовно, гордо и достоинствено, додека за опозицијата се работи за партизирана прослава каде биле присутни само партиски активисти носени со автобуси. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека додека на бројни нивни членови не им било дозволено да пристапат до Мечкин Камен.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прославата на Рамковниот договор. Прославата која ќе чини стотици илјади евра е приватна прослава на ДУИ и ниту Македонците, ниту Албанците не ја чувствува како своја, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на една од прес конференциите.
Албанската опозиција, пак обвинува дека Рамковниот договор не е спроведен до крај и дека одбележувањето на годишнината е само партиска забава.
Минатогодишната прослава за одбележување на 30-годишнината од Денот на независноста 8 Септември, Владата ја платила 190 илјади евра. Оваа јавна набавка ја добила фирмата ДДВ Плус. Во фактурата за наплата влегува организација на настанот, сценографија, бина и аудиовизуелна опрема, листа на изведувачи, 5 минутен огномет и промо видео од една минута, пишува во тендерската документација.
Од друга страна пак, минатогодишната прослава на 20-годишнината од Рамковниот договор чинеше половина милион евра. Првиот дел од договорот за организирање на ланскиот настан вреден речиси 400 илјади евра го доби фирмата Друштво за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги Арбериа Дизајн Дооел Тетово. Истата фирма и годинава ги доби двата тендера со вкуна вредност од 100 илјади евра за органицазија на настанот. Минатата година покрај високата сума на парите потрошена за прослава во јавноста беше критикувана и самата организација на настанот во ек на пандемија кога беше актуелен полициски час и ограничување на движењето на граѓаните.
Прославата за Денот на албанската азбука која лани ја организираше истата фирма Арбериа Дизајн чинеше 33 илјади евра, а истата прослава пред две години беше наплатена од буџетот 80 илјади евра.
Видете и ова: Фирма од Тетово, која печати свидетелствa е и организатор на прославите за РамковниотЗабавата за овогодинешното одбележување на годишнината од Рамковниот договор Вицепремиерот Артан Груби ја спореди со „Егзит“ фестивалот познат во светски рамки каде се слави музичката култура на сите народи и јазици.
Но, оваа прослава е двојно поскапа од фестивалите кои се организираат во земјава, за кои дел од финансиите доаѓаат од буџетот за култура. За споредба Фестивалот Таксират кој се организира веќе 20 години од министерството за култура годинава ќе добие 47 илјади евра.
Потоа „Д-фестивал“ кој трае три дена во годинава беше финансиран со 46 илјади евра, а „Здраво Млади“ на Младинскиот културен центар кој ќе се одржи на 3 септември доби поддршка од министерството од 4 илјади евра, а од град Скопје 16 илјади евра.
Четири децении опстојува скопскиот џез фестивал кој секоја година добива се помалку пари од државата за организација. Годинава за 41 -то издание на Скопје Џез фестивал во годишната програма на министерството за култура се одвоени 66 илјади евра.
Децениски фестивали секоја наредна година со помал буџет од претходната
Директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета вели дека една од разликите во организацијата на културните настани и музичките настани кои се организираат во име на државни прослави се извештаите за потрошените пари. Тој објаснува дека за сите манифестации кои се во годишната програма организаторите мора да достават детален извештај за сите поединечни ставки додека за државните прослави јавноста нема на увид за што точно и колку пари се потрошени.
„Јас сум апсолутно убеден дека на пример и таа сума од 70 или 100 илјади евра за прославата која беше некни наречена „мировен фестивал“, јас сум убеден дека ако некој од нас професионалци ја разгледа за музичкиот дел дека не може да чини толку пари, дека таа сума е сигурно неколку пати помала. Но, ни вие новинарите не можете да дојдете до таа детална структура за секој денар на што е потрошеноза овие прослави“ вели Белопета.
Единствена манифестација на листата на добитници на државни пари со висока сума е Охридско лето за кое годинава биле одвоени половина милион евра.
Буџетите на филските фестивали намалени и до 80 проценти
Од друга страна, Филмските фестивали во земјава кои имаат децениски традиции државата ги финансира со 40 до 100 илјади евра.
Светски познатиот филмски фестивал „Браќа Манаки“, на кој во изминативе неколку години се појавија филмски ѕвезди од калибарот на Мајкл Јорк, Дерил Хана, Кетрин Денев, Жилиен Бинош или Бруно Ганц, годинава е поддржан од Агецијата за филм со 113 илјади евра. Тоа е најстариот фестивал во светот посветен на кинематограферите.
Седумдневниот фестивал на европски филм Синедејс, кој се одржува веќе 20 години, од Агенцијата за филм годинава доби поддршка од 49 илјади евра. Тоа е единствениот категоризиран филмски фестивал кој се одржува по европски стандарди. Од Агенцијата за филм години наназад овој фестивал добива се помалку пари. Во 2015 година буџетот што го одвојува Агенцијата за филм изнесувал 89 илјади евра, за годинава тој буџет речиси се преполовил.
Од Градот Скопје за овој фестивал годинава е намален буџетот за 80 проценти без никакво објаснување, вели уредничката на програмата во Младинскиот културен центар Маргарита Арсова. Таа посочува дека годинава не добиле издвоен буџет за организација на Синедејс туку им било доделено вкупен буџет за годишна филмска програма во МКЦ во вредност од 16 илјади евра.
„ Тие пари воопшто не се доволни. Тие пари не стигаат ни за букурање на филмска програма, да ги платиме лиценците за прикажување на филмови, а камо ли да го распотелиме фестивалот низ цело Скопје, да освојуваме други локации, да извадиме техника и платно надвор за прикажување, да донесеме и придружна програма, да платиме летови за гости, тоа не е ни 10 проценти од буџетот што е доволен за реализација на фестивалот“ вели Арсова.
Таа објаснува дека минатата година поддршката од Градот Скопје била во подем, но годинава таа е девастирана и десеткувана.
„Оваа година одбележуваме и јубилеј 50 години од постоење на Младинскиот културен центар, поддршката што требаше да ја даде градот кон единствената јавна институција која се бави со вакви културни настани, очигледно изостана“, додава таа.
Познатиот театарски фестивал МОТ( Млад отворен театар), кој годинава го одбележува 47- то издание, од Министерството за култура ќе добие само 37.375 евра. Овој фестивал трае две недели и буџетот за него годинава е намален поради мерките за штедење. Минатата година за негова организација биле издвоени 65 илјади евра. Години претходно за овој фестивал министерството за култура одвојувало околу буџет околу 75 илјади евра.