Државните претпријатија со долгови до „гуша“ и партиска превработеност

Илустрација - Вработени во државна администрација

Јавните претпријатија се едни од најголемите работодавци во земјава. Тие со децении ја играат улога на „згрижувачи“ на партиски кадар, во ситуација кога истовремено генерираат милионски долгови. Наместо да ги извршуваат основните услуги со граѓанските пари и да бидат пример за интегритет и транспарентност, овие претпријатија најчесто се карактеризираат со неефикасност, висок ризик за корупција и слаби системи за управување, покажуваат истражувањата на невладините организации.

Бројни државни фирми и акционерски друштва имаат направено долгови од милиони евра. Официјалните податоци покажуваат дека меѓу оние кои се најзадолжени се и Јавното претпријатие за државни патишта, Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ), МЕПСО, Водовод и Македонски Железници, но и некои локални самоуправи како Општина Тетово. Од друга страна, истражувањата на невладините организации често откриваат нетранспарентност и коруптивни скандали меѓу фирмите кои се најзадолжени, како и ниска ефикасност при враќањето на нивните долгови.

Видете и ова: Клиниките и болниците должат речиси 50 милиони евра

Така, долговите кои ги направиле, јавните фирми ги враќаат во просек од 17 месеци. Нивната ефикасност, од друга страна, е зголемена кога станува збор за побарувањата и тогаш тие ги наплатуваат во просек за 9 месеци. Поради тоа, на компаниите им е неисплатливо да соработуваат со нив, а доколку тоа го прифатат, им се нудат повисоки цени од пазарните, според истражувањата на Граѓанскиот центар за комуникации.

Економскиот аналитичари и даночен советник Павле Гацов вели дека главен проблем е неефикасното управување со јавните претпријатија и акцинерски друштва.

„Поради мешањето на политики во работењето на овие компании има превработеност и често пати неефикасност во работниот потенцијал. Така да, таму фали професионален менаџмент, почитување на сите законитости на капиталот и тогаш во таква ситуација мислам дека многу брзо и многу добро би станале ефикасни еднакво на сите приватни компании,“ вели Гацов.

Силното партиско влијание во управување со државните претпријатија го става во сенка очигледно јавниот интерес, вели директорката на Граѓански центар за комуникации Сабина Факиќ.

„Ова создава можност за неодговорно трошење на ресурсите, вработување на несоодветни кадри склучување на договори кои се штетни за претпријатијата, незаконско користење на ресурсите за партиски и лични цели, нетранспарентност во работењето, и секако отсуство на надзор врз нивното работење. Сето ова се одразува на растот на долговите и загубите на претпријатијата, наспротив порастот на вработувањата и непродуктивните трошења“, вели Факиќ.

Речиси милијарда евра изнесува вкупниот долг на јавните претпријатија и акционерски друштва основани од државата и општините за 2020 година, покажуваат податоците на Министерството за финансии. Овие претпријатија редовно, скоро секоја година, бележат загуби во работењето, а истовремено ги зголемуваат нивните долгови.

Над 61,5 милиони евра е загубата од минатата година на Јавното претпријатие за државни патишта. Второ на листата меѓу загубарите со високи милионски суми е АД „ЕСМ“ со скоро 17 милиони евра загуба во пандемиската 2020 година, додека загубата на МЕПСО изнесува речиси 6 милиони евра.

ЈП Државни патишта годинава ја почнало со минус од 11 милиони евра за веќе во вториот квартал минусносто салдо достигнало 28,4 милиони евра. Годинава ЕСМ во првиот квартал покажува минус на салдото од 4,5 милиони евра, додека во вториот квартал загубата достигнала 13,3 милиони евра. Загубата на МЕПСО во првиот квартал од годинава изнесува 2 милиони евра, додека во вториот квартал изнесува 2,8 милиони евра.

„Генерално загружувачки е дека трендот на раст на загубите во јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост во 2020 година е засилен во однос на претходниот период, а во исто време отсуствува објаснување од Владата на што се должи тоа и какви мерки се преземаат.“ вели Факиќ.

Пуштање во употреба на експресниот пат Штип-Радовиш [04.06.2021]

Јавното претпријатие за државни патишта е лидер во задолженост со вкупен доспеан долг над 656 милиони евра, според листата на должници на Министерството за финансии за 2020 година. По него на ова листа се АД „ЕСМ“ со гарантиран долг од 62 милиони евра, па следуваат Железници Транспорт со гарантиран долг од 36 милиони евра, МЕПСО со 17,2 милиони евра и ЈСП кое должи 9,8 милиони евра.

Годинава сликата е поинаква. Две државни фирми, две јавни претпријатија и една општина се на првите пет позиции од новата “должничка листа” на Министерството за финансии според висината на доспеани, а неплатени обврски за третиот квартал од годинава.

На врвот на листата за „неплаќачи“ за 2021 година заклучно со септември според податоците од министерството за финансии е акционерското друштво МЖ Транспорт со доспеан долг од речиси 61 милион евра, потоа следуваат акционерското друштво Македонски енергетски ресурси со доспеан неплатен долг од 23 милиони евра. Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура има долг од 16 милиони евра, општината Тетово скоро 12 милиони евра и Јавното претпријатие Колекторски систем со долг од 8 милиони евра.

Податоците од Mинистерството за финансии покажуваат дека вкупниот долг на јавните претпријатија и акцинерски друштва основани од државата и општините за 2020 година изнесува над 963 милиони евра.

Ревизорите откриваат финансиски проблеми на Водовод Куманово

Јавното претпријатие за Водовод Куманово е меѓу првите десет најзадолжени е со неплатен долг од 8 милиони евра. Државниот ревизор, при чешлањето на минатогодишната работа, утврдило дека лани во буџетот на ова претпријатие влегле половина милион евра помалку поради неплатени сметки за потрошена вода.

Дополнително, ревизорите утврдиле и 55 проценти загуба на вода поради стара и дотраена водоводна мрежа, но потоа и поради незаконско приклучување и потрошувачка, непрецизност на водомери и нефактурирана потрошувачка.

Видете и ова: Општинските должници чекаат спас од Владата

Работењето на претпријатието од 2013 година наваму е проследено со постојани блокади на сметките што резултира со намалена ликвидност и солвентност и кои имаат влијание врз целокупните процеси, искажувајќи обврски кон добавувачите и неможност за нивно навремено подмирување, се вели во ревизорскиот извештај.

Оваа институција исто така утврдила дека поради тоа што претпријатието работи со загуба, не може редовно да ги плаќа кредитите кон Општина Куманово по основ на кредитот од проектот МЕАП кој Министерството за финансии си го наплатил од општината како гарант, наведуваат државните ревизори.

Вкупно 4 милиони евра неплатени сметки има и Јавното комунално претпријатие Тетово, а со 4 милиони евра е задолжeно и јавното комунално претпријатие Комуналец Струмица.

Во јавните претпријатија и акцинерски друштва се вработени над 28 илјади луѓе

Во земјава се евидентирани вкупно 144 јавни претпријатија кои се основани или од Владата или од општините, според податоците од Министерството за информатичко општество. Од нив 119 се јавни претпријатија за комунални работи, 8 се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, 6 се транспортни јавни претпријатија, 2 јавни претпријатија од дејноста информирање, едно јавно претпријатие од дејноста информатичко општество и 8 јавни претпријатија од други дејности од јавен интерес.

Од вкупниот број од 144 јавни претпријатија, 3 се основани од Собранието на Република Северна Македонија, а најмногу, односно 128 се основани од Градот Скопје и општините.

Владата е основач на 14 јавни претпријатија и единствен акционер/содружник во 15 трговски друштва од кои 13 се акционерски друштва во државна сопственост, а 2 се ДООЕЛ-и во државна сопственост.

Извештајот за 2020 година на Министерството за информатичко општество покажува дека во јавните претпријатија има вработено вкупно 17,722 лица. Најмногу вработени има во јавните претпријатија од областа на комуналните работи, каде се вработени вкупно 10 илјади луѓе. По нив следуваат од областа на транспортот, земјоделие и шумарство, информирање, друга дејност од јавен интерес и информатичко општество.

Во извештајот за 2019 година, бројот на вработени во јавните претпријатија изнесувал вкупно 18,026 лица. Додека во извештајот за 2018 година нивната бројка изнесувала 18,201.

Но, во овие бројки недостасуваат податоците за вработените во Акцинерските друштва кои според проценките на невладините организации го креваат бројот на вработени за дополнителни 10 илјади.

На пример во Акционерското друштво МЕПСО во период од јануари 2017 до декември 2020 вкупниот број на вработени е зголемен за 101 лице. Така, заклучно со 31 декември 2020 година во МЕПСО се вработени 657.

„Во периодот од 1-ви мај 2017 година до 31 октомври 2021 година, преку Агенција за привремени вработувања се ангажирани 37 лица, а потоа најголемиот број на истите се вработени на неопределено време преку јавен оглас во текот на наведениот период“ се вели во одговорот на МЕПСО за Радио Слободна Европа.

МЕПСО во првиот квартал од годинава бележи минус на салдото од 2 милиони евра, додека во вториот квартал изнесува 2,8 милиони евра.

„Загубите во работењето не биле пречка за раст на вработените ниту во МЕПСО, тоа се претпријатија чија финансиска кондиција ни е особена важна во овој период во енергитската криза“, вели Факиќ.

Роднински врски во јавни фирми

Дополнително годинава Антикорупциската комисија покрена постапки за неколкумина вработени во МЕПСО кои биле роднини на функционери. Станува збор за синот на Владо Бучковски поранешен премиер на Македонија од редовите на СДСМ и преговарач за спорот со Бугарија, потоа ќерката на Невзат Бејта, поранешен градоначалник и канидат за уште еден мандат во Гостивар од редовите на ДУИ, како и сестрата на актуелниот министер за еконимија Крешник Бектеши.

Од МЕПСО велат дека Дамјан Бучковски, син на Владо Бучковски бил вработен на 27.12.2019 година на работна позиција „референт за селекција, професионален развој и планирање“. Потоа Фиторе Бејта Акику која е ќерка на поранешниот градоначалник Невзат Бејта е вработена од 20.12.2018 година, на работна позиција „ референт за набавки“, додека сестрата на министерот Бектеши Влоре Бектеши е вработена од 20.12.2018 година на работна позиција„ Самостоен референт за правни работи“.

МЕПСО

„Сите тројца се примени на јавен оглас “ се вели во одговорот на МЕПСО за Радио Слободна Европа.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека вработувањето на сестрата на Бектеши веќе е поднесена прекршочна пријава.

„Најдовме и слабости во делот на спроведувањето на конкурсот за вработување и од тие причини упативме до управниот одбор и иницијатива за утврдување на директорот, мислам на претходниот директор, не на овој сега. Тогаш добивме одговор од управниот одбор дека тие не наоѓаат одговорност кај директорот. Нашето е до тука, тука завршува“ вели Ивановска.

Но, и по прекршочната пријава, министерот Бектеши не понесе морална одговорност за прекршување на законот, нити директорот на МЕПСО.
Таквата ситуација го наметнува прашањето кој е заклучокот кога партиски одбрани членови на управен одбор не сакаат да преземат мерки против партиски избран функционер односно директор на јавно претпријатие.

„Заклучокот ни е дека управен одбор составен од членови кои се бираат врз основа на партиски активисти не може да дадат резултати, тие не можат да утврдат одговорност кај директор кој исто така е политички поставен. Затоа постојано апелираме за донесување на закон за виско раководна структура како и за ограничување на дискреционото право на одговорните лица поточно на директорите во јавните институциите при вработување на кадрите. Поточно да се почитува мерит системот и може директорот да има дискреционо право ама тоа да го употреби во избор од најдобрите тројца и да одбере еден од нив, а не да избере некој подолу на листата,“ вели таа.

Расте бројот на вработени, растат и долговите

Но, во голем дел од претпријатијата бројот на вработени расте заедно со нивните долгови. Гацов кој е автор на финансиската анализа за работењето на јавните претпријатија вели дека главната компонента во трошковниот апсект кај најголем дел од јавните претпријатија се платите, што укажува на превработеност.

„Очигледно е дека со зголемувањето на бројот на вработените не се зголемува ефикасноста на нивните услуги, очигледно се работи за партиски решенија кои не се поврзани со поголем број на оперативни работници по улиците ако се чисти, или можеби за стручен кадар или пак инженерски кадар ако има потреба, и повторно е онаа болка дека политиките се тие што се мешаат во работата на јавните претпријатија“ вели Гацов.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хајредини: 40 години не е инвестирано во енергетски капацитети

На пример во МЕПСО според истражувањето на Граѓанскиот центар за комуникации во период од 2015 до 2019 година бројот на вработени пораснал за 26%, додека растот на приходите за истиот период изнесува 4,18%.

Државните ревозири при последната спроведена ревизија во МЕПСО во 2017 година изразиле негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2016 година, како и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива.

Профитабилноста на МЕПСО од 2015 до 2019 година е променлива и главно зависи од набавната цена на електричната енергија за одделни периоди. Највисока профитабилност претпријатието има во 2015 година 13,5%, а најмала во 2016 година (3%), додека стапката на профитабилност за 2019 година изнесува 8,2%, се вели во финансиската анализа.

Во ЕСМ со загубите порасна и бројот на вработени

Слична е ситуацијата и во другите акционерски друштва. На пример во АД Електрани на Северна Македонија во 2019 година вкупните приходи се намалиле за 21 процент во однос на 2015 година. Ама на сметка на тоа во истиот период бројот на вработени пораснал за 5% и во 2019 година во ЕСМ биле вработени вкупно 4.751. Во 2020 година бројот на вработени изнесува 4 802 што значи за една година биле вработени плус 51 лице. Последните податоци на министерството за финасии покажуваат дека загубите на ЕСМ во вториот квартал пораснале за три пати во однос на првиот квартал од годинава.

„Иако еден од најголемите вработувачи во државата е ЕСМ поранешен ЕЛЕМ некаде околу 5 илјади вработени, но тој испорачува и добри резултати. Сега 2021 ќе биде посебна затоа што знаеме каква е ситуацијата во компанијата. Во тој контекст сакам да кажам дека не секогаш бројот на вработени значи и влијание врз профиталбилноста. Но, ако ги следиме светските односно европските трендови оваа компанија своите активности ќе може да ги извршува и со помалку вработени. Заминувањето во пензија без посебно да се врши намалување на вработени е добра шанса да се заменат со добри и млади кадри“ вели Гацов.

Во ЈП за државни патишта бројот на бројот на вработени за 5 години пораснал за 23%, но истовремено и приходите се зголемиле за 47%. Претпријатието има висока профитабилност од 34,8% просечно, односно 33,6% за 2019 година, што е значително над просекот.

Дел од јавните претпријатија и акционерски друштва основани од државата иако тонат во долгови сепак се дел од клучната адреса за вработување по партиски клуч и воедно високо котираат според бројот на вработени.

Видете и ова: Македонските влади - пазар за фотелји, наместо борба за идеи?

Гацов вели дека е неопходна корените промена во политиката на вработување. Потребно е на реални конкурси да се избираат најдобрите кандидати за да се подигнат перфомансите и квалитетот на работата на јавните претпријатија.

„ Квалитетот на кадарот е многу важна работа, имено разликите во компаниите и користењето на една иста опрема или еден тип на процес точно ја прават квалитетните кадри. Затоа во ваков контекст не можеме да кажеме дека сите вработени во јавните претпријатија и акционерските друштва основани од владата се со квалитетен кадар. За жал, малкумина на прсти можат да се набројат тие што ги носат главните активности на овие компании а додека другите се пасивни, односно го поминуваат денот условно кажано очекувајќи го крајот на работниот ден“, вели тој.

Според информациите од Регистерот на вработени во јавниот сектор, во 2019 та година само во акционерските друштва во државна сопственост, вкупно се регистрирани вработени 8.800 лица, од кои 8.545 на неопределено време, 83 на определено време и 172 преку агенции за привремени вработувања.

Дел од јавните претпријатија се „дават“ во долгови и нивните извештаи како тие на ЈСП Скопје покажуваат дека претпријатието целосно ги има подјадено сопствените извори на финансирање и дека се работи за компанија што ја поседуваат доверителите. Кредитната способност покажува дека финансиските можности на претпријатието се слаби и дека самофинансирањето е негативно.

Според Факиќ неопходно е подобрување на на правната рамка, односно донесување на еден закон наместо како досега два кој би се нарекол закон за трговски друштва во доминантна сопственост на државата и локалната самоуправа со кој особено ќе се регулира начинот на раководните органи во државните претпријатија, постапките за вработување во овие претпријатија, нивната транспарентност.

„Сегашната законска рамка овозможува силно партиско влијание во управувањето со државните претпријатија. Истражувањата спроведени од нашата организација покажаа отсуство на јасна и транспарентна постапка на селекција на членовите на раководните органи на управните одбори и надзорни одбори што отвара голем простор за волунтаризам, политичко влијание и поставување на несоодветни лица на раководни функции во претпријатието“ вели Факиќ.

Таа додава дека со законите за јавни претпријатија и трговски друштва се регулираат само бројот на членови на раководните одбори, но не и постапката како се избираат тие членови на управните и надзорните одбори.

„Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот која ние ја докажавме со документацијата која ја собиравме, докажавме дека апсолутно нема друг начин да се избират, односно дека овие луѓе се избираат врз основа на некои списоци кои се составуваат во партиските кругови, а не во самите институции“ вели таа.

Железници транспорт редовно на списокот на „загубари“

Железници Транспорт, пак, во извештајот на Граѓанскиот центар за комуникација покажува намалување на приходите за 21 процент во 2019 во однос на претходната година, но и намалување на бројот на вработени за 18 проценти. Претпријатието постојано искажува загуба во работењето во анализираниот 5 годишен период. Кредитната способност покажува дека вкупните долгови на претпријатието се поголеми од нејзиниот капитал и резерви.

Видете и ова: МЖ Транспорт - Најголем загубар со најлуксузно возило

Слична била состојбата и со јавното претпријатие за државни патишта кое забележува загуба од 12 милиони евра, загуба која за 6 пати ги надминува капиталот и резервите, а обврските за наплата на долгови до крајот на 2019 година изнесувале 9 пати повеќе од капиталот и резервите на компаниите. Тоа значи дека компанијата била „поседувана“ од доверителите.

Скопското комунално претпријатие од друга страна покажува раст на приходите во 2019 година за 4,3 проценти, но и раст на бројот на вработени за 4,2 проценти во однос на 2015 година. Но, наплатата на побарувањата на претпријатието изнесува 80 дена просечно, а плаќањето на обврските за 74 дена.

Според анализираниот период од 2015 до 2019 година во истражувањето на Граѓанскиот центар за комуникација акционерското друштво Пошта со години работи со загуби .

„Трендот на намалување на приходите за 12,8% споредено меѓу 2019 и 2015 година и намалувањето на бројот на работниците за 9,7% не бил проследен со соодветно намалување на расходите“, се вели во анализата.

Раст на бројот на вработени брои и акционерското друштво М-НАВ кое во 2019 имало 300 луѓе што е за 11 проценти повеќе од 2015 година.

Една од забелешките за работата на Националната Радио- телевизија Скопје е дека и покрај намалениот број на вработени и приходи претпријатието не врши доволна контрола на трошоците.

Железници Инфраструктура „децениски загубар“

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура спаѓа во групата на„децениски загубар“. Вкупната загуба во 2019 година изнесувала 44,8 милиони евра.

Најголем пораст на бројот на вработени во анализираниот период бележи јавното претпријатие Комуналец Струмица кое за пет години добило нови 142 вработени што е пораст за 59 проценти. Иако претпријатието работи со добивки во анализираниот период, но за наплата на сметките му се потребни една година и три месеци, додека пак своите долгови ги исплаќа за речиси две години.
Проблеми со наплата има и јавно тетовско комунално претпријатие. Според анализата во просек му биле потребни 3 години, додека своите обврски ги плаќале во просек за 4 години.

Скопскиот Градски Трговски Центар не работи профитабилно. Во просек, во анализираниот 5 годишен период претпријатието остава -13% од вкупните расходи непокриени со вкупните приходи. Во 2019та година овој показател е влошен и изнесува -16%. Во исто време бројот на вработени пораснал за 7,9% во петгодишниот период.

Децениски раст на вработените во јавните претпријатија

Истражувањето „Растат вработувањата во државните претпријатија“ спроведено во 2016 година покажа дека во најголемите 50 државни претпријатија во периодот од 2010-2016 година бројот на вработени е зголемен за 1.781 луѓе, односно за 8%.

Повеќе од половина од новите вработувања во јавните претпријатија беа евидентирани во АД Електрани на Северна Македонија (ЕЛЕМ), каде што во септември 2016 година работеле вкупно 4.907 луѓе, односно 1.104 повеќе отколку во 2010 година. Второ на листата државни претпријатија каде што најмногу се вработувало е ЈП Комунална хигиена Скопје каде што бројот на вработени се зголемил за 332, на 1.144 луѓе.

Трето на оваа листа е ЈП за државни патишта кое што е основано на крајот од 2012 година, но всушност ги наследи имотот, средствата и вработените од Агенцијата за државни патишта. Податоците покажуваат дека во септември 2010 година во ова претпријатие работеле 51 луѓе, додека пак во септември 2016, овој број достигнал 347, што е зголемување за 296 луѓе.

Анализа на постапките за вработувањата врз основа на наводи за непотизам поврзани со предметите отворени по сопствена иницијатива и по допрен глас во Антикорупциската комисија покажа дека од 11 вработувања на блиски лица на пратеници, министри и градоначалници дури 7 се вработиле во АД Електрани.

Економската логија покажува дека клучне параметар за нови вработувања треба да биде зголемување на обемот на работата на едно претпријатие, повеќе од јасно е дека ризикот од непотребни вработувања може да биде инспириран и не само за обезбедување на работно место за лица кои се блиски до носителите на јавни функции, туку и за нивните партиски колеги. Оттука, злоупотребата на државните претпријатија за вештачко креирање на работни места треба да биде една од главните аспекти од работењето на овие претпријатија кои ДКСК ќе ги следи во иднина, сметаат аналитичарите.

Според неколкуте ревизии спроведени во јавните претпријатија забележливо е дека се констатирани незаконски и ненаменски користења на средствата. Тоа укажува на потреба од засилен надзор во јавните претпријатија.

Дека на државните претпријатија им е потребен засилен надзор говори и примерот со второрангираното по големина државно претпријатие, Јавното претпријатие за државни патишта.

По контролата спроведена во 2016 година државните ревизори не изразиле мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2015 година, а за активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики изрази негативно мислење.

Се чини дека е неопходно да се најде начин за поголема контрола со оглед на тоа што станува збор за вкупно 144 претпријатија кои располагаат со околу 800 милиони евра и вработуваат над 28 илјади луѓе. Парите што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит од просечни 6 проценти би ги обновиле за 38 години, а вложениот и заработен капитал би го вратиле за 32 години.

Во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години. Еден од клучните проблеми се наплатата на побарувањата. Просечно време на 30 те најголеми јавни претпријатија за наплата во анализираниот период изнесува 253 дена.

Неспроведување на законот - им го сочува директорското столче

Транспарентноста беше една од клучните предизборни ветувања на владејачката СДСМ во преизборниот период. Во 2018 година се водеде и правило дека избрани функционери кои нема да бидат транспарентни за нивното менаџирање со државните пари ќе бидат разрешени пред истекот на мандатот.

ЈП Желеници Инфраструктура, Јавно радиодифузно претпријатие Национална радио-телевизија – Скопје, ЈСП Скопје,ЈП за магистралните и регионалните патишта, Јавните комунални претпријатија - Дервен Велес, Комуналец – Струмица, Комуналец Прилеп и Тетово, не објавиле ниту еден квартален извешатај за финансиско работење.

Во анализата на Граѓанскиот центар за комуникација се наведува дека се исполнети услови за разрешување на 15 директори на јавни претпријатија. Имено, Законот за јавни претпријатија (член 24-а) предвидува разрешување на директорот на претпријатието за ненавремено објавување на веб-страницата на претпријатието на тримесечните финансиски извештаи за тековната година, како и на годишната сметка и извештајот за претходната гoдина.

затворена продавница во ГТЦ

На врвот на листата со највисоко ниво на исполнување на обврските од 82 отсто, повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, а на дното е АД „Градски трговски центар“ со 16 отсто исполнување, според извештајот „Транспрентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост“. Во него е наведено дека една третина од претпријатија не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и надзорните одбори.

„ Додека пак објавувањето на биографиите на членовите на овие управувачки органи е практика само на 13 проценти од претпријатијата“, се посочува во извештајот „Транспрентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост“.

Слична е состојбата и со акционерските друштва кои ги основа Владата. Само Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и АД М-НАВ ги објавиле финансиските извештаи за 2019 година, а ниту едно акционерско друштво нема објавено квартални финансиски извештаи за 2020 година.

Но, со оглед на тоа што тие се основани во согласност со Законот за трговски друштва, кај нив финансиската нетранспарентност не може да биде санкционирана со разрешување на директорот, се вели во извештајот Транспаренстнот и отчетност на претпријатијата во државна сопственост.

Јавните претпријатија се 30 проценти вкупниот колач на јавните набавки

Дополнително овие претпријатија носат и висок ризик за корупција во јавните набавки поради честите и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку слабата реализација на плановите, посочуваат невладините организации.

Лани јавните претпријатија основани од Владата, градот Скопје, општините Гостивар, Струга и Кавадарци, за јавни набавки заедно потрошиле 242 милиони евра, а годинава таа вредност може и да биде надмината затоа што истите во првите шест месеци од годинава потрошиле вкупно 142 милиони евра, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Директорката на Граѓанскиот центар за комуникации Факиќ вели дека нивните истражувата покажале дека ризиците од корупција се присутни во сите фази од јавните набавки и дека се неоходни итни мерки за превенција и санкционирање на корупцијата.

„Штом е присутна корупцијата и незаконското постапување во однос на јавните набавки каде што се трошат од страна на јавните претпријатија и акционерски друштва и до 300 милиони евра годишно, се разбира дека тоа негативно се одразува и на нивните финансиски резултати на крајот на годината и на нивните долгови“ вели таа.

До сега дел од јавните претпријатија, и на локално и на централно ниво не успеаја да се реорганизираат и реформираат за да излезат од магичната спирала на продуцирање долгови.

Владата и општините не изготвуваат подетални анализи за резултатите од работењето на овие претпријатија со што изостанува јасна слика за ефикасноста на нивното работење.

Секое трето претпријатие работи со загуби, а дел од претпријатија кои прикажуваат позитивни финансиски резултати се јавуваат на листите на големи должници на Управата за јавни приходи (УЈП) за неплатени даноци или пак имаат големи неплатени доспеани обврски, што говори за нереално прикажување на добивка од работењето.