Донфрид: Исполнивте тешки задачи, иднината на С.Македонија е во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и помошникот Државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид

САД сакаат што побрзо да се одржи меѓувладината конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, порача помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Донфрид. Според неа, С.Македонија ги исполнила потребните реформи и заслужува брзо да напредувате кон ЕУ.

Претставници на Северна Македонија и на Владата на САД на 2 јуни ќе одржат стратешки дијалог во Вашингтон. Ова денеска го најавија Министерот за надворешни работи Бујар Османи и помошникот Државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид по нивната средба во Скопје.

Видете и ова: Сламка за спас или апсурден предлог - ЕУ како гарант на Бугарите во Македонија

На средбата, како што посочи Донфрид, разговаравле за взаемни интереси и како да се зајакне стратешкото партнерство меѓу двете земји. САД, како што рече, изразуваат пофалби за Северна Македонија за континуираните напори за постигнување на евроатланска иднина. Донфрид додаде дека САД сакаат што побрзо да се одржи меѓувладината конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

„Веќе предолго се одолговлекува одржувањето на оваа конференција. Вие исполнивте тешки задачи. Ги исполнивте потребните реформи и заслужувате брзо да напредувате. Ова сме го кажале веќе и ќе го повторам. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Вашето пристапување ќе донесе поголема стабилност во Балканот и поголем просперитет во Европа“, рече Донфрид.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Донфрид – Османи: Почнува стратегискиот дијалог со САД

Министерот Османи порача дека им е чест што Северна Македонија ќе биде прва земја од Западен Балкан која отвора стратешки дијалог со САД со кој ќе се зајакне стратешко партнерство меѓу двете земји. Војната во Украина, како што рече, демонстрирала јасна потреба од нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.

„Процесите на проширување на ЕУ претставува и беззбедносна политика и оттука членството на регионот во ЕУ е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој до нас нема време за губење. Отсуството на напредок на евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава, земјите од Западен Балкан и отвара простор за штетни влијанија од трети земји поради што забрзувањето на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“, рече Османи.

Донфрид посочи и дека како еден од најмладите НАТО сојузници, земјата е бранител на демократија и владеењето на правото, при што Северна Македонија застанала заедно со меѓународни партнери за поддршка на украинскиот народ и нивното право да ја определат сопствената иднина. Северна Македонија, според неа, покажала дека ја цени слободата и е стабилен партнер и земја која придонесува кон регионалната и светска безбедност. Таа додаде дека САД со нетрпение го очекуваат претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Видете и ова: Сто дена влада - затвори една дупка, отвори друга

„Треба да се одржи темпото на реформите. Има работа што треба да се направи, меѓутоа С. Македонија покажа дека може да се справи со предизвикот“, додаде таа.

Османи порача дека продлабочување на соработка со САД и зајакнување на нивното присуство во регионот е особено значајно во услови на безбедносни ризици поради војната во Украина. Тој додаде дека двете земји се обединети во поддршката и солидарност со украинскиот народ. Како НАТО сојузник, според него, Северна Македонија има обврска да придонесува во регионална стабилност и САД и другите земји може да сметаат на неа како на стабилен и кредибилен партнер.

Ова беше прва официјална посета на Донфрид. Воедно таа оствари средба и со премиерот Димитар Ковачевски.

Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.