Димовски - Партиски работници живеат на грбот на колегите кои вистински работат

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димовски - Бараме и сабота да биде неработен ден

Во администрацијата имаме работници кои не одат на работа и тие се баш партиски работници. А тој што вистински работи на своето место има поголем обем на работа, бидејќи работи и за колегата кој не оди на работа, вели во неделното интервју на РСЕ, Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Господине Димовски, денеска е Меѓународниот ден на трудот, па на скара или на протест? Имаат ли работниците причина за славење?

Дефинитивно протести, за потоа тоа да прерасне во едно општо задоволство дека ние работниците денеска ќе се собереме и да ги бараме нашите права согласно закони и колективни договори и да пратиме до нашите народни избраници, работодавачи и Владата една јасна порака дека бараме повисоки плати во оваа економска, енергетска и по ново воена криза, за да може да опстанеме како работници и она што го работиме да биде вреднувано достоинствено.

Опозицијата ве критикува дека владата ве користи за да ги минира преговорите на СОНК и другите синдикати кои не се ваши членови. Дури го користи и терминот – омилениот синдикалец. Како ги коментирате ваквите тврдења?

Мене лично како Дарко Димовски, како претседател на Сојуз на синдикати на Македонија, ми е јасно дека ниту владата, ниту опозицијата не сака да има јак синдикат. Зошто за опозицијата го кажувам тоа? Бидејќи ние ги решаваме оние проблеми од работен однос во интерес на работниците. Јасно ми е дека тогаш опозицијата нема што да критикува, бидејќи ние како Сојуз на синдикати на Македонија, сè што ни беше зацртано – Недела неработен ден, плус зголемување од минимум 50 отсто на дневницата за оние што работат во недела, потоа минимална плата од 18 илјади денари, и сега новата методологија за скалесто покачување на останатите плати и правото кога, баш во 2008 година кога еден несреќен министер и еден несреќен синдикат, се изгуби правото на регрес во јавниот сектор или актуелното К-15.

Видете и ова: Протести наместо скара на Први мај

Дали до ССМ се пристигнати претставки за непочитување на законското решение за - Недела неработен ден?

До овој месец до Сојуз на синдикати има преку 4.800 пријави на правни субјекти или вкупно се работи за преку 15 илјади работници, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Најголемо жалење во јавниот сектор е дека тоа право се прекршува во здравствените установи, во јавните комунални претпријатија и во дел од компаниите кои се занимаваат со енергетика. А во приватниот сектор најголемо прекршување има во секторот трговија, онаму каде што некои несовесни работодавачи ги повикуваат работниците тој ден на работа, ги прикриваат и несоодветно ги плаќаат за тој ден, бидејќи немаат начин како да ги платат затоа што не се предвидени во дејностите за работа во недела.

Има ли политички влијанија во синдикалното организирање ако земеме в предвид дека јавниот сектор во партиските пресметки е опишан како партиска војска?

Во администрацијата треба да се случат сериозни реформи, бидејќи во администрацијата, јас јавно го зборувам тоа, не го зборувам во завиена форма, имаме работници кои не одат на работа и тие се баш партиски работници, бидејќи знаеме дека институциите преминуваат во прегратките од една во друга партија кога доаѓаат на власт. И има една голема демотивација меѓу тие работници и за тоа се добива таков впечаток дека администрацијата ништо не работи. Не, напротив, администрацијата работи и повеќе од тоа што треба, бидејќи работи и за колегата кој не оди на работа, а тој што вистински работи на своето место има поголем обем на работа. Оној што навистина треба да се критикува тоа е оној што ја води таа институција или установа, односно раководството. Ако некој дозволи за време на работно време некој да не биде на своето работно место, да се пие кафиња, како што велат, зад шалтерите, и да не ја работи својата работа, треба навистина да ставиме способни луѓе и менаџери кои навистина ќе знаат да ја работат работата, а не само да имаат партиска книшка и потоа да станат функционери, политичари или како што јас ги вика, поликанти или раководни лица на тие институции. Затоа не треба да се покажува со прст кон работникот што навистина оди на работа и си ја работи работата, треба прстот да се впери во тие што дозволуваат некои партиски војници само да бидат на платниот список, да земаат плата и да го демотивираат вистинскиот работник кој работи и за него и за себе, тоа значи дека има зголемен обем на работа.

Целото интервју со претседателот на ССМ, Дарко Димовски може да го погледнете во видеоснимката на почетокот на овој текст.