ДИК - изборни резултати, мандати, хакирања, реакции и оценки

Зоран Заев, Мендух Тачи, Димитар Апасиев, Зијадин Села, Христијан Мицкоски и Али Ахмети

Според првичните официјални неконечни резултати кои ги соопшти ДИК, на вчерашните парламентарни избори најмногу пратенички мандати освои СДСМ- 46 па потоа следат ВМРО ДПМНЕ со 44 И ДУИ со 15. Според меѓународните набљудувачи пак, изборниот ден беше мирен.

Еден ден по изборите Државната изборна комисија ги соопшти првите официјални неконечни резултати. Според избројаните гласачки ливчиња и пресметките на ДИК, најмногу мандати освои коалицијата предводена од СДСМ 46, потоа следува коалицијата„Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44, а ДУИ 15, Алијансата за Албанците и Алтернатива добија 12 пратенички мандати, а Левица ќе влезе во Собранието со два пратеника а ДПА со еден.

Прес на ДИК:

Претседателот на државната изборна комисија Оливер Деркоски на денешната прес конференција посочи дека хакерскиот напад не предизвикал голема штета туку мало одложување на соопштување на изборните резултати.

„При тоа се појавија разни шпекулации, лажни вести предизвикани од тие шпекулации, јас сакам одговорно да ги демантирам тие шпекулации кои што во текот на денешниот ден се ширеа, сакам да укажам на фактот дека ДИК работи според изборниот законик. Сакам да напоменам дека овој пат ДИК се обиде да го забрза процесот со софтверска апликација која вчера ни помогна и те како и нас и вам за брз трансфер на податоци, но за жал во текот на ноќта нашиот сајт беше мета на хакери и со таа апликацијата не можевме да ги споделиме информациите со вас. Јас ве уверувам дека сето она што го следевте беше во реално време и беше вистинито,“ вели Деркоски.

Хакерски напад врз веб страницата на ДИК беше причината за продолжување на неизвесноста за резултатите од вчерашната изборна трка.

Деркоски изјави дека за овој сајбер нападот на веб страницата на институцијата е пријавено Министерството за внатрешни работи и секторот за сајбер криминал, кој што веќе започна со своите активности.

„ Хакиран беше сајтот, а не апликацијата“ децидно посочи Деркоски.

Оценки на набљудувачите

За меѓународните и домашните набљудувачи изборите беа генерално добро спроведени. Сепак правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила, велат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во денешната изјава.

„Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување на избори, и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања, подолго време пред одржувањето на следните избори,“ рече Лаима Андрикиене, шефицата на СМПИ на ОДИХР.

Општа оценка на изборниот процес според првичните резултати од досега обработените извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ е дека имавме уште еден деликатен, но успешен, односно недовршен поради Државната изборна комисија (ДИК), демократски слободен и безбеден изборен процес во земјава, оцени на денешната прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.

Во меѓувреме, на социјалната мрежа Фејсбук се огласи и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој посочи дека по нивно барање ДИК повторно ги пребројува резултатите од записниците, се со цел да се отстранат сите можности за било какви неправилности во однос на резултатите од избориве.

„ Имаме сознанија дека бројките од резултатите внесени во системот на ДИК не соодветствуваат со точните бројки внесени во официјалните записници. За секој обид за нарушување на правдата и секоја правна нерегуларност ќе има одговорност. Во моментов сите опции се отворени, и по завршувањето на пребројување ќе ги соопштиме нашите следни чекори“ напиша Јанушев.

Владејачката СДСМ пак, претходно посочуваше дека податоците со кои излезе првично ДИК се разликуваат од нивните и дека наместо со два коалицијата предводена од СДСМ е во предност со три мандата пред коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. По тоа и техничкиот премиер Оливер Спасовски ја повика ДИК да излезе и да ги соопшти конечните резултати за да може да се почне со работа.

Кој ќе формира влада?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кој ќе состави нова влада?

“Нашата коалиција „Можеме“ е победничка на овие избори, рече во раните утрински часови лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е и кандидат за мандатар за состав на влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, ден по предвремените парламентарни избори, изјави дека неговата партија има најголем кребилитет да формира влада и дека нема да прифати никакви услови за формирање нов владин состав.

Во албанскиот политички блок Лидерот на ДУИ Али Ахмети прогласи победа со 15 пратенички места. Генералниот секретар на Движењето Беса, Аријанит Хоџа смета дека удвојувањето на мандатите на БЕСА е голем успех.

Роковите за формирање парламентарно мнозинство ќе почнат да течат почнуваат да течат кога ДИК ќе ги објави конечните податоци од изборите. Во наредниве 48 часа партиите ќе можат да поднесуваат приговори до ДИК. Ова беа десетти парламентарни избори кои поради пандемијата беа одложени. Првично тие требаше да се оддржат а 12 април.