Алармантна е состојбата со неконтролираната сеча на шумите во земјава. На тоа укажуваат бројни граѓански здруженија, кои се грижат за животната средина. Прашуваат, дали Македонија има капацитет за да го издржи овој притисок врз шумите или дали за некого се поважни десетиците милиони евра, кои според податоците од последните истражувања, легнуваат на сметките на дрвокрадците.
Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во совоето истражување објавено овој месец, наведува дека од 2001 година наваму државата е на удар од „шумската мафија“ чија криминална активност е проценета на приближно 60 милиони евра на годишно ниво. Според овие бројки, дрвокрадците во период од 20-тина години заработиле над милијарда евра.
На сличен проект за нелегалната сеча на шумите, поддржан од Европската унија, паралелно работеше и Центарот за граѓански комуникации.
Според истражувањето на оваа организација, ЈП „Национални шуми“ годишно сече меѓу 500 и 600 илјади метри кубни огревно дрво, а сопствениците на приватните шуми сечат во просек од околу 100 илјади метри кубни.
Потрошувачката на огревно дрво во домаќинствата и јавните установи во просек се движи меѓу 1,4 и 1,6 милиони кубни метри дрво, со што разликата меѓу легално исечената дрвна маса и потрошувачкта на дрвото, зависно од годината, достигнува меѓу 900.000 и еден милион метри кубни, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Како е ова возможно?
„Тоа е невозможно да се прави без знаење или да кажеме, без благослов на институциите“, вели Александар Писарев, кој е автор на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации насловено „Запознавање на механизмите и алатките за спречување на криминал и корупција при експлоатација на шумите.“
За „немоќта на државата“ да се справи со нелегалната сеча на шумите, тој вели дека една од причините е „закочената трансформација“ на ЈП Национални шуми.
„Проблемот е во тоа што институциите кои се надлежни и кои треба да понесат најголема одговорност, кога е во прашање експлоатација на шумите, меѓуресорски не се поврзани. Тие институции работат секоја посебно“, вели Писарев посочувајќи дека „чудни се податоците“ за нелегалната сеча кои ги објавуваат и регистрираат државните инстиуции, кои се различни од оние во нивните анализи.
Според законската регулатива во земјава, надлежни за заштитата, одгледувањето и експлоатацијата на шумите се ЈП „Национални Шуми“, кои имаат 30 подружници во сите региони на државата, но експлоатацијата на шумите ја одобрува и следи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во чии рамки е Шумската полиција.
Во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации се вели дека „поради закочената трансформација“ на ЈП „Национални шуми“, неговата лоша кадровска и техничка опременост за теренска работа, 75 проценти од работата на терен во ова јавно претпријатие ја вршат надворешни економски оператори, а 25 проценти вработените.
Дали овие податоци од истажувањата навестуваат незаконско присвојување и менаџирње на шумите во Македонија? Писарев вели дека постојат бројни недостатоци во работата на институциите.
„Бројни се тие системски слабости. ЈП „Национални шуми“ вработува над 2.200 вработени, а истовремено преку огласи и преку јавни набавки вработува огромен број на надворешни извршители, за кои на годишно ниво плаќа 800 милиони денари. Јас во моето истражување поради икс работи, не сум можел да наведем што сѐ се случува, меѓутоа тие надворешни извршители често пати не добиваат парична надокнада од Јавното претпријатие, туку едноставно добиваат отворена карта да можат да сечат одредена количина на шума“, вели Писарев.
Тој додава дека таа количина никој не ја одредува прецизно, ниту, пак, некој на терен евидентира колку дрво е исечено.
„Затоа има ситуација во државата да на секој чекор имате складови за продажба на огревно дрво, кои главно се приватни и ако малку повеќе анализирате преку податоците на Централниот регистар, ќе видите дека сопствениците на тие складови истовремено се и надворешни извршители кои работат за националните шуми. Тука нешто не штима“, вели Писарев.
Авторите на истражувањата посочуваат дека бесправното сечење на шумите во Македонија сѐ уште не се третира како еколошки криминал, без оглед на тоа што предизвикува далекусежни негативни последици врз вкупниот еко-систем, намалување на шумскиот фонд, климатски промени, ерозија на земјиштето и намалување на кислородот на земјиштето.
Во истражувањата на невладините организации, исто така, е анализиран аспектот на случаите, кои обвинителствата ги отвораат против дрвокрадците. Авторите велат дека овие случаи многу често не добиваат завршница.
Во истражувањето на „Еуротинк“се вели дека бројот на покренати постапки против познати и непознати сторители е поразително низок. Според податоците добиени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Национални Шуми, МВР и надлежните основни јавни обвинителства, бројот на постапки од година на година се преполовува.
Граѓанските организации наведуваат дека целта на нивните истажувања е да се укаже на потребата за подобрување на соработката меѓу институциите за да бидат намалени нелегалните активности во шумите и да се спречи нелегалната сеча.
Укажувања за нелегалното сечење на шумите се долгогодишни, но ефектите од нив сѐ уште не се видливи.