Достапни линкови

Катастрофални последици од човековата деструкција врз природата


Џиновска видра - Популациите на слатководни видови се намалиле за 84 проценти повеќе од оние што живеат во шуми или океани, велат од Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).
Џиновска видра - Популациите на слатководни видови се намалиле за 84 проценти повеќе од оние што живеат во шуми или океани, велат од Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).

За помалку од половина век, популацијата на дивите видови животни во светот е намалена за две третини, главно поради уништувањето на животната средина и природата, објави Светскиот фонд за заштита на природата (WWF Adria). Слична е состојбата во Македонија и целиот балкански регион.

Тука е вклучено уништувањето на шумите, неодржливото земјоделство и нелегалната трговија со диви животни, со што светската популација на цицачи, птици, водоземци, влекачи и риби е намалена во просек за две третини во период од 1970 година наваму, се вели во светскиот Извештај за зачувување на природата 2020 на WWF Adria во кој е наведено дека од ваквите активности е загрозено и човековото здравје.

WWF Adria е една од најголемите организации вклучени во заштита на природата со активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји во светот, која за проблемот бара итна акција од светски лидери.

„Ова во голема мера е резултат на уништување на животната средина што придонесува кон појава на зоонотски болести како што е пандемијата на КОВИД-19“, се вели во извештајот.

Најзагрозен е живиот свет во слатките води, а слично е и во Македонија и регионот кои изобилуваат со прекрасни реки и богат биодиверзитет на слатководни екосистеми, како што вели Ана Чоловиќ – Лешоска – координатор за политики во WWF Adria и извршна директорка на „Еко-свест.“

Таа посочува дека „за жал“ Македонија не успева да ги зачува своите вредни богатства.

„Постојано сме сведоци на катастрофално испуштање на штетни материи во водните текови, без изрекување на соодветни казни за сторителите. Исто така, и понатаму продолжува изградбата на малите хидроелектрани на нашите реки, кои не само што ја уништуваат природата, туку и го оставаат локалното население без вода за пиење“, вели Чоловиќ – Лешоска.

Река на планината Јабланица во Македонија. Биодиверзитетот на слатководната вода исчезнува многу побрзо отколку во океаните или шумите. Извор: Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).
Река на планината Јабланица во Македонија. Биодиверзитетот на слатководната вода исчезнува многу побрзо отколку во океаните или шумите. Извор: Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).

Од 1900 година наваму исчезнале повеќе од 70 проценти од светските мочуришта, а од 1970 година популациите на слатководни видови се намалиле за 84 отсто повеќе од оние што живеат во шуми или океани, се вели во истражувањето.

Дека биолошката разновидност се соочува со криза на планетарно ниво, објаснува и Методија Велевски – биолог од Македоснкото еколошко друштво. Тој неодамна посочи дека е во тек шестото масовно исчезнување на организмите.

Милиони видови животни исчезнуваат побрзо од диносаурусите

Велевски вели дека во Македонија има многу ендемични видови инсекти, мекотели и риби кои природно се ретки и се среќаваат само во една река или мал слив на река и дека човечките интервенции во природата многу лесно ќе ги пренесат во категорија загрозени или критично загрозени видови.

Пелистерската пастрмка е загрозена според Меѓународната унија за заштитна на природата, се намалува бројот на Пелагониската пастрмка и речното ракче, а за многу видови сѐ уште ништи не се знае, вели Велевски.

Тој додава дека Египетскиот мршојадец е загрозен на глобално ниво, а во Македонија е критично загрозен, бидејќи за 15 години неговата бројност е намалена од 40 на 15 парови, а пред десет години имало 140 парови.

„Како се дозволи пристапот до клисурите успехот на гнездење на овој вид паѓа. Со малите хидроцентрали се истеруваат парови во Моклиште, патот за клисурата Матка истера друг пар, па сега на ова ќе се доврзат други работи- автопатот Демир Капија, па магистралниот пат Раец, па фабриката за вода Кратово и така едно по едно доаѓа од 140 на 16 парови за 30 години’, наведе Велевски на на меѓународната конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата„ - предизвици и решенија одржана во 2019 година.

Природата е во голема неволја, време е за акција

Извештајот за состојбата на планетата на WWF Adria е сеопфатна студија за состојбата на природата преку индексот на живата планета (Living Planet Index – LPI), кој ја следи состојбата на популациите на диви видови.

Во него се вели дека некои од факторите за намалување на популацијата се загубите и деградацијата на живеалиштата, вклучително и уништувањето на шумите, но како клучен двигател е посочено производството и потрошувачката на храна за што е наведено дека се потребни промени за „поефикасно и еколошки одржливо производство.“

Плави пеперутки. Извор: Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).
Плави пеперутки. Извор: Светкиот фонд за заштита на природата (WWF Adria).

„Извештајот „Состојба на планетата 2020“ посочува дека забрзаното уништување на природата, како резултат на човочеките активности, има катастрофални влијанија, не само врз популациите на дивиот свет, туку и врз здравјето на луѓето и сите други аспекти од нашите животи“, вели Марко Ламбертини – извршен директор на WWF International.

За изработка на Извештајот за состојбата на планетата 2020, користени се податоци од 4.392 видови и 20.811 популации, наведуваат авторите.

Во него исто така се вели дека светките лидери „мора веднаш да дејствуваат“ и да развијат рамка за акција по 2020 година, со што ќе биде означена „пресвртница во поставувањето на темелите за итно потребниот нов договор за природата и луѓето“.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG