Достапни линкови

Светски ден на животната средина – „Природата ни праќа порака“


Архивска фотографија - чад од шумски пожари во Бразил, во сливот на Амазон. 24.08.2019.
Архивска фотографија - чад од шумски пожари во Бразил, во сливот на Амазон. 24.08.2019.

Денеска е Светскиот ден на животната средина, кој се одбележува секоја година на 5 јуни од 1974 година наваму. Повиците се насочени кон владите и граѓаните за зголемена ација, ангажираност и напори за решавање на проблемите во животната средина. Сепак свеста за проблемите на глобално ниво и натаму е ниска, сметаат активисти.

Оваа година во фокусот е заканата врз биодиверзитетот, прашање кое е итно и егзистенцијално, како што се наведува во Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП).

„Неодамнешните настани, од пожарите во Бразил, САД и Австралија, до наездата на скакулци во Источна Африка, како и сегашната глобална пандемија на болести – ја демонстрираат взаемната зависност меѓу луѓето и другите мрежи на живот. Природата ни испраќа порака“, се вели на официјалната интернет страница на Светскиот ден на животната средина.

Во објавата се наведени потребите за создавање на глобална платформа за инспирирање на позитивни промени во светот, да биде препознаена потребата за глобалните промени кои бараат одговор од глобалната заедница, од начинот на кој конзумираме, до создавањето на бизниси кои ќе развиваат зелени модели, поодржливо земјоделско произведство, владите да го заштитат дивиот свет и приородата, просветните работници да ги инспирираат младите да живеат во склад со Земјата и силно да се борат за зелена иднина.

И покрај повиците дека ова се времиња на здравствена криза со Ковид -19 во кои природата предупредува дека грижата за нас, подразбира и грижа за природата, дел од еко-активистите од земјава сметаат дека и натаму е ниска свеста на глобално ниво за заканите врз животната средина, особено за климатските промени, но и за начинот на употреба на природните богатства, уништувањето на биодиверзитетот и шумите, аерозагадувањето, отпадот...

„Свеста во светот е генерално многу ниска. Сѐ уште не е разбудена онаа совест кај граѓаните да сфатат дека сите овие работи влијаат на климатските промени и дека сето ова треба да го промениме за да ги ублажиме климатските промени, бидејќи не можеме да ги спречиме. Дури и поврзаноста со пандемијата и уништувањата на природните ресурси, сакатењето на животната средина и природата, сега почнува да провејува низ медиумите и врз свеста на луѓето“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Таа додава дека особено во Македонија е ниска свеста дека грижата за природата значи и грижа за самите себе и за сопственото здравје, и кај граѓните и кај носителите на одлуки.

„Кај нас поставеноста на работите е обратна, прво развој на економијата за сметка на природата, па потоа се грижиме здравјето. Здравјето на граѓаните и безбедноста на домовите е некаде најдалечен приоритет и затоа не постои поврзаност во носењето на политиките, каде на прво место треба да биде здравјето и безбедноста на домовите, а потоа се друго“, вели Николовска.

Биодиверзитетот оваа година е главна тема, во услови кога научниците во светот предупредуваат дека е во тек шестото масовно исчезнување, однсоно дека изумирањето на милиони видови животни може да биде пресвртница и колапс на целата цивилизација.

Биолозите од земјава велат дека Македонија е „жешка точка“ за биолошка разновидност и дека одредени видови се под ризик од енергетски и инфраструктурни проекти, но дека главен двигател допрва ќе бидат климатските промени.

Николвска сепак вели дека позитивно е што во македонското Министерство за животна средина и просторно планирање е започната некаква работа во оваа насока - изработка на национална црвена листа на загрозени видови и иницијативи за прогласување на заштитени подрачја, но посочува дека на институцијата и е потребна силна поддршка од страна на граѓaнските организации.

Македонското еколошко друштво (МЕД) денеска соопшти дека се придружува кон пораките на УНЕП и потсетува дека биодиверзитетот во делови од земјава е исклучително важен за зачувување не само од аспект на национално богатство, туку и заради неговото европско и светско значење.

Од организацијата наведуваат дека поуката која треба да се извлече од оваа криза е дека треба да се напушти линеарниот економски модел „кој е неодржлив со преголемо користење на ресурси и создавање преголеми количини отпад и преку иновативни зелени бизниси да се преориентираме кон циркуларна економија“, како што вели извршната директорка на МЕД Робертина Брајаноска.

„Животниот стил и технологијата имаат сериозни последици врз животната средина, затоа треба да размислиме како може да ја зачуваме животната средина и да го намалиме отпадот. Според експертските проценки, на годишно ниво светот губи 27.000 видови, а доколку овој тренд продолжи, во следните 30 години би загубиле 25 проценти од живите организми, односно, една четвртина од сиот жив свет на Земјата“, велат од МЕД.

Од македонското Министерство за животна средина и просторно планирање денеска по повод Светскиот ден на животната средина повикаа на зачувување на биолошката разновидност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG