По разводот на родителите, студентката Бојана од Скопје последниве две години живее својата мајка и сестра. Нема контакт со таткото и смета дека одлуката за развод била една од најдобрите во животот. Процесот траел долго и имало многу препреки, но вели, на крај добро заврши бидејќи животот вака е многу пофункционален за нив трите.
„Процесот почна кога бев мала, а заврши кога бев веќе полнолетна и тоа многу ме изнервира. Бидејќи во установите кај нас, сѐ е развлечено, сѐ се заташкува. Траеше година дена. Ние веќе и бевме излезени од домот каде живеевме заедно, бидеќи беше навистина неподносливо, а тие потоа се разведоа“, вели Бојана.
Таа се разочарала кога, како што вели, сфатила дека оние кои се подготвени да се разведат поради семејно насилство не се заштитени од установите кои велат дека се тука за нив, а всушност, според неа, речиси воопшто не е така. Не се заштитени ниту нивните деца, а уште поголема тежина додава и етикетирањето од околината.
„Овде разведените се гледат како луѓе со некој хендикеп, како да е тоа нешто 'wow', а многу подобро е луѓето да се разведат на мирен начин, отколку да се трпи сѐ и сешто и да живеат во дисфункционалност. Јас сум вчудоневидена како луѓето реагираат. И децата се дискриминирани. На пример, еве, кога ќе се разведат родителите, некои деца, зависи од какви причини, не остануваат во контакт со другиот родител“, истакнa студентката.
И дваесетидвегодишната Елена Божиновска, која во моментов е единствената наша студентка на римскиот универзитет „Сапиенца“, вели дека се соочувала со дискриминација бидејќи растела без татко. Тој починал кога таа имала четири години и оттогаш живеела со нејзината мајка. Задевањето почнало уште во прво одделение, а растело сѐ повеќе додека стигнала до средно.
„Можеби не директно од тие што учеа со мене во клас, но општо имаше многу навреди кон нас како деца од самохрани, еднородителски и маргинализирни семејства. Од наставниците не, но од децата и нивните родители слушавме погрдни зборови кои не сакам ни да ги кажам. Ова не го очекував од некој кој има 15 години, ама веројатно ги имаат слушнато дома“, вели Божиновска.
Лута и револтирана од коментарите кон неа, кон семејството и други блиски луѓе кои поминале низ некаков тип на еднородителство, самохраност или насилство, решила нешто да промени.
„Јас не сум од оние кои чекаат нешто да им падне од небо, па решив сама да научам како функционираат родовите политики кај нас и какви се законите. Да не заборавиме дека еднородителските семејства сѐ уште не постојат во закон никаде, не се спомнуваат воопшто. Ама политичарите многу сакаат да го спомнуваат тој збор. Иако ако ги прашаш што точно значи тоа нема да знаат “, забележува 22-годишната Елена.
По претходно искуство во „Младите на Една може'“ дел од здружението за родова еднаквост „Една може“, од оваа година, Божиновска е претседателка на првата невладина организација за млади од самохрани и еднородителски семејства „Млади од семејна разновидност“.
„На социјалните мрежи ги објавуваме нивните права и помагаме со документациите кои треба да се подготват за соодветното министерство. Им нудиме и психолошка заштита, правна помош во секој момент, за што и да им треба. Излегуваме со ставови како оној за црквата кога владиката Петар не нарече дисфункционални семејства“, истакна младинската активистка.
„Одиме низ корумпирани лавиринти“
Преку здружението младите добиваат помош која можеби ја очекуваат од државата, а најчесто не ја добиваат, смета претседателката на здружението. Особено во случаи на семејно насилство.
„Полицијата многу ретко си ја врши својата работа кога се работи за семејно насилство. Не ги штити жртвите, ниту нас како организација. Се случувало некој да дознае дека ние сме помогнале, на пример, на поранешната сопруга да пријави во полиција или сме ѝ дале бесплатна правна помош, па ние сме кривите на крај и добиваме закани на Фејсбук, во порака. Дали полицијата, дали социјалното, од каде и да почнам истото е - има само лавиринти и многу е корумпирано сето тоа што се случува таму“, додава младата Елена.
Видете и ова: Контроверзните теми- поблиски за учениците, подалечни за наставницитеСтудентката Бојана вели дека здруженија како „Млади од семејна разновидност“, се единствена помош за младите од еднородителски и самохрани семејства, бидејќи другата опција е одење од институција до институција за џабе.
„Тие имаат направено многу повеќе отколку самата Влада или каква било институција кај нас. Да го имало тоа претходно може друга ќе била приказната сега и за моето семејство. Но, тоа е тоа. Горда сум затоа што тоа буквално го прават деца“, вели студентката од Скопје.
Наспроти ова, Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, кон крајот на минатата година, по средба со две еднородителски семејства од Штип, посочи дека Владата и Министерството се отворени и достапни за сите потреби и предизвици со кои се соочуваат самохраните родители, како и останатите граѓани на кои им е потребна помош.
Тогаш истакна дека социјалната реформа постои за да ги унапреди правата и да ја зголеми помошта за ранливите категории на граѓани, како и дека дава реални резултати, а едни од нив се зголемената социјална помош за 300 %, детскиот и образовен додаток.
„Продолжуваме да ја следиме состојбата на ранливите категории на граѓани и ве уверувам дека ние стоиме до вас, затоа што задоволни граѓани се цврсто јадро за успешна држава“, истакна Тренчевска во нејзиното обраќање по усвојувањето на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, во средината на ноември минатата година.
Таа рече дека точно се мапирани граѓаните на кои им е потребна помош и дека се одговара брзо и неодложно на нивните потреби. Меѓу издвоените беа и самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, за кои беше предвидена финансиска помош од државата во текот на 4 месеци.
Од МТСП за РСЕ велат дека Министерството за труд и социјална политика е особено посветено на обезбедување на заштитата на децата и остварување на нивните права и интереси и во оваа насока е отворено за натамошна соработка со сите засегнати за поефикасна имплементација на позитивните прописи и зајакнување на системот за заштита на децата и еднородителските семејства.
До каде се промените?
Иницијативата за намалена партиципација на факултетите за младите од еднородителски и самохрани семејства чека во Владата. Факултетите излегуваат во пресрет на лична добра волја, кој колку може, па дозволуваат по двајца или тројца да студираат со пониска партиципација. Но, законот засега не се мрда, вели Божиновска. Тие очекуваат прво намалена, а понатаму и укината партиципција за засегнатите студенти.
„Засега е доволно да имаат и пониска партиципација, во државна квота од 200 на 100 евра и во приватна квота од 400 на 200 евра. Од анкетата со студентите само на Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј', имаше 400 луѓе кои сакаат да ја користат оваа можност. Може да замислите колкава бројка е тоа, а се дозволува така да студираат само двајца до тројца по факултет“, истакна активистката.
За ова да се случи потребна е промена во законот за високо образование. А за да стигнат до таму прво иницијативата ја пратиле до Министерството за образование и наука. Од таму ги пратиле во Министерството за труд и социјална политика, каде пак им рекле - пратете во МОН, во Националниот совет за високо образование. Овој февруари стигнале до Влада каде ја доставиле иницијативата директно до еден од советниците на премиерот кој им ветил одговор некаде кон мај.
Видете и ова: Тешка е борбата на самохраните родителиВо меѓувреме, младите мора да веруваат дека е возможна промена, но и да бидат погласни, поистрајни во барањата и да се сплотени во што поголем број, порачува активистката.
„Само на тој начин имаме шанса институциите да нè слушнат - преку иницијативи, петиции, протести, барања. Гледам дека особено помладите службеници и административни работници, иако има и исклучоци, се навистина желни да ни помогнат. Така што, само треба да ја инцираме таа борба. Ние секогаш ќе го правиме тоа кога се работи за деца од еднородителски семејства. Но, бараме и поддршка бидејќи многу често на крај сме оставени сами на себе“, апелира младата Божиновска.
Борбата за правата на младите од еднородителски и самохрани семејства на Божиновска ѝ донесе и номинација на платформата „Емерџинг Јуроп“. Таа е една од кандидатките кои се во трка за едно од првите три места, во категоријата „Млад инфлуенсер за 2022“ година, со фокус на млади кои направиле некаква промена на национално или меѓународно ниво. Вели дека кое место и да го добие, наградата ќе им ја посвети на младите кои ги застапува и на нејзината мајка.