Дендиас: Преспанскиот договор драматично ги подобри односите меѓу двете земји

Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Дендиас и Никола Димитров

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас изјави дека Грција и Северна Македонија имаат заедничка иднина, ако кон тоа се гледа добронамерно. Признава дека спроведувањето на Преспанскиот договор се одвива со доцнења, но дека истиот драматично ги подобрил односите меѓу двете земји.

Спроведувањето на Преспанскиот договор се одвива со извесни доцнења од двете страни, но факт е дека истиот драматично ги подобри односите меѓу двете земји, изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас на неговата прва официјална посета во земјава. По средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров на која разговарале за повеќе прашања од заеднички интерес, меѓу кои, и натамошната имплементација на обврските од договорот, Дендиас истакна дека Грција ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.

„Грција го поддржува влезот на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ. Тоа е заедничка цел. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка“, рече Дендиас.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наскоро преговори за брендовите и трговските марки

Шефот на грчката дипломатија призна дека имплементацијата на Преспанскиот договор се одвива со извесни доцнења од двете страни, без да даде конкретен одговор за тоа зошто во северна Грција се уште не се сменети имињата на патоказите. Дендиас повтори дека ставот на актуелната грчка Влада е оти Преспанскиот договор е завршена работа и треба целосно да се импементира, а со својата работа треба да продолжат и комисиите кои произлегуваат од заедничките правни обврски од потпишаниот договор.

Видете и ова: Заев побарал, Мицотакис ветил помош за датум од ЕУ

„Разговаравме со господинот Димитров во врска со најбрзо работење на составот на комисиите. Но, искрено од срце, тука од Скопје, сакам да ви кажам дека независно од овие процедури коишто треба да се случат, голема (GREAT) ќе биде и нашата заедничка иднина ако ја видиме добронамерно,“ истакна Дендиас.

Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров изјави дека претстојните избори нема да предизвикаат забавување во спроведување на заедничкиот договор, бидејќи како што додаде, истиот е дел од правниот систем и дека мора да се почитува.

„Договорот практично отвори огромен потенцијал за соработка меѓу две соседни држави. За жал, големото прашање не го решивме во 90-тите , но добро е што сега прашањето е зад нас и колку повеќе користиме од потенцијалот што се отвори во смисла на економија, безбедност и други области од заеднички интерес, толку полесно ќе стане и политичкото менаџирање околу договорот и толку на следните генерации ќе им биде почудно и тешко за разбирање како можевме да изгубиме три децении од нашите односи за ова прашање“, изјави Димитров.

Двајцата колеги разговарале за зајакнување на билатералната соработка, но и за првата средба на експертите за трговските марки, како и за отварањето на нови гранични премини. Во таа насока Димитров најави дека многу брзо ќе се одржи првата сесија на експерти кои ќе разговараат за брендовите и трговските марки, а ќе продолжи со работа и заедничката комисија за образовни и историски прашања меѓу двете земји.