Достапни линкови

Заев побарал, Мицотакис ветил помош за датум од ЕУ


Грчкиот премиер Мицотакис му ветил на македонскиот Заев дека Атина ќе се бори за Скопје да добие датум за преговори со Европската Унија

Премиерот Зоран Заев на денешната средба во Грција, побарал од неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис да ѝ помогне на Северна Македонија во добивањето датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Како што изјави Заев по средбата, од Мицотакис добил позитивен одговор.

„Имплементацијата на Преспанскиот договор треба да оди со позитивната и предвидена динамика. Фокусот ни беше на одлуката на Европскиот совет и имав прилика од прва рака да добијам информација како се дискутирало, кои се очекувањата, но мене ми е многу драго што премиерот на пријателска Република Грција ќе се бори за нашата земја, за да конечно го добие датумот за преговори. Секако, премиерот ми образложи детално кои се неговите активности, кои се неговите планови, како да ги направи да ни биде од помош, изјави Заев по денешната средба со Мицотакис.

Освен за датумот за старт на преговорите, премиерите разговарале за имплементацијата на Преспанскиот договор, за граничните премини меѓу двете држави, меѓу кои и за изградбата на преминот Маркова нога, како и за меѓународната експертска група која треба да продолжи со разговорите за да ги најде прифатливите решенија за двете страни.

Претходно, на Самитот во Солун, Заев се сретна и со поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис.

„Добрите пријатели на нашата земја остануваат посветени на одржување и продлабочување на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Грција. Секоја средба со поранешниот градоначалник на Солун Бутарис носи нешто ново. Ме извести дека идната недела ќе посети неколку градови во нашата земја како дел од програмата за поврзување на градовите од двете земји. Се согласивме дека секоја бизнис-инвестиција е инвестиција во пријателството за подобра заедничка иднина за граѓаните на двете земји“, објави Заев на Фејсбук по средбата.

Заев во Солун ќе се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, со кого, според најавите, ќе разговара за зајакнувањето и примената на договорите со Грција и Бугарија.

Премиерот Зоран Заев инаку денеска и утре учествува на годинашниот Самит во Солун, кој е под покровителство на грчкиот претседател Прокопиус Павлопулос.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, на самитот е поканет заедно со премиерите на Грција и на Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов за да учествува на дискусијата „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи“.

Самитот во Солун годинава се одржува по четврти пат, а во соработка со Американско грчката стопанска комора.

XS
SM
MD
LG