Со изјаснувањето на болните, немоќните, лицата со ковид 19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старечките домови и внатрешно раселените лица, во саботаа почна изборниот процес за локалните избори.
Од Државната изборна комисија соопштија дека гласањето се одвива без проблеми.
„Денеска, пред денот на изборите, своето право на глас можат да го остварат вкупно 10 653 гласачи. На гласачките места во 13-те поправно казнени установи, можат да го остварат 1 899 гласачи.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на пладневната прес-конференција ги отфрли како невистинити информациите од невладината ЦИВИЛ дека недостигаат околу 40 лица на Избирачкиот список во казнено-поправните установи и дека избирачкото место во КПУ Идризово било отворено со задоцнување, претседателот на ДИК одговори дека Комисијата е најкомпетентно тело и оти немаат добиено таква информација.
„Јас ви ги кажувам официјалните податоци што ги имаме ние како ДИК, сметам дека ДИК е најкомпетентното тело, ако имаше таква информација ќе ви кажев, сметам дека не е точна таа информација“, изјави Даштевски.
Видете и ова: Свети Николе: младите исчезнуваат
Претходно невладината ЦИВИЛ којашто го следи гласањето со свои набљудувачи излезе со извештај дека во одредени затвори недостасуваат гласачи од избирачкиот список и дека во еден од затворите гласањето не почнало навреме.
Мониторингот на ЦИВИЛ утврдил дека денешното гласање на лицата во притвор и на издржување казна затвор не започнало навремено во КПУ Идризово, односно таму гласањето започнало дури во 8:20 часот, а во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.
„На почетокот на гласањето во КПУ Прилеп и Битола, на гласачите не им било дозволено гласањето со т.н. „домска карта“, за разлика од сите други КПУ каде што тоа било дозволено. Некаде околу 9 часот, овој проблем е надминат и сега гласачите во КПУ Прилеп и Битола можат да го остварат своето право на глас со „домска карта“, како и во сите останати КПУ, соопштија од ЦИВИЛ.
Право на глас имаат и 7921 болни и 476 ковид лица
Според информациите од ДИК, денеска гласаат и 7.921 болни и немоќни лица чии пријави се прифатени од Општинските изборни комисии, како и 476 лица со Ковид-19 и во самоизолација. Гласањето на болните и немоќните го спроведуваат избирачките одбори, додека за гласањето на лицата со Ковид-19 и во изолација се формирани посебни избирачки одбори составени од медицински лица.
На овие избори првпат ќе се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти. Сепак, ДИК одлучи лицата што гласаат денеска да не бидат проверувани со овие уреди, туку гласањето да се спроведе УВ ламба, со која се проверува дали лицето претходно гласало и со прскање со спреј, за да се обележи дека веќе е искористено правото на глас.
Во последниот извод на Избирачкиот список се запишани 1 899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, во согласност со евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица. Доколку некое од овие лица чии барања за гласање се потврдени не биде најдено во својот дом од страна на избирачкиот одбор, правото на глас нема да може да го оствари на денот на гласањето.
Дежурни обвинители ќе го следат изборниот процес
Јавното обвинителство соопшти дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.
„Јавните обвинители посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање“, се наведува во денешното соопштение на ЈО.
Обвинителството информира и дека во текот на утрешниот изборен ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.
„Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“, се додава во соопштението од ЈО.
Видете и ова: По Дубаи и Малта, печалбари сега заминуваат и во регионотПоткуп на гласови, притвор за закани по живот
Во меѓувреме, МВР соопшти дека полициски службеници синоќа привеле четири лица, кои биле забележани како даваат пари во замена за глас на претстојните локални избори на местото викано Аџево на подрачјето на Полициската станица „Драчево“.
Како што соопшти МВР, осомничените Е.Б. (26), С.М. (27) Н.Б. (50) и Ј.М. (35) се приведени под обвинение за вршење на кривичното дело „поткуп при избори и гласање“ од член 162 од Казнениот законик.
При приведувањето кај четворицата осомничени се пронајдени 121000 денари и 250 евра.
„За случајот е известен јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата, а тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка“, се додава во соопштението на МВР.
Приведен е и 50-годишен човек од село Милино, Општина Лозово, по претходно добиени оперативни сознанија дека врши поткуп во врска со претстојните локални избори, при што давал и нудел пари, а лицата кои добивале пари се потпишувале на документ дека примиле пари.
Осумдневен притвор пак му е одреден на 27-годишен прилепчанец поради закани упатени кон кандидат за градоначалник на Прилеп и неговото семејство преку социјалната мрежа Фејсбук.
Основното јавно обвинителство Прилеп информира дека повело постапка за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ против осомничениот, кој биле приведен вчера на граничниот премин Табановце при влез во државава и предаден на испитување во Обвинителството.
Инаку, резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација, ќе бидат објавени заедно со резултатите од неделното изјаснување на локалните избори.
299 кандидати за градоначалници и 576 листи за советници
Станува збор за седми локални избори во земјата . Се гласа за 10.831 кандидат од кои 299 кандидати за градоначалници, а останатите за советници. Најголем дел односно 91 листа се од група избирачи односно независни, а 31 се политички партии и коалиции.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.