Невозможно е македонски дипломати да спроведат толку комплицирана операција како извлекување на ерменски олигарх од Ереван без за тоа да бидат запознаени повисоки функционери, а уште поневозможно е македонските власти три години да не знаеле за тоа, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски по апсењето на македонски дипломат во Србија, според меѓународна потерница од Ерменија.
Видете и ова: Ајмо пасоши, три за стоТој посочува дека Интерпол и Секторот за меѓународна полициска соработка се под директна надлежност на министерот за внатрешни работи.
„Таа размена на информации, особено во делот на потрагите нема шанса да не ја знаат. Од моментот на распишување на потрагата, таа може да биде скриена од министерот месец, два, три, но министерот добива неделен билтен, кој е државна тајна, во којшто мора да се содржани сите. Истото важи и за премиерот и за министерот за надворешни работи, а особено со оној дел во којшто МНР ги издава дипломатските пасоши кои не ги издава МВР туку МНР. Тоа се состојби коишто некој не може вечно да ги крие и да ја префрла одговорноста на референти или на понискиот ешалон“, вели тој.
Во џејмсбондовската афера која ја објавија македонските медиуми, тројца македонски дипломати, со изнајмен приватен авион, претставувајќи се како вработени во невладина организација за лица со посебни потреби, пристигнале во Ереван и од таму со фалсификуван пасош го извлекле ерменскиот бизнисмен и поранешен дипломат Левон Саркасјан против кого се воделе истраги за затајување данок и нелегално збогатување. Извлечениот бизнисмен е брат на поранешниот ерменски претседател Серж Саркасјан.
Операцијата се случила во 2018 година, но јавноста дозна за неа пред неколку дена кога македонскиот дипломат Миле Миленковски од Мисијата во ОБСЕ во Виена, беше уапсен во Србија според меѓународната потерница издадена по него од ерменскиот Интерпол, поради „илегален премин на граница извршен од група по претходен договор или со употреба на сила или закана“. Миленковски е во екстрадициски притвор во Србија, каде што се чека комплетирање на документацијата, по што може да биде екстрадиран во Ерменија.
Во јавноста останаа низа неодговорени прашања за тоа како на дипломат по кој има распишано меѓународна потерница не му фалело влакно од главата, па дури и пред неколку месеци повторно бил назначен за заменик-шеф на Мисијата во ОБСЕ. По обелоденувањето на аферата, надлежните креваат раменици и си ја префрлаат топката еден со друг.
Видете и ова: Партиски пресметки за криминалци со македонски пасошиМиленковски првпат бил испратен на должност во Виена во 2015 година, кога министер за надворешни работи е Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ. „Ереванската афера“ се случува во 2018-та кога шеф на дипломатијата е Никола Димитров, а повторно е испратен во Виена годинава кога на чело на МНР е Бујар Османи. Потерница по Миленковски била распишана во февруари годинава, кога на чело на МВР е техничкиот министер Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ. Во останатиот период министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски.
Ѓурчевски вели дека е невозможно највисоките претставници на власта да не знаеле за случајот.
„Не може највисоките државни функционери коишто имаат пристап до класифицирани информации со назнака државна тајна, не службена, туку државна, највисоката, да кажуваат дека три или четири години наназад немале податоци дека се одвиваат вака штетни и високо организирани криминални дејствија“, вели тој.
Премиерот Зоран Заев денеска рече дека никој не треба да биде прогласен за виновен додека тоа не се докаже, но ако некој го прекршил законот треба да одговара. Тој рече дека за случајот бил информиран од медиумите.
По обелоденувањето на аферата, министерот Османи најави вонреден ветинг во дипломатијата, а сите раководни позиции во Министерството задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг преку системот на НАТО сертификати, но не кажа зошто годинава повторно го упатил Миленковски на служба во Виена.
Вицепремиерот за европски прашања и поранешниот шеф на дипломатија Никола Димитров, во чиј мандат се случила „ерменската афера“ вели дека Миленковски бил упатен во Виена во време на неговиот претходник, а тој не му го продолжил мандатот затоа што имало „индиции за истрага“, но оти во 2019 сè уште немало распишана потерница.
Поранешниот министер Никола Попоски, пак, прашува „зошто Димитров не реагирал, ако како што пишува сега самиот бил запознат“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, пред неколку дена изјави дека потерницата против Миленковски била распишана кога технички министер за внатрешни работи бил Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2019 година има информации кои ги добива МНР дека е можно да имаме вклученост на наши дипломати во одредена постапка. За тоа веднаш е известено МВР, но во тој момент немало меѓународна потерница за ниту еден дипломат. Меѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25. февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи е Наќе Чулев. Што во тој момент е направено, дали е известено МНР или не, немам детални информации“, рече пред неколку дена Спасовски.
Чулев преку Фејсбук возврати дека неговата улога како во Владата била спроведување на парламентарните избори и оти „ниту еден од пиуните на Оливер Спасовски“ до него не доставил информација за каков било криминал од меѓународни размери.
Поранешниот полициски началник Ѓурчевски, пак, вели дека ова го потсетува на аферата „Двојник“ во која полициски службеници добија затворски казни за издавање оригинални македонски пасоши на белосветски криминалци под друго име, а никој од надлежните не презема никаква одговорност.